Информации за тековно работење во услови на Ковид - 19

Повеќе

Операција на страбизам е хируршки зафат со кој решава дијагнозата страбизам односно положбата на очите позната како криви очи.

Операцијата се прави кај деца и возрасни.

Најчесто окото стои навнатре (есотропија) или нанадвор (егзотропија), а нешто поретко има вертикално нарушување на окото. Исто така, често е поврзано и со други нарушувања на видот (слабовидност, рефракциски грешки, нистагмус).

Страбизмот како дијагноза е релативно честа кај 5% од популацијата. Операцијата за страбизам се препорачува кога поконзервативни методи како што се очила, лепенки, призмични леќи и вежби не ја подобруваат местоположбата на очите на пациентот.

Опис

Страбизам е нарушување на положбата или движењето на очите каде што двете очи немаат заеднички правец на гледање. Кај здравите очи, двете очи стојат право гледајќи во иста точка, а движењата се исти. Во некои случаи страбизмот настанува бидејќи е ограничена подвижноста на едното око во одреден правец.

Кај децата страбизмот најчесто е вроден или се развива во раната детска возраст, но може да настане и кај механички повреди или различни невролошки или внатрешни болести.

Кај возрасните, страбизмот често настанува во случај на повреда на главата или очите заради парализа на некои од мускулите кои го движат окото. Исто така, може да настане и во склоп на некои ендокринолошки или имунолошки болести (болести на тироидната жлезда).

Симптоми:

  • Очи кои не изгледаат дека се во иста позиција во исто време.
  • Очи кои не се движат заедно и паралелно едно на друго,
  • Мижење или затворање на едно око при силна светлина.
  • Наведнување или вртење на главата да се фокусира на предмет.
  • Удирање во предмети (страбизмот ја лимитира перцепцијата за оддалеченост на предметите).

Пациентот може исто така да се жали на заматен вид, уморни очи, чувствителност на светлина или двоен вид.

Симптомите на страбизам може да се појавуваат од време на време. Тие може да се влошат кога пациентот е уморен, болен, поспан или пак вознемирен.

Вообичаено, кај новороденчиња положбата на очињата не е фиксна и не се движат заедно. Тоа е нормална појава. Во текот на првата година од животот на новороденчето постепено се развива видот, очните мускули полека се зајакнуваат.

Доколку по навршување на една година очињата кај новороденчето се уште не се во иста положба, потребно е да се однесе на преглед кај офталмолог.

Страбизмот кај децата го нарушува здравиот развој на видот и затоа е важно што порано да се започне со лечење. Често е во комбинација со други пореметувања на видот кај децата, па затоа е потребно да се лечи во комбинација со други методи на лечење.

Најчеста последица на страбизам е појавата на слабовидност (амблиопија) на око кое не е поставено во права линија. Слабовидноста може да се лечи само во детска возраст и затоа е најдобро страбизмот да се оперира додека видот е во фаза на развој.

Кандидати

Лица кои имаат дијагностициран страбизам за операција се кандидати, независно од нивната возраст.

Деца под една година до постари возрасни лица можат да бидат кандидати за операцијата на страбизам.

Преглед

Прегледот е безболен, детален и во еден преглед може да се добие целосен наод за состојбата на окото.

Трае до 2 часа и опфаќа преглед на:

  • предниот сегмент на окото,
  • испитувања на бинокуларен вид,
  • одредување на видна острина на секое око поединечно,
  • компјутерско снимање на диоптрија, ширење на зеници неопходно за одредување на тоталната рефракциска грешка,
  • корекција со корективни стакла и
  • детален предглед на очното дно.

По прегледот ги добивате извештајот и резултатите од направените дијагностички испитувања.

Предоперативна подготовка

Офталмологот посочува кои испитувања се потребни пред самата операција, а пациентот е должен да ги направи и да ги понесе со себе на денот на операцијата.

