Информации за тековно работење во услови на Ковид - 19

Повеќе

Вршиме офталмолошки прегледи и даваме мислењата за интервенциите за ласерска корекција на диоптрија, старосна диоптрија, вградување на интраокуларни леќи и останати, без обврска да се направи интервенцијата во нашата клиника.

Основен офталмолошки преглед

Основниот офталмолошки преглед е преглед на кој се проверува преден сегмент на окото (контрола на диоптрија, алергии, иритации, сувост на очите, страно тело во око) и се препорачува кај лица со веќе познати болести на очите, како редовен контролен преглед.

Доколку пациентот сака само превентивна проверка на видот и очи, а притоа нема симпотми или дијагностицирана очна состојба, може да се закажете и овој преглед.

Супспецијалистички преглед

Супспецијалистичкиот преглед е подетален преглед и се состои од проверка на преден сегмент, како и определување на диоптрија (нова диоптрија, промена на диоптрија, проверка на скриен диоптер) и проверка на заден сегмент на окото (очно дно и очен нерв).

Овој преглед се препорачува кај лица кои не биле до сега на очен преглед, како и кај лица кои подолг период не направиле преглед, а имаат очигледни промени во видот.
Овој преглед може да се направи и на барање на пациентот.

Контролен преглед

По препорака на офталмологот може да биде предложен контролен преглед за следење на очната состојба.
Во зависност од потребата, контролниот преглед може да биде:

  • Кратка основна проверка на предниот сегмент на видот;
  • Проверка на видот и очите со проверка на заден сегмент (најчесто по одредени интервенции на очите);
  • Контролен преглед по преглед или интервенција за ласерска корекција на диоптрија;
  • Контролен преглед по преглед на катаракта или операција на катаракта;
  • Контролен преглед по преглед или операција со вградување на мултифокални леќи;
  • Контролен преглед со дополнителни дијагностички испитувања и сл.

Контролните прегледи најчесто се по извршена мала интервенција или хирушка интервенција.
Исто така, контролните прегледи служат за следење на развојот и стабилност на очната состојба кај пациентот како подготовка пред одредена очна состојба.

Преглед за ласерска корекција на диоптрија

Овој преглед се препорачува кај лица кои се заинтересирани за симнување на диоптрија со ласерската корекција на диоптрија, за проверка дали се кандидати. Оваа интервенција се препорачува кај лица од 18 до 40 години, со стабилна диоптрија мин. 1 година.

Прегледот временски трае од час до час и половина и се состои од:

  • Пополнување на прашалник за вашата општа здравствена состојба;
  • Задолжително читање на општите информации за ласерска интервенција;
  • Проверка на диоптрија, видна острина и очен притисок;
  • Снимање со пентакам (се прави 3Д анализа на окото и служи за воочување на одредени аномалии на окото за кои сеуште се немаат пројавено симптоми);
  • Ширење на зеници со капки за проверка на очно дно и објективна диоптрија;
  • Разговор со тимот за сѐ што ве интересира.

Подготовките за прегледот ги започнува медицинска сестра. Прегледот продолжува со офталмологот и оптометристот.

Пред самиот преглед, многу е важно пациентот да мирува од носење на контакни леќи извесен период за да „се одмори“ рожницата на окото од леќите. Да се манифестира реалниот цилиндер односно формата на рожницата без притисокот од леќата.

Доколку пациентот носи меки контактни леќи, потребно е да мирува мин. 3 дена. Доколку носи полутврди или тврди контактни леќи тогаш потребно е да мирува од нив мин. 7 до 14 дена пред прегледот. Во меѓувреме може да носи очила.

Преглед за катаракта

Прегледот за катаракта се препорачува кај лица кои имаат дијагноза катаракта, како и кај лица кои ги забележале следните симптоми:

  • заматување на видот;
  • губење на контраст;
  • заблескување при јако светло;
  • двојна слика;
  • потешкотии при гледање навечер;
  • гледање на мрежа пред очи и сл.

Самиот преглед може да трае до час време. Прегледот кај дечиња со вродена катаракта се разликува од овој преглед.

Пред самиот преглед не се потребни посебни подготовки од страна на пациентот. На прегледот се утврдува состојбата и видот кај пациентот и со која интраокуларна леќа ќе му се овозможи јасен вид. Предноста на нашата клиника е тоа што прегледот и операцијата на катаракта може да се направат во ист ден.

Преглед за мултифокални леќи

Прегледот за мултифокални леќи се препорачува кај лица кои:

  • Имаат диоптрија на блиску и далеку;
  • Носат два пара очила;
  • Кои не се кандидати за други методи за корекција на диоптрија;
  • Кои имаат катаракта и диоптрија;
  • Кои се заинтересирани за корекција на диоптрија/операција на катаракта со вградување на мултифокални леќи.

