Најголем проблем во нашето секојдневие е организација и исполнување на сите наши обврски, особено кога станува збор за планирање на било каква медицинска процедура. Поради тоа, накратко ги наведуваме најважните информации за ласерската корекција на диоптрија кои ќе ви помогнат во полесна организација пред и по интервенцијата.

Ласерската корекција на диоптрија е најбезбедната метода за симнување на диоптрија кај лица на возраст од 18 до околу 40 години, кои имаат стабилна диоптрија мин. 1 година и кои се кандидати за оваа интервенција. Дали сте кандидат се утврдува на деталниот преглед за ласерска корекција на диоптрија и се испитува секој детаљ од вашето око. Овој преглед е еден од најдеталните прегледи во офталмологијата.

Прегледот за ласерска корекција на диоптрија

  • Прегледот временски трае околу два часа, понекогаш и повеќе

Поради деталноста на самиот преглед, тој може да трае два часа па дури и повеќе, во зависност од тоа колку брзо ќе ви се прошират зениците (истото се прави со капки, комплетно е безболно и служи за детална проверка на задниот сегмент на окото и скриена диоптрија).

Прегледот е доста долг и поради тековната пандемија, секогаш препорачуваме придружбата да дојде да ве земе на крај на прегледот. Вашиот вид ќе биде заматен некое време по прегледот па не е пожелно да возите. Ние ќе ја контактираме вашата придружба во ваше име кога ќе заврши прегледот.

  • Одмор од контактни леќи

Пред самиот преглед ако носите меки контактни леќи потребно е да мирувате од нив мин. 3 дена пред прегледот, ако се полутврди или тврди тогаш мин. 7 дена пред прегледот. Во меѓувреме може да носите очила.

Совет: Доколку не можете да носите очила, би ви препорачале да го закажете вашиот преглед во понеделник, а за време на викенд да ги одморите вашите очи од контактните леќи.

Преглед за ласерска корекција на диоптрија

Рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно, анализа на рожница со Пентакам.

4.270,00

Интервенција ласерска корекција на диоптрија

  • Видот по интервенцијата:

  • Видот ќе биде заматен (како да гледате низ вода) неколку дена;
  • Може да чувствувате блага непријатност и штипење во очите;
  • Може да ви пречи дневната светлина при што е најдобро со вас да понесете и очила за сонце на денот на интервенцијата. Поради тоа може да ги држите очите повеќе време затворени, што е сосем во ред.

Напомена: Не смеете да ги триете или чешате очите во никој случај.

  • Контроли

  1. Задолжителна контрола имате следниот ден по интервенцијата.
  2. Втора контрола е за 5 до 7 дена во зависност како ќе утврди офталмологот.
  3. Потоа следни контроли се на месец дена и три месеци.

Напомена: На барање на офталмологот може да се закажат и почести контроли.

Нашите офталмолози секако ви се на располагање 24/7 по интервенцијата доколку има потреба.

  • Отсуство од работа

Најчесто е потребно до 7 дена одмор пред да се вратите на вашите работни обврски за да се адаптирате на вашиот вид.

Сепак, многу е важно да потенцираме дека временското отсуство од работа зависи и од типот на работа која ја вршите. Доколку сте во допир со прашина, кревање тешки елементи и сл., може да се бара дури од две до три недели одмор.

Напомена: Овие детали е потребно да ги разговарате со офталмологот на денот на прегледот, за да може да направиме соодветен план кој ќе одговара на вашите потреби и нашиот оперативен план.

  • Терапија

Терапијата се состои од антибиотски капки, вештачки солзи и маст кои ги добивате на денот на интервенцијата. Медицинската сестра убаво и детално ќе ви го објасни начинот на аплицирање на терапијата.

На одреден период во текот на првиот ден се капат антибиотски капки и вештачки солзи. Во следните 10 дена се капат по точен редослед согласно отпусното писмо.

Терапијата нема да пречи во извршување на вашите секојдневни обврски.

Совет: Поставете аларм кој ќе ве потсетува кога е време за апликација на терапијата.

  • Дополнителна потврда за извршена интервенција

На ваше барање можеме да ви издадеме и дополнителна потврда за извршената интервенција. Иако самото отпусно писмо е доказ за извршена интервенција, сепак во одредени случаи може да е потребна и дополнителна потврда во зависност од работното место. Потврдата не се наплатува.

Потребно е само да ни посочите што ви е потребно и нашиот тим ќе ви ја изготви. Доколку е потребно и вашето работно место да биде контактирано од нашата страна, истото ќе го направиме без никакви дополнителни трошоци.

Напомена: Лекарско уверение не може да ви издадеме. За истото потребно е да се обратите во институции кои работат со трудова медицина.

  • Начин на плаќање

Цената на ласерската корекција на диоптрија е 400 евра од око до 31.01.2021 год., додека на прегледот изнесува 4.270 денари. Редовната цена на интервенцијата е 500 евра од око.

Плаќањето може да се изврши во кеш, со картичка или комбинација кеш/картичка. Исто така, плаќањето може да се изврши и пред самата интервенција преку нашата опција Платете онлајн.

  • Можност за плаќање на рати

Во нашата болница има можност за плаќање до 24 рати без камата на редовната цена на интервенцијата и без дополнителни трошоци. Доколку сте заинтересирани, откако ќе се утврди дека сте кандидати за оваа интервенција, одговорните лица ќе ги подготват потребните документи и ќе ви објаснат се.

Информативно: Месечна рата за самата интервенција би изнесувала околу 2.500 денари.

  • Здравствено осигурување

Ласерската корекција на диоптрија се смета за естетска хирургија која што не е покриена со државно здравствено осигурување.

Во однос на приватно здравствено осигурување, потребно е да ја контактирате вашата осигурителната компанија која ќе ви даде информација дали оваа операција е покриена со вашето осигурување. Истото  може да го направиме и ние во ваше име, но предуслов е да имате преглед во нашата клиника и да сте кандидат за оваа интервенција.