Кај децата е потребно да се има извештај од педијатар со кој се потврдува дека детето смее да прими општа анестезија.

Тек на операција/интервенција

Операцијата се прави во општа анестезија и е тотално безболна. Времетраењето најчесто зависи од бројот на мускули кои се оперираат и дали ќе се оперира едно око или двете очи. Обично не трае повеќе од 1.30 час.

Во случај кога операцијата е најдобро решение, по прецизни предоперативни испитувања се врши зафат на мусклулите кои го движат окото.

Целта на операцијата е да го доведе окото во посакувана положба, а во случај на парализа, на очниот мускул му се враќа подвижноста.

За да се постигне посакуваната положба на окото, потребно е сo операција да се ослабне или појача дејството на мускулот. Тоа се постигнува со померување на фатиштето на мускулот, скратување, расцепување или создавање на двојно фатиште на самиот мускул. Во случај на парализа на мускулите (намалена подвижност), на парализираниот мускул му се придружуваат здрави мускули кои го опкружуваат за да му се подобри подвижноста/мобилноста.

Со операцијата на страбизмот на пациентот му се олеснува држењето на двете очи во иста рамнина. Во повеќето случаи се постигнува комплетна излеченост.

Операцијата на страбизам се врши и кај возрасни луѓе кои немаат никакви пречки, иако развојот на видот е веќе завршен. Во такви случаи, операција се врши од козметички и социоекономски причини (заедничка општествена стигма и исклученост). Со отстранувањето на страбизмот на пациентот му се овозможува подобар естетски изглед и полесна социјална прилагодливост.

Постоперативна нега

Операцијата на страбизам е еднодневна хирургија што значи дека нема потреба од лежење во болница.

После операција пациентот мирува во соба 2- 3 часа и се пушта во домашно лекување со препорачана локална терапија.

Првата контрола е 1 ден после операција. Понатамошните контроли се после 1 недела и после 1 месец, а по потреба може и почесто.

Докторот ординира терапија која пациентот ја користи 1 месец после операција. Потребно е мирување 1 недела постоперативно а потоа пацинетот може да се врати на секојдневните обврски.

Мерки на претпазливост

Генерално после 1 недела од операција пациентите се враќаат на секојдневните обврски, со одредени мерки за претпазливост.

Првиот месец после операцијата потребно е да се внимава и редовно да се користи препорачаната терапија.

Се препорачува да не се мие лицето и очите со вода од чешма и да не се допираат и тријат очите со раце за да се избегне инфекција. Очите се отворени уште од првиот ден.

Да не се користат базени и да се избегнуваат многу зачадени и прашинести простории околу еден месец.

Цена

Пакетот вклучува:  операција, две бесплатни контроли во првите два месеци од операцијата.

Постои можност да се плаќа на рати без камата и дополнителни трошоци.

Повеќе за начинот на плаќање може да проверите на актуелниот ценовник на Систина Офталмологија.

Преглед за страбизам

2.500,00

Операција на страбизам

Цената е иста независно дали се прави на едно или две очи.

86.500,00

Најчести прашања

Дали оперирате страбизам и каква е операцијата?

Во случај кога операцијата е најдобро решение, по прецизни предоперативни испитувања се врши зафат на мусклулите кои го движат окото. Операцијата на страбизам се врши под општа анестезија и трае во зависност од сложеноста на зафатот, од половина час до час и половина. Целта на операцијаата е да го доведе окото во посакувана положба, а во случај на парализа, на очниот мускул му се враќа подвижноста. За да се постигне посакуваната положба на окото, потребно е с операција да се ослабне или појача дејството на мускулот.

Може ли страбизам да се оперира повеќе пати?

Страбизмот може да се оперира повеќе пати.

Колку чини операција страбизам?

Подетално за цените може да погледнете на нашиот Ценовник.

Ако имам страбизам, може ли да направам ласерска корекција на диоптрија?

Да, но претходно мора да направите детален преглед.