Мултифокалните леќи се најновиот изум во офталмологијата со кои се овозможува јасен вид на сите растојанија кај пациентите. Овој вид е стабилен, доживотен и нема промена во диоптријата. Се препорачува за лица над 40 години, но може да се вградат и кај помлади лица кои се кандидати.

Со овој преглед се проверува дали сте кандидат за овие мултифокални леќи или пак друга метода е поосодветно решение за вашиот очен проблем.

Преглед за глауком

Глаукомот е втората причина за слепило во светот. Досегашните студии покажуваат дека приближно 2-3% од популацијата постари од 40 години боледуваат од некој вид глауком, а се претпоставува дека кај дури 50% од случаите е непрепознатлив.

Во нашата клиника постои можност да се изврши целосна дијагностика во еден ден. Прегледот се состои од:

  • Мерење очен притисок;
  • Мерење на дебелината на рожницата – со цел прецизирање на висината на очниот притисок;
  • Мерење на дневна крива во различни периоди во денот;
  • Анализа на видно поле;
  • Анализа на очниот нерв со ОЦТ (оптичка кохерентна томографија).

Сите анализи се безболни и се прават со претходна согласност на пациентот.

Преглед за страбизам

Страбизам е нарушување на положбата или движењето на очите каде што двете очи немаат заеднички правец на гледање. Кај здравите очи, двете очи стојат право гледајќи во иста точка, а движењата се исти. Во некои случаи страбизмот настанува бидејќи е ограничена подвижноста на едното око во одреден правец.

Прегледот е безболен, детален и во еден преглед може да се добие целосен наод за состојбата на окото.

Трае до 2 часа и опфаќа преглед на:

  • предниот сегмент на окото,
  • испитувања на бинокуларен вид,
  • одредување на видна острина на секое око поединечно,
  • компјутерско снимање на диоптрија, ширење на зеници неопходно за одредување на тоталната рефракциска грешка,
  • корекција со корективни стакла и
  • детален предглед на очното дно.

По прегледот ги добивате извештајот и резултатите од направените дијагностички испитувања.

Преглед за старосна диоптрија (пресбиопија)

Старосна диоптрија или слабеење на видот со текот на годините е неретка појава кај секој. Откако ќе се навлезе во четириесеттата година од животот полека настануваат промени во видот.

Кај лицата со старосна диоптрија (пресбиопија) најчесто се прави супспецијалистички преглед.

Доколку има потреба се прават дополнителни дијагностики како ОЦТ.

Доколку пациентот е заинтересиран за мултифокални  леќи со кои се овозможува вид на сите растојанија (блиску, далеку и средина) се прави преглед за мултифокални леќи.

Преглед за лица со дијабетес

Дијабетес (шеќерна болест) е водечка причина за слепило и лош вид на работоспособната популација во светот.

Се врши проверка на преден сегмент, определување на диоптрија (нова диоптрија, промена на диоптрија, проверка на скриен диоптер) и проверка на заден сегмент на окото (очно дно и очен нерв) кое се состои од испитување таканаречено ОЦТ или оптичка кохерентна томографија кое воедно е и најважното испитување кај лицата со дијабет. Со ова испитување се снима структурата на жолтата пега (макулата), очниот нерв за да се открие дали има одредени недостатоци на таа структура, кои се невидливи при преглед со лупа како и состојбата на крвните садови во задниот сегмент на окото.

Сите дијагностички испитувања се безболни и се прават во соработка со пациентот.

Превентивен очен преглед за трудници

Превентивниот преглед за трудници е особено важно да се направи во последното тримесечје од бременоста како консултација за изборот на начинот на пораѓај.

Се врши проверка на видна острина, проверка на очен притисок,  проверка со биомикроскоп на рожницата и се шират зеници за да се провери очното дно.

Сите дијагностички испитувања се безболни и се прават во соработка со пациентот.

Доколку не сте сигурни кој преглед да го закажете, контактирајте не телефонски и со задоволство ќе ви помогнеме да го закажете соодветниот преглед.

Цена

Сите испитувања кои не се вклучени во офталмолошкиот преглед, се наплаќаат дополнително.

Офталмолошки преглед

Рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок – преглед на преден сегмент на очите.

1.400,00

Супспецијалистички преглед

Рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно – преглед на преден и заден сегмент на очите.

1.900,00

Контролен преглед

800,00

Контролен постоперативен преглед

Преглед три месеци по ласерска корекција на диоптрија.

1.500,00

Преглед за ласерска корекција на диоптрија

Рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно, анализа на рожница со Пентакам.

4.270,00

Предоперативен преглед за катаракта

Рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно, ехо/биометрија, IOL master.

4.000,00

Преглед за мултифокални леќи

Рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно, ехо/биометрија, IOL master.

4.750,00

Преглед за страбизам

2.500,00

Превентивен очен преглед за трудници

Проверка на видна острина, очен притисок, проверка на рожница со биомикроскоп и ширење на зеници за проверка на очно дно.

2.650,00