Специјалист офталмолог и хирург

Област од посебен интерес:

  • детска дијагностика и хирургија
  • третман на страбизам кај деца и возрасни;
  • рефрактивна хирургија

Од блиску со д-р Викторија Филева Фотевска

„Ние сме болница за целото семејство, за сите генерации”

  • Специјалност ви се децата. Што опфаќа офталмолошкиот преглед кај нив и кога треба првично да се направи?

Офталмолошкиот преглед на детето е еден од најважните прегледи и е неопходен чекор за правилен развој на видот. Тој треба да се направи до третата година од животот. Интензивниот развој на видот трае до крајот на шестата година, а детето никогаш не е премало за офталмолошки преглед. Додека видот се развива, нарушувањата можат и мора да се лечат за да се овозможи нормален развој на детското око и видот. Ако попречувањата не се откријат на време, резултатите од лечењето во доцните фази се значително полоши. (ПОВЕЌЕ за очните болести кај децата со д-р Филева 2-6)

  • Со оглед на тоа дека имате специфична категорија на пациенти каков е вашиот приод ?

Јас, како и моите колеги во Систина Офталмологија, персонализирана медицина што значи индивидуален пристап кон секое дете и родител. Кај децата е најважно прегледот да го доживеат како забава и едукација. Тој започнува со запознавање со детето и разговор со него. Доверба и сигурноста на детето за мене е најважен услов за успешен преглед и дијагноза. Потоа следува една гооолема петка на малото и среќно раче. Тоа е првиот дел од прегледот. Вториот е разговорот и објаснувањето на дијагнозата на родителите.

  • Каква е улогата на родителите во прегледите на децата?

Најмногу време пред и по прегледот им посветувам на родителите, зашто од нивната одлука зависи третманот или интервенцијата на децата. По мојот преглед тие се најважната алка во успешното лекување. Тие треба да го разберат видот на болеста, текот и можноста таа да се излечи. Тоа се постигнува преку отворен разговор и пријателски однос. Ние сме болница за целото семејство, за сите генерации, тргнувајќи од децата се до нивните баби и дедовци.

  • Родител сте на две деца во најрана возраст. Што најмногу сакате да правите со нив?

Да, јас сум среќна и благословена што имам две дечиња, девојче од 2 години и момче од 6 месеци. Кога не сум на работа целото време им го посветувам ним. Ирина ги обожава логичките игри, лего коцките. Љубител е на музиката така што пеењето и танцувањето се неизбежен дел од нашите денови. Во вечерните часови омилена серија ни е Дајте музика и по некоја сликовница од омилената БИБИ. Михаил е сеуште бебе така што најчесто е во моите или во рацете на татко му и не дружи во нашите активности.

  • Имате ли слободно време и како го минувате?

Замислете, имам слободно време (се смее) Го користам за моите пријатели, за мојата сестра. Сакам да одам во кино, обожавам добар филм. Сакам да одам и во театар. Убави ми се прошетките низ Скопје, најмногу на Водно, Матка, Градски парк. Гурман сум па кога можам поминувам време и во кујната.

  • Каде ја наоѓате/црпите својата сила?

Најголема сила ми даваат сопругот и двете деца. Со нив ми почнува и ми завршува денот. Тоа не би го менувала за ништо. Огромна мотивација и сила ми се и сите успешни приказни на среќни пациенти и нивните насмеани лица.

  • Кој е вашиот омилен град во Македонија и зошто ?

Охрид, мојот роден град. Бисерот на Балканот. Дефинитивно е моето омилено место за одмор и уживање. Таму израснав, таму научив да возам кајче, да пливам, да уживам во охридскиот ветер со едрилица и тоа сеуште го практикувам. Прошетки по Галичица и прекрасниот охридски кеј или едноставно само да седам на моето омилено место Канео.