Доц. д-р сц. мед. офталмолог и хирург

Област од посебен интерес:

  • рефрактивна хиругија
  • витреоретинална хирургија
  • хирургија на катаракта
  • пластика на капаци.

Од блиску со д-р Билјана Костовска

„Довербата создава позитивна енергија”

  • Често го слушаме терминот рефрактивна хирургија. Што значи тоа?

Рефрактивната хирургија е релативно нов поим во современата офталмохирургија и се однесува на ласерска корекција на сите аномалии кои настануваат во рефракцискиот дел на окото. Во Систина Офталмологија, одделот за рефрактивна хирургија функционира од 2015 година и веќе имаме многу задоволни пациенти и уште толку кои што се интересираат за тоа. Рефрактивната хирургија овозможува со еден оперативен зафат да се корегираат сите аномалии на окото – кратковидост, далекувидост и астигматизам. По интервенцијата која е брза, безбедна и трајна, пациентот може совршено да гледа без очила или контактни леќи. Кај ваквите интервенции многу е важна претходна подготовка на пациентот и разговор со него за да согледаме што точно му е потребно. Тоа секако зависи од неговите потреби и стил на живот, од неговите барања и очекувања. Современиот пациент, се повеќе го цени своето време и вложува напори да најде задоволство во сė она што го работи.

  • Први почнавте на пациентите да им вградувате мултифокални леќи. Кои се бенефитите од тоа?

Бенефитот е голем, особено во поглед на квалитетот на живот, заради комфорот што го нудат овие леќи. Ограничувањата кои пациентите ги имале претходно со очните помагала сега веќе ги немаат. Тоа им дава огромна слобода и самодоверба во извршувањето на секојдневните активности било тоа да станува збор за работа или за слободни активности. Најновата генерација на мултифокалните леќи се трифокалните леќи, со кои освен што се добива добар вид на близу и далеку, овозможуваат и добар вид на средна далечина. Ова е особено значајно за пациенти кои повеќе часовни дневно работат на компјутер.

  • Кои познати личности биле ваши пациенти?

Во нашата клиника сите пациенти се третираат како „познати“ личности. Персоналот прави сė да се чувствуваат згрижено и сигурно. Интересно искуство имам со Игор Џамбазов, Магдалена Ризова, Валeнтин Николовски, Татјана Стојановска.

Д-р Билјана Костовска и Игор Џамбазов

Со сите, имав различна, но убава комуникација. Ни се споија енергиите. Кај некои требаше да помине време, за да се решат на операција. На една пациентка и беше страв од доктор, од „бел мантил“ во буквална смисла на зборот. Кога ќе го видеше мантилот и се качуваше притисокот. Кога го сфатив тоа, на преглед влегував без него, нормално облечена. Така успеавме да го надминеме проблемот. Друг пак, има слика за себе, со наочари, и требаше да го убедам дека вградувањето на леќи е практично, безбедно и трајно решение. Преку пријателски однос, со сите нив дојдовме до заедничко решение за совршен вид.

  • Дали мислите дека односот со пациентот влијае на конечниот исход на лекувањето?

Дефинитивно. Довербата е факторот кој создава позитивна енергија и пријатна атмосфера. Пациентот кога е опуштен и сигурен, сė се одвива побрзо и полесно.

  • Што е карактеристично за вашето семејство?

Во моето семејство, три генерации на жени, сме докторки. Мајка ми е професор трансфузилог, а ќерка ми специјализира офталмологија. Сите сме и посветени на оваа хумана професија. Тоа е интересно затоа што во професионалиот дел потполно се разбираме и споделуваме. Во нашата комуникација постои голема синергија меѓу професионалното и приватното, во комуникацијата, меѓу нас, трите.

  • Покрај професионалниот имате и богат социјален живот. Како успевате во тоа?

Јас сум човек, кој верува дека кога се сака сė се може. На крајот на денот сите успеси што ги постигнувам на професионално поле, не се доволни, ако немам со кого да ги споделам. Среќната насмевка на мајка ми по заедничкиот ручек, разговорите со мојата ќерка, кафето испиено со моите пријатели, се работите, што ме прават среќна и ме мотивираат секој ден да бидам подобра од претходниот. Сакам да излегувам, да одам на концерти, во театар, во кино. Особено важна димензија на животот ми се хуманитарните активности. Сакам да им помагам на децата, на маргинализираните групи, на секој на кој што тоа му е потребно. Со години сум член на Lions и многу сум активна на тоа поле.

  • Што е за вас жена со стил?

Карактерот на жената го гради нејзиниот стил. За мене, стилот треба да е карактеристичен и ненаметлив, впечатлив но непретенциозен, некогаш лежерен, а некогаш построг. Едно е да се облечете за на работа, сосема друга облека соодветствува на вашите слободни активностите. Мојата дневната облека, се разликува од вечерната. Сакам да носам спортска, но и елегантна облека. Сакам маици, фармерки и патики, но истовремено сакам фустани, убави костуми и чевли со потпетица. Се облекувам во зависност од пригодата, но и од расположението.

  • Белите патики се неизоставен дел од вашиот аутфит. Зошто?

Црно белите комбинации, ми се омилени, во секоја пригода. А патиките, ми го олеснуваат секојдневното функционирање. Може да се комбинираат и со спортска и со елегантна облека. Морам да ви признаам, дека ме асоцираат на тенисот, кој ми е омилен и го следам со огромно задоволство.

  • Сакате да патувате. Имате ли омилени дестинации или места кои што сакате да ги посетите?

Италија ми е омилена дестинација. Шпанија и нејзиното крајбрежје, исто така ми се меѓу најубавите места за одмор. Таму може да најдете мир и спокој, но и да се забавувате. Убава ми е комбинацијата на природата со белите песочни плажи. Во лето, ги сакам приморските градови кои имаат особен шарм и убавина. Убавите медитерански градови, во кои се чувствува спојот на вековите и културата. Таков град е на пример Дубровник. Сакам да патувам и во европски градови, Рим, Лондон, Париз, Виена, Прага, Амстердам.

  • Вашите пациенти велат дека сте единствени во комуникацијата и во процесот на лечење, дека добиваат повеќе од тоа што очекувале. Како успевате да изградите таков однос и одлично искуство за нив?

Секој пациент има различен стил на живот и различни потреби. Тоа е како што на пример некој сака море, некој планина, некој сака хотел, некој сака да кампува.

Деталната анамнеза, очекувањата и желбите на пациентот се клучни за изборот на леќа или тип на лечење. Од не помало значење е советот на докторот и начинот на кој ќе му се објасни болеста, интервенцијата и постоперативниот тек. Посветеноста на проблемот, реалноста на очекувањата кои што ги има и нивно разбирање се трите основни елемeнти на кои треба да се базира комуникацијата и процесот на лечење.

Во текот на лекувањето, достапноста на докторот е од исклучително значење. Без оглед дали се работи за време вон работното, или пак за викенди. Јас, на пример, неможам да замислам пациентот да го оперирам во петок, а во текот на викеднот да не се чуеме неколку пати, за да видам како тој се чувствува.

Едноставно, во процесот на стекнување на доверба, колку што давате толку добивате за возврат.

Прочитајте што имаат да кажат пациентите на доц. д-р Билјана Костовска: