Информации за тековно работење во услови на Ковид - 19

Повеќе

 Операција на катаракта (перде) е единствен начин за решавање на овој проблем. Катаракта (перде) е заматување на природната леќа.

Катарактата и покрај тоа што може да  биде причина за губење на видот, само со еднодневна процедура ќе биде минато. Со модерната хирургија, со операција на катаракта (перде) се отстранува и диоптријата.

Во некои случаи, кај почетната катаракта, видот може да се подобри со очила затоа што испакнувањето на леќата предизвикува миопизација (минус диоптрија), но со тек на времето и со напредувањето на заматувањето на леќата, очилата веќе не се корисни и единственото решение е операција на катаракта (перде).

Опис

Операција на катаракта (перде) е една од најчестите операции кои што се изведуваат во нашата болница.

Се врши факоемулзификациска екстракција на леќата и се вградува интраокуларна леќа.

Операција на катаракта (перде) се изведува со ултразвучна сонда при што се прави рез од 1,8 до 2,75 mm и се заменува заматената природната леќа со нова интраокуларна леќа која е доживотна и биокомпатибилна. Поради минималниот рез, раната брзо зараснува и не е потребно шиење.

Операцијата се изведува со локална анестезија – анестетски капки. Таа е комплетно безболна и безбедна и трае отприлика 10-15 минути од око. Пациентот е свесен и разговара со офталмологот.

Интраокуларните леќи се делат на монофокални леќи и мултифокални леќи. Со монофокалните леќи добивате вид на едно растојание, при што најчесто на пациентот по операцијата му се препишуваат очила за блиску. Со мултифокалните леќи добивате вид на две или три растојанија и нема потреба од очила.

  • Симптоми

Симптомите на катаракта (перде) се манифестираат со:

  • заматување на видот;
  • губење на контраст;
  • заблескување при јако светло;
  • двојна слика;
  • проблеми при читање, гледање ТВ и возење.

Катарактата може да биде последица и на траума, метаболички болести (дијабетес, галактоземија), лекови (кортикостероиди), а може да настане и како компликација на други очни болести (увеитис, глауком) и да се појави заедно со други синдроми (на пр. Даунов синдром).

Кандидати

Катарактата (перде) се појавува кај околу 70% од лица постари од 75 години. Катарактата може да биде и вродена.

Операција на катаракта (перде) може да се изведе и кај деца и кај возрасни лица.

Операцијата на катаракта (перде) не е ризична и може да се направи без никаква пречка кај лица кои се во подоцнежната доба, како и лица со други здравствени проблеми: висок притисок; дијабетес; лица кои се на дијализа и сл.

Преглед

Предоперативниот преглед ги содржи следните испитувања кои се потребни за операција на катаракта (перде):

  • Рефракција;
  • Одредување видна острина;
  • Мерење очен притисок;
  • Преглед на очно дно;
  • Ехо;
  • Биометрија;
  • IOL master.

Подготовката за прегледот ја започнува медицинската сестра. Прегледот продолжува со офталмологот, и доколку има потреба со оптометрист.

Предноста на нашата клиника е тоа што прегледот и операцијата може да се направат во ист ден. Пред самиот преглед не се потребни посебни подготовки од страна на пациентот.

Дијагностички испитувања во склоп на прегледот

Ехо/биометрија – Оптичка биометрија е прецизна и точна неинванзивна метода со која се мерат анатомските карактеристики на очите. Со оваа метода се калкулира јачината на интраокуларната леќа кое мерење е потребно пред да се направи операцијата на катаракта. Точната калкулација на диоптрија на интраокуларните леќи е многу важна за остар постоперативен вид односно пациентот да гледа јасно по операцијата.

IOL master – Вклучително при мерење на јачината на диоптријата го користиме и најмодерниот компјутерски апарат „IOL Master“.

