Начинот на живеење и работење денес многу често е поврзан со постојано или хроночно изложување на стресни ситуации преку промени во видот и останати последици по здравјето. Иако друга област во медицината се занимава со стресот, сепак тој често се поврзува со низа последици по здравјето, за кои за жал не може да се најде друг причинител. На многумина им е познато дека стресот многу  влијае на појавата на кардиоваскуларни болести, акни, псоријаза, хроничен гастритис, а во одредена мера и на појавата на малигни болести.

Најчестата болест на очите која директно се поврзува со хроничен стрес е централна серозна ретинопатија или како што уште се вика „болест на млади и здрави луѓе“ вообичаено машки. Се карактеризира со насобирање на течност во делот од ретината каде се наоѓа центарот на јасен вид или жолта пега.

Симптоми

  • Нагло искривување на сликата
  • Намалување, затемнување на сликата
  • Сенка во централниот дел од видното полe

Ваквите симптоми предизвикуваат проблем при извршување на секојдневни активност како читање, работа на компјутер, а често и проблем при возењето на автомобил.

Дијагноза

Дијагнозата на централна серозна ретинопатија се поставува на офталмолошки преглед и со помош на ОЦТ (оптичка кохерентна томографија) снимање кое дополнително овозможува и  прецизно следење на состојбата односно на количината на акумулирана течност во центарот за јасен вид на ретината.

 

 

Третман на промени во видот настанати од стрес

За среќа, најчесто болеста поминува спонтано и не остава последици. Сепак е важно да се следи зашто кај дел од луѓето може да премине во хроничен облик кој може да остави трајни последици по видната острина.

Кога е потребно, офталмологот воведува терапија со капки, диуретици, таблети за циркулација, таблети за смирување или пак индицира примена на ласерски третман на ретината.  И понатаму се актуелни низа клинички студии кои се обидуваат да најдат ефикасен лек за централна серозна ретинопатија, па така се истражува користењето и на инјекции кои се аплицираат во окото и доведуваат до намалена пропустливост на крвните садови.

И покрај напредокот на медицината и успешноста во лекувањето на болестите предизвикани од стресот, сепак и понатаму е подобро да ја послушаме старата поговорка „Подобро да се спречи отколку да се лечи“ и да се обидеме да ги игнорираме сите причинители на стрес на кои не можеме да влијаеме.