Медицински директор

Специјалист офталмолог и хирург

Област од посебен интерес:

  • хирургија на катаракта кај возрасни и деца;
  • рефрактивно – катарактна хирургија;
  • третман и хирургија на глауком и
  • третман и хирургија на солзни канали

Од блиску со д-р Златко Арнаудовски

„Комуникацијата меѓу пациентот и докторот е комуникација меѓу пријатели”

  • Зошто офталмологија?

Офталмологијата, за мене е најубавата гранка во медицината и е исклучително благородна професија. Специјалноста е интердисциплинарна и е поврзана со сите други специјалности. Користиме најсофистицирана и технолошки напредна апаратура за дијагностика и интервенции. Делот од хирургијата ги содржи најелегантните, најпрецизните и најлогичните операции во медицината, воопшто. Немерливо е чувството да му го вратите видот на пациентот.

  • Зошто кога ќе се спомене катаракта, веднаш следи: барајте го Арнаудовски?

Ова прашање веројатно најдобро ќе го одговорат моите пациенти. Јас пак, можам да кажам дека имам долгогодишно искуство, посветен сум и си ја сакам професијата. Веројатно, сето тоа, им влева доверба на пациентите.

Д-р Златко Арнаудовски, Светозар Јаневски и проф. д-р Никица Габриќ

  • Пациентите доаѓаат на преглед со различни емоции, каков е вашиот приод кон нив?

Се обидувам на секој пациент да му се посветам целосно, да го сослушам внимателно и да му предложам третман кој одговара на неговите животни потреби, на начин кој е разбирлив за него. Со многу позитивна енергија, во комуникацијата, недоумиците и стравовите на пациентите, пред и по операцијата, се надминуваат. Важно е нивната состојба целосно да се следи и докторот секогаш да им е ставен на располагање.

  • Што треба да направи докторот за да ја има лојалноста и препораката на пациентот?

Едноставно треба да ја сака својата професија и со љубов да им се посвети на пациентите. Во пациентот, освен пациент, докторот треба да гледа човек. Комуникацијата меѓу нив, треба да биде комуникација меѓу пријатели.

  • Што правите во слободно време?

Во слободното време уживам со семејството, се дружам со другарите, многу сакам да читам добри книги, да слушам музика, да гледам филмови (во последно време серии). Во овој дел од денот е неизбежниот точак, долгото пешачење и моето хоби фотографијата.

  • Каква музика најчесто слушате?

Најчесто и најмногу сакам да слушам џез од педесетите и шеесетите години. Мајлс Дејвис ми е мелем за душа…

  • Која книга би ни ја препорачале?

„Диво месо“ од Горан треба сите да си го препрочитаме. Сите книги од Орхан Памук и од Салман Ружди. „Разговори со Конески“ од Цане Андреевски е одлична книга.

  • Како изгледа вашиот „идеален одмор“?

Во Охрид, со кајче на езеро, над Канео на зајдисонце, божествена убавина…

  • Што не знаат, а треба да знаат, пациентите за вас?

Дека сум многу голем поборник за идејата за озаконување на попладневната дремка, како институција.

  • Што би биле кога не би биле доктор?

Да бев талентиран секако ќе бев музичар.

Прочитајте што имаат да кажат пациентите на д-р Златко Арнаудовски: