
„Прекрасно е чувството повторно да се види светот во една јасна кристална слика – без заматен вид, а притоа на себе да немаш ниту очила ниту контактни леќи. Благодарна сум на тимот на Систина Офталмологија, а посебно на сестра Весна Маџарова и оптометрист Вида, а најголема благодарност на д-р Билјана Костовска – за целата поддршка и нивната достапност 24/7 дури и надвор од работното време. За сите редовни контроли за кои секој пат беа детални и внимателни и секој пат со трпение ми објаснуваа што се случува за да можам да разберам.“ – започна да раскажува нашата пациентка Биљана Ристовска (27 год.) кај која проблемот со високата диоптрија беше решен со вградување на факични леќи.
„Уште од 7 години не сакав да носам очила, иако имав диоптрија. Како што почна да расте диоптријата, така веќе јас морав да носам помагало за да можам јасно да гледам и да функционирам без проблем. Бидејќи ни под разно не сакав да носам очила, се одлучив за единственото решение што за мене беше возможно тој период – контактни леќи. Ги носев цели 11 години. Буквално ништо не гледав без нив. Бев среќна дека можам да носам контактни леќи, но тука се појави уште еден мал проблем – не можев да носам контактни леќи во боја поради висината на диоптријата која ја имав. И тој момент го прифатив и продолжив напред. Во наредните неколку години ми се случуваа секакви случки со контактните леќи, што сигурно им е многу познато на сите лица кои носат леќи: ги губев; ќе ми паднеше една леќа и ќе ми требаше помош од мајка ми да ја најдам каде е; чести инфекции на очите особено затоа што моите се многу чувствителни итн.
Одамна се размислував за ласерската корекција на диоптрија. Една моја пријателка веќе ја имаше направено и ми ја објасни целата процедура. Но, со тек на време, бидејќи добро се снаоѓав со контактните леќи, го одложував моментот да дојдам на преглед. И кога ќе ми се случеше нешто со контактните леќи, како на пример нова инфекција, веднаш помислував да дојдам на преглед но некако и тоа не ми беше доволно за одлука. Дури и по убедувањата на сите околу мене (моите најблиски) јас се уште не можев да се решам. Пресекот да донесам одлука за преглед го направив во декември – добив внуче и сфатив колку ми е потребен видот за да можам да бидам од помош.
Дојде денот на прегледот за ласерска корекција на диоптрија. Се сѐ одвиваше како што треба, јас видно среќна и со нетрпение очекувам да го договориме датумот за ласерска корекција на диоптрија, кога д-р Билјана ми кажа дека јас морам да носам само очила некој период бидејќи контактните леќи ги носев 11 години без мирување и снимањата на рожницата покажаа дека мора да се почека пред да се донесе било каква одлука за самата интервенција. Не можам да ви опишам каква бура од емоции ми се случи во тој момент.
За мене карантинот беше период каде што конечно ставив очила на себе и ги одморив очите од контактните леќи. По само два месеци носење очила имаше позитивна разлика во испитувањата и всушност се покажа дека мојата рожница е тенка и јас сум кандидат за факични леќи. Д-р Билјана и Вида се убаво ми објаснија, дури и ми нацртаа само за да сфатам што се случува со мојата рожница и зошто овие леќи се подобро решение за мене.
Пред една недела ја направив интервенцијата и се помина како што треба. Имав неизмерна поддршка од сите мои најблиски луѓе (знаете кои сте 😊). Можам да кажам едно нешто – навистина ми е криво што не се одлучив порано! Следниот ден по операцијата веќе видот почна да ми се стабилизира. Сфатив што сум пропуштила. Си го видов внучето без мака 😊
Никогаш нема да залажам за мојата одлука што здравјето на своите очи им го доверив на Систина Офталмологија, а тие за возрат ми дадоа целосна и искрена грижа и свет полн со бои, растенија, луѓе, животни кои за мене претходно беа само заматени фигури. Среќата е неизмерна!“