Информации за тековно работење во услови на Ковид - 19

Повеќе

Аблација на ретина или одлепување на мрежницата е итна состојба која мора да се оперира во рамките на 24 часа. Во Систина Офталмологија може да ја организираме операцијата во рамките на 24 часа за време на работен ден или празник.

Навремената операција може да го спаси видот и окото на пациентот.

Опис

За време на аблацијата, ретината пука и се формира ретинално дупче. Аблација на ретината настанува како резултат на навлегување на очна водичка низ мало дупче на ретината, по што дупчето се шири и ја подига околната ретина. Низ ретиналното дупче поминува очната водичка и ја одлепува ретината од очната позадина.

Аблација на ретина се третира со операција која се нарекува витректомија. Како што ретината се нахранува само додека е залепена за очната позадина, секое ретинално одлепување или аблација може трајно да ја оштети ретината. Затоа е важно операцијата да биде извршена што побрзо и секое чекање резултира со полош исход по операцијата.

Симптоми

Првите симптоми често се само:

  • блесови, светкања како молњи
  •  црни точки во видното поле.

При пукнувањето на ретината може се појави и мала количина крв во витреалниот простор. Состојбата се влошува така што се појавува како „завеса“ во видно поле односно видот полека се губи.

Кога одлепувањето ќе стигне до центарот на видот или макулата, што може да се случи во рамките на 1 до 2 дена, видот доста се намалува и не може повеќе да се чита ниту да се препознава други лица.

Кандидати

Аблацијата на ретина може да се случи кај сите возрасти.

Преглед

Се прави супспецијалистички преглед кој се состои од рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно – преглед на преден и заден сегмент на очите.

По потреба се прави и ОЦТ – оптичка кохерентна томографија како и дополнителни дијагностички испитувања на барање на хирургот.

По прегледот ги добивате извештајот и резултатите од направените дијагностички испитувања.

Подготовка пред третман

Подготовката ја започнува медицинската сестра при што повторно се зема визус, тонус и се прави рефракциско мерење.

Потоа пациентот се префрла во предоперативниот блок и му се зема анамнеза. Се проверува крвен притисок и шеќер. Потоа во консултација со офталмохирургот доколку има потреба се прават дополнителни дијагностики и подготовката завршува со ширење на зеници.

Пациентите со хронични болести, во зависност од терапијата која што ја примаат, имаат посебни подготовки за кои се информирани на денот на закажување на операцијата.

Откако пациентот ќе биде целосно подготвен се внесува во операциона сала.

Тек на операција

Операцијата се прави со локална анестезија со седитација. Оваа операција е комплетно безболна. Таа трае во просек околу еден час, после која пациентот може да иде оди дома уште истиот ден.

Витректомијата претставува отстранување на стаклетото тело од внатрешноста на очното јаболко, низ мали отвори на белката (помали од 1 мм) по што истото се заменува со специјален гас (кој со текот на времето се ресорбира) или силиконско масло, а дупките на ретината се обрабуваат со ласер за да се залепат.

Во текот на витректомијата, се влегува во око преку 4 мали отвори од по 1 mm на белиот дел на окото (белоочницата). Во текот на оперцијата се отстранува стаклестото тело, кое е болно и ја предизвикало аблацијата. Стаклестото тело потоа се надоместува со нормалната очна водичка која окото сама ја произведува и окото нормално функционира. Откако ќе се отстрани стаклестото тело, се идентификуваат „дупките“ на ретината, ретината и дупките се лепат со ласер.

На крајот на операцијата во окото се става гас или силиконско масло за да ја држи ретината прилепена додека таа целосно не се прилепи. Предност на гасот е што самиот излегува од окото и после 2 до 6 недели не е потребно да оди на дополнителна операција за вадење на силиконското масло. Во случаите кога аблацијата не е навреме откриена или се комплицирани и имаат лузни во окото, се става силиконско масло кое потоа се вади од окото за кеолку месеци, но може да остане и година дена ако окото е тешко оштетено.

Мерки на претпазливост

Ограничувањата по интервенцијата се привремени и не траат долго и секогаш се согласно препорака на хирургот.

На пациентот му се препишува терапија и е должен да ја користи согласно временскиот период назначен од хирургот.

Преврската се вади следниот ден на контрола. Пациентот после 3-4 дена може да се мие лице, да се бања и да ги обавува секојдневните активности. Потребно е да избегнува физички напор.

Во случај да почувствува многу силна болка во пределот на очите, премногу силна главоболка, мачнина, повраќање веднаш контактирајте го вашиот офталмохирург или нашата клиника.

Постоперативна нега

Окото по операцијата не е црвено нити болно, а опоравувањето е брзо. Потребно е да се става терапија со капки и маст во текот на две недели, а окото мора да биде затворено само еден ден. Контролните прегледи се закажуваат ден после операцијата, 7 дена после операција и 2 до 3 недели по интервенцијата. По 10-тина дена кај некомплицираните аблации, пациентот може да се врати на секојдневните активности. Во текот на тие 10 дена потребно е да мирувате и да лежите во положба која ќе ја препорача лекар, а може да работите на компјутер, да читате или да гледате ТВ користејќи го другото око.

Соработка со ФЗО

Операцијата витректомија е покриена од Фондот за здравство на РСМ.

Повеќе информации може да прочитате во делот Соработка со ФЗО.

За повеќе информации контактирајте не телефонски 02 3097 000 или електронски на contact@sistinaoftalmologija.mk.

Цена

Пакетот вклучува: предоперативна подготовка, операција и терапија за дома.
Постои можност да се плаќа на рати без камата и дополнителни трошоци.
Повеќе за начинот на плаќање може да проверите на актуелниот ценовник на Систина Офталмологија.

Супспецијалистички преглед

Рефракција, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно – преглед на преден и заден сегмент на очите.

1.900,00

ОЦТ

Оптичка кохерентна топографија на преден сегмент или заден сегмент.

1.900,00

Аблација на ретина

Операција на заден сегмент. Цената се однесува на едно око.

123.000,00

Аблација на ретина ФЗО

Операција на заден сегмент. Цената се однесува на едно око.

6.000,00

Најчести прашања

Од што е настаната аблација на ретина?

За аблацијата на ретина понекогаш причинителот е непознат, но може да биде големиот физички напор, кревање на голема тежина или едноставно склоност кон аблација на ретина.

Дали може пак да ми се случи аблација на ретина?

Аблацијата на ретина може да се случи повторно, но нашето искуство покажува дека пациентите кои ги следат нашите препораки по операцијата, ретко доаѓаат до таа несакана состојба.

На што треба да внимавам пред операцијата?

Предоперативниот период на пациентот се советува поштеда од физички напори и мирување.

Каков е постоперативнoто закрепнување по операцијата?

За постоперативниот опоравок се препорачува следење на препораките на офталмологот, редовно користење на препишаната терапија и редовни контроли.

Каков ќе ми биде видот по операцијата?

Видот по операцијата зависи од раната детекција на ново настанатата состојба.