Информации за тековно работење во услови на Ковид - 19

Повеќе

Трабулектомија е хирушки третман односно операција со која се третира болеста глауком.
Безболен амбулантски ласерски зафат за третирање на глауком е YAG (ЈАГ) ласер иридотомија.

Глаукомот е втората причина за слепило во светот. Досегашните студии покажуваат дека приближно 2-3% од популацијата постари од 40 години боледуваат од некој вид глауком, а се претпоставува дека кај дури 50% од случаите е непрепознатлив.

Опис

Покачениот очен притисок се смета за главен фактор на ризикот при развојот на глауком. Некои вредности можат да покажат симптоми на очен притисок.

Нормалните вредности на очниот притисок се движат во распон од 8 до 21 mmHg. Според некои статистики, горната нормална вредност е 22 mmHg или дури 24 mmHg. Важно е да се напомене дека секое покачување на очниот притисок не значи дека личноста има глауком.

Глаукомот се дефинира како оштетување на очниот нерв, како резултат на покачен очен притисок.  За негова дијагноза, мора да имаме некакви промени на очниот нерв. Ако имаме само покачен очен притисок, тоа се вика окуларна хипертензија. Ако имаме оштетување на очниот нерв, карактеристично по изглед за глаукомот, а истовремено нормален очен притисок, тоа се вика нормотензивен глауком.

Механизмот за настанување на глаукомот е различен, па на основа на тоа има и различни поделби на глаукомот, а од таму и различен третман. Заедничко за сите е преголемата количина на очна вода која се задржува во окото, или нарушен проток на истата што доведува до насобирање и висок притисок врз структурите во окото.

Некогаш застојот е резултат на анатомската градба на окото, друг пат како резултат на таложење на различни материи во одводниот систем на окото.

Доколку оваа состојба не се третира на време може да доведе до комплетно оштетување на очниот нерв кое резултира со слепило.

Симптоми

Симптомите зависат од стадиумот и од типот на болеста и може да бидат непрепознатливи долго време. Во раните фази обично е асимптоматски и затоа често се нарекува „тивок крадец“ на видот.

Кај глаукомот со отворен агол обично не постојат симптоми. Многу често пациентите се јавуваат откако ќе настапат оштетувања на очниот нерв и промени на видното поле.

Од друга страна, симптомите на глаукомот со затворен агол може да бидат многу мачни и се манифестираат со:

  • Изразено висок очен притисок;
  • Значителен пад на видата острина;
  • Тунелски вид;
  • Болки во пределот на очите;
  • Главоболка;
  • Гадење и повраќање.

Многу често е наследен, но не секогаш. Со возраста ризикот за појава на оваа болест е поголем, а може да се појави и кај деца. Вообичаено децата имаат големи очи (doll eyes), поради тоа што окото е порастегливо во услови на висок очен притисок.

  • Причини за појава

Причини кои може да влијаат на појава на глауком се:

  • Животна возраст над 45 години;
  • Присуство на глауком во семејството;
  • Кај пациентите со покачен крвен притисок, хипотиреоза, дијабетес;
  • Поради честа и долготрајна терапија на кортикостероиди;
  • Повреди на очите;
  • Очна инфекција;
  • Блокирани крвни садови во внатрешноста на окото;
  • Поголема застапеност кај лицата со темна кожа поради анатомските карактеристики на очите;
  • Многу ретко, одредена интервенција која служи за третирање на друг очен проблем може да предизвика глауком.

Превенција не е можна, но можно е рано откривање на болеста и нејзино значително забавување:

  • Доколку во семејството има глауком, треба повремено да се прави целокупен преглед;
  • За лица над 65 години, добро би било да се контролира очниот притисок на секои две години, независно на тоа дали има појава на симптоми;

Доколку болеста е веќе дијагностицирана, редовно треба да се контролира и редовно да се користи пропишаната терапија.

Преглед

Во нашата клиника постои можност да се изврши целосна дијагностика во еден ден. Прегледот се состои од:

  • Мерење очен притисок;
  • Мерење на дебелината на рожницата – со цел прецизирање на висината на очниот притисок;
  • Мерење на дневна крива во различни периоди во денот;
  • Анализа на видно поле;
  • Анализа на очниот нерв со ОЦТ (оптичка кохерентна томографија).

Дијагностички испитувања во склоп на прегледот

ОЦТ (оптичка кохерентна томографија) – е стандардна алатка за дијагностицирање и мониторирање на оваа болест. Се користи за анализа на очниот нерв, дали е настанато оштетување и неговата прогресија.

Видно поле – со ова испитување се прави проверка на централниот вид и страничниот вид (периферниот вид). Периметријата служи за да се воочат промени во видот, односно негово слабеење кое може да е предизвикано од болеста.

Сите дијагностички испитувања се безболни и се прават во соработка со пациентот.