ОЦТ (оптичка кохерентна томографија) –  се снима структурата на жолтата пега (макулата) и очниот нерв за да се открие дали има одредени недостатоци на таа структура, кои се невидливи при преглед со лупа. Оваа дијагностика се прави доколку офталмохирургот процени дека е потребна. Најчесто се прави пред операција на катаракта со вградување на мултифокални леќи како и доколку има потреба да се даде терапија за очна состојба на ретината пред и за време на операцијата на катаракта.

Сите дијагностички испитувања се безболни и се прават во соработка со пациентот.

Предоперативна подготовка

Предоперативната подготовка трае околу 20 минути. Пациентите со хронични болести,  во зависност од терапијата која што ја примаат, имаат посебни подготовки за кои се информирани на денот на закажување на операцијата на катаракта (перде).

Подготовката ја започнува медицинската сестра при што повторно се зема визус, тонус и се прави рефракциско мерење.

Потоа пациентот се префрла во предоперативниот блок и му се зема анамнеза. Се проверува крвен притисок и шеќер. Потоа во консултација со офталмологот доколку има потреба се прават дополнителни дијагностики и подготовката завршува со ширење на зеници.

Откако пациентот ќе биде целосно подготвен се внесува во операциона сала.

Тек на операција на катаракта (перде)

Пациентот се сместува на операциониот стол каде му се капат анестетски капки. Операцијата може да трае до максимум 20 минути.

Операцијата на катаракта (перде) може да се направи и на двете очи во ист ден. Прво се отстранува катарактата на едното око и се вградува интраокуларна леќа. Потоа се продолжува на другото око.

Во текот на операцијата, пациентот е буден и разговара со хирургот и не чувствува болка.

Откако ќе заврши операцијата, пациентот се внесува во апартман.  Околу половина час по операцијата пациентот си оди дома (еднодневна хирургија) без преврски, освен на барање на пациентот.

Пациентот добива и писмени насоки за ограничувањата и постоперативната нега по операцијата.

Поради напредната технологија и дизајн на интраокуларните леќи, операцијата на катаракта кога е изведена од страна на искусни хирузи е успешна, сигурна, брза и безболна операција.

Постоперативна нега

По операција на катаракта (перде), следниот ден е првата контрола,  додека следната контрола е за 7 дена и после месец дена кога се одредуваат очила во зависност од тоа каква интраокуларна леќа е имплантирана.

На пациентот му се препишува терапија (антибиотски/кортикостериодни капки и маст) и е должен да ја користи согласно временскиот период назначен од офталмологот.

Кај повеќето пациенти веќе се забележува подобрување на видот уште следниот ден. Нормално е да чувствува непријатност на оперираното око, како повремено пецкање и гребење.  Окото може да биде црвено и да солзи, да се има чувство на маглење, појава на ореол, како и заматен вид и двојни слики. Сите овие симптоми се нормални и постепено ќе исчезнат.

Мерки на претпазливост

Ограничувањата по операција на катаракта (перде) се привремени и не траат долго и секогаш се согласно препорака на хирургот.

Во првите 3 дена по операцијата, треба да се избегнува миење на лице со обична вода и триење на окото и првиот месец да се избегнува потешки напори како и кревање на тешки предмети. Особено е важно редовно и правилно да се користи пропишаната терапија.

Најчесто спортските активности вообичаено се дозволени веќе по 2-3 недели по операцијата, во зависност од возраста на пациентот и интензитетот на вежбање.

Медицинскиот персонал е достaпен 24/7 за било каква консултација која е потребна по операцијата.

YAG капсулотомија

YAG капсулотомија е специјален ласерски третман кој се користи за подобрување на видот по операција на катаракта (перде) при појава на секундарна катаракта.

Секундарна катаракта настанува кога остаточни протеини се залепуваат на интраокуларната леќа која е вградена во окото по операцијата на катаракта.

Поради што видот се намалува, но тој не се оштетува. Оваа состојба е реверзибилна односно лесно се отстранува и не може да настанат компликации.

Постапката со ЈАГ капсулотомија се одвива во посебна амбулатна просторија. Најпрво се шират зеници и се капат анестетски капки поради што пациентот не чувствува болка.

Постапката на операција на катарактата (перде) трае околу 20-на минути. По завршување на ласерирањето, останувате уште некое време во болницата при што ви се проверува очниот притисок. Потоа, офталмолог препишува извештај и капки кои треба да се користат по третманот.

Соработка со ФЗО

Операцијата на катаракта (перде) е покриена од страна на Фондот на здравство на РСМ.

Повеќе информации може да прочитате во делот Соработка со ФЗО.

За повеќе информации контактирајте не телефонски 02 3097 000 или електронски на contact@sistinaoftalmologija.mk.

Цена

Пакетот вклучува:  операција со локална анестезија, две бесплатни контроли во првите два месеци од операцијата.

Операцијата преку Фондот за здравство вклучува партиципација и една бесплатна контрола.

Повеќе за начинот на плаќање може да проверите на актуелниот ценовник на Систина Офталмологија.

Предоперативен преглед на катаракта

Рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно, ехо/биометрија, IOL master.

4.200,00

ОЦТ

Оптичка кохерентна топографија на преден сегмент или заден сегмент.

1.900,00

Yag ласер капсулотомија

Третман на секундарна катаракта. Цената се однесува на едно око.

6.000,00

Операција на катаракта (перде) со:

Имплантација на монофокална леќа (MA)

Mонофокална троделна акрилна интраокуларна леќа. Цената се однесува на едно око.

42.000,00

Имплантација на монофокална леќа (SA)

Mонофокална едноделна акрилна интраокуларна леќа. Цената се однесува на едно око.

61.000,00

Имплантација на монофокална леќа (SN)

Moнофокална асферична жолта интраокуларна леќа. Цената се однесува на едно око.

74.400,00

Имплантација на монофокална торична леќа

Интраокуларна леќи за корекција на диоптрија и астигматизам (цилиндер). Цената се однесува на едно око.

92.500,00

Имплантација на мултифокална леќа

Интраокуларна леќа за корекција на диоптрија на сите растојанија. Цената се однесува на едно око.

105.400,00

Имплантација на мултифокална торична леќа

Интраокуларна леќи за корекција на диоптрија на сите растојанија и астигматизам (цилиндер). Цената се однесува на едно око.

123.000,00

Најчести прашања

Дали катарактата се оперира ласерски?

Не, катарактата (перде) не се оперира ласерски.

Може ли да се оперира катаракта без да се имплантира леќа?

Кога ќе се изврши операција на катаракта, неопходна е имплантација на леќа. Заматената леќа на окото се заменува со таква што овозможува да се гледа одлично, како да сте немале диоптрија. Се имплантира нова, бистра леќа.

Можам ли да вежбам после операција на катаракта?

По интервенцијата две до три недели, можете да започнете со лесни вежби како што се трака за трчање, возење на статичен велосипед, но сепак, треба да се внимава потта да не ви влезе во очите. По еден месец можете да пливате во море или базен. Потешко физичко вежбање, како што е теретана или контактни спортови можете да започнете еден месец по интервенцијата.

Колку време ми е затворено окото по операцијата?

По операцијата на катаракта, окото обично се затвора додека не се вратите дома, ако се извршат операции на двете очи, тогаш се става заштитна леќа на окото и окото не е затворено.

Дали може да се прегледам и оперирам во ист ден?

Кај нас можете да го направите прегледот и интервенцијата во ист ден. Операцијата на катаракта е безболна, брза, сигурна и ефективна после која си заминувате дома. Благодарение на врвната технологија, знаењето и искуството на нашите хирурзи, катарактата може да се реши за само 3 часа од кога ќе дојдете во клиниката.

Колку чини операцијата на катаракта?

Цената зависи од начинот на живот, вашата состојба и квалитетот на вид кој сакате да го постигнете. Пред операција мора да го направите предоперативниот преглед за катаракта.

Подетално за цените може да погледнете на нашиот Ценовник.

Дали операцијата на катаракта ја покрива ФЗОРСМ?

Да, оваа операција ја покрива Фондот. Повеќе детали на: https://sistinaoftalmologija.mk/sorabotka-so-fzo/