Сте запрашале ли што значи кога некој ќе каже дека гледа како да има перде (катаракта), односно завеса пред очите?

Како што се одвива природниот процес на стареење на целиот организам, така старее и човечкото око и настануваат проблеми со видот. Ако вашиот вид почне да се заматува, светлите бои ви се побледи и нејасно гледате особено навечер, тоа може да е предзнак дека вашата природна леќа полека се заматува и се формира катаракта (перде). Ако вашата баба или дедо имаат бела зеница, тоа е знак за зрела катаракта.

Таа може да биде и вродена, да настане како последица на траума, метаболички болести, примена на одредени лекови, висок притисок и сл. Најчесто се појавува по 60-тата година, но може да се појави и кај помлади лица.

Автор:  д-р Златко Арнаудовски, специјалист офталмолог и медицински директор

Како се третира катаракта на око?

За разлика од одредени очни болести, катарактата не може да се третира со примање на терапија како капки, маст, таблетки или да се решава со вежби за очи. Единствен начин на кој може да се отстрани е со хирушка интервенција односно со светски познатата ФАКО метода, со која се прави мал рез во самото око и со помош на ултразвук се отстранува природната леќа и се вградува нова интраокуларна леќа. Станува збор за безбедна и кратка интервенција, која се прави со локална анестезија.

Во денешницата, со операција на катаракта се отстранува и диоптрија.

Интраокуларните леќи се најсовремените импланти за очи со кои освен што се остранува заматената леќа, се корегира и диоптријата. Со нив, пациентот добива две бенефиции – јасен, чист, колоритен вид без диоптрија. Има повеќе видови на интраокуларни леќи и нивниот избор зависи од желбата на пациентот и анатомијата на окото, што се утврдува врз основа на прегледот. Од интраокуларните леќи, секогаш ги издвојуваме мултифокалните леќи кои овозможуваат вид на блиску, далеку и средина, поголема контрасна чувствителност и се корегира диоптерот, а со торичните леќи се корегира и цилиндерот. Освен во катарактната хирургија, овие леќи се користат и во рефрактивната хирургија во оние случаеви кога поради одредена состојба на окото, пациентот не е кандидат за ласерска корекција на диоптрија.

Катарактата се оперира само еднаш во животот!

Инаку, уште од дамнешни времиња почнале првите обиди за интервенција и третирање на катарактата, а првата операција била направена во 1748 година во Париз. Во тоа време, овие операции се изведувале исклучиво на презрела катаракта, бидејќи само на тој начин можеле да го отстранат пердето како целина, но окото трпело голема траума и потешко заздравувало. Презрелата катаракта доведува до слепило ако не се третира.

Препорачливо е да се отстрани додека е во почетна фаза бидејќи окото претрпува помала траума и постоперативниот заздравување е кратко. Најважно е интервенцијата да биде изведена од стручен и искусен хирург кој е запознаен со оваа метода, на кого пациентот може да му се довери и да биде изведена со квалитетни материјали, затоа што катарактата се оперира само еднаш во животот.