YAG (ЈАГ) ласер иридотомија

YAG (ЈАГ) ласер иридотомија е процедура која се применува кај пациенти со глауком со затворен агол. Во текот на овој третман со процес на фотодисрупција се прават мали микроскопски отвори, со што се создава комуникација помеѓу задната и предната очна комора. На тој начин се овозможува непречен проток на очната водичка и се спречува  зголемување на очниот притисок.

Предоперативна подготовка

Подготовката ја започнува медицинската сестра при што повторно се зема визус, тонус и се прави рефракциско мерење.

Потоа пациентот се префрла во предоперативниот блок и му се зема анамнеза. Се проверува крвен притисок и шеќер. Потоа во консултација со офталмохирургот, доколку има потреба, се прават дополнителни дијагностички испитувања.

Пациентите со хронични системски болести, во зависност од терапијата која што ја примаат, имаат посебни подготовки за кои се информирани на денот на закажување на операцијата.

Откако пациентот ќе биде целосно подготвен се внесува во операциона сала.

Тек на операција/интервенција

Пациентот се сместува на операциониот стол каде му се капат анестетски капки. Операцијата може да трае околу еден час.

Анестезиологот е задолжен за мониторирање на виталните функции, ЕКГ, крвниот притисок, дишењето и оксигенација како и контролирање на анестезијата.

Трабекулектомијата е стандардна операција за глауком која го намалува притисокот во окото. При оваа операција, се прави мала дупка во ѕидот на окото за да се овозможи насобраната течност да излезе од окото, на контролиран начин.

Во текот на операцијата, пациентот е буден и разговара со хирургот и не чувствува болка.

Откако ќе заврши операцијата, пациентот се внесува во апартман.  Околу половина час по операцијата пациентот си оди дома (еднодневна хирургија) без преврски, освен на барање на пациентот.

Пациентот добива и писмени насоки за ограничувањата и постоперативната нега по операцијата.

Постоперативна нега

Следниот ден е редовна контрола. Потоа следи контрола по една недела, потоа по две недели врз основа на проценката на офталмохирургот.

Се препишува соодветна антибиотска и кортикостероидна терапија во облик на капки која пациентот треба да ја користи согласно насоките од офталмохирургот. Исто така, се едуцира пациентот за масажа на филтрациско меурче.

Нормални симптоми по операцијата се црвенило и чувство на грепкање. Доколку пациентот почувствува симптоми како силна болка во пределот на очите или промени во видот, пожелно е веднаш да го контактира офталмохирургот.

Мерки на претпазливост

Ограничувањата по интервенцијата се привремени и не траат долго и секогаш се согласно препорака на хирургот.

Пациентот треба да се избегнува триење на окото, потешки напори како и кревање на тешки предмети. Физичките активности не се препорачуваат се додека офталмохирургот процени поинаку.

По операцијата, пациентот може да мие лице и да се бања нормално, без ограничувања.

Медицинскиот персонал е достaпен 24/7 за било каква консултација која е потребна по интервенцијата.

Цена

Пакетот за хирушкиот третман вклучува: интервенција со општа анестезија, две бесплатни контроли во првите два месеци од операцијата.

Постои можност да се плаќа на рати без камата и дополнителни трошоци.

Повеќе за начинот на плаќање може да проверите на актуелниот ценовник на Систина Офталмологија.

Преглед за глауком

Рефракција, одредување видна острина, гониоскопија, мерење очен притисок,  ОЦТ, видно поле.

5.500,00

Мерење очен притисок

300,00

Мерење очен притисок дневна крива

1.500,00

ОЦТ

Оптичка кохерентна топографија на преден сегмент или заден сегмент.

1.900,00

Видно поле

Испитување на едно око.

1.200,00

Видно поле

Испитување на двете очи.

1.620,00

YAG иридотомија

Цената се однесува на едно око.

6.500,00

Ласер кај глауком (ласерска трабекулопластика)

Цената се однесува на едно око.

6.000,00

Операција на глауком (трабулектомија)

Цената се однесува на едно око.

54.000,00

Најчести прашања

Ако имам висок очен притисок, дали тоа значи дека имам глауком?

Не. Сепак, наш совет е да направите детален преглед.

Може ли глауком да се излечи со операција?

Глаукомот не може да се излечи со операција, но може да се држи под контрола и да ја забави прогресијата на болеста. Пациентот продолжува со редовна терапија со капки, дури и по операцијата.

Колку чини операцијата за глауком?

Подетално за цените може да погледнете на нашиот Ценовник.

Може ли да имам глауком, а без притоа да имам покачен очен притисок?

Да, можете. Затоа, ви препорачуваме да дојдете на преглед за глауком.

За што служи испитувањето видно поле?

Дијагностичкото испитување видно поле служи за да се утврди индиректното функционирање на оптичкиот нерв и ретината (мрежницата). Ја проверуваме функцијата на ретината и оптичкиот нерв за да видиме дали има некое оштетување.