Специјалист офталмолог

Област од посебен интерес:

  • дијагностика и третман на болести на ретина
  • третман со ласер терапија;
  • третман и хирургија на глауком и
  • детска дијагностика

Од блиску со д-р Мирјана Саздовска

“Со пациентите сме тим кој секогаш победува”

  • Со сопругот работите во иста бранша, двајцата се доктори. Дури и вашиот син е доктор. Дали е тоа предност?

Во суштина, да. И двајцата имаме разбирање кога сме често надвор од дома заради работни обврски. Без разлика на тоа што не сме од иста специјалност, честопати си разменуваме мислења во врска со одредено заболување.

  • Работите дијагностика и третман на болести на ретина. Освен оперативно, како може да се третираат овие болести ?

Освен оперативниот метод, се изведува и медикаментозно лекување на ретиналните болести, пред сė се мисли на примена на анти ВЕГФ третман. Тоа подразбира инјектирање на одредени лекови во внатрешноста на окото. Во нашата болница најчесто се аплицираат лековите Eylea и Авастин. Апликацијата на овие инекции се изведува во стерилни услови и е еднодневна процедура. Се изведува со локална, капкова анестезија и е комплетно безболна интервенција. Апликацијата на инекциите се изведува еднаш месечно, најчесто три последователни месеци. Потоа се прави пауза. Проценката дали ќе се продолжи со апликација на анти ВЕГФ терапија зависи од наодот на оптичка кохерентна томографија (ОЦТ). Тоа е процедура со кој се следи, покрај другото, состојбата на централните партии на ретината – макулата, поточно се следи постоење на оток во тој дел од окото. Честопати апликацијата на овие инекции може да трае и неколку години. Со помош на ваквата терапија доаѓа до стабилизација на состојбата на ретината, понекогаш дури и регресија на промените, повлекување на отокот, намалување на патолошките крвни садови. Тоа резултира со подобрување на видната функција.

  • Работите со пациенти кај кои лечењето трае подолго и резултатите не се секогаш се какви што вие и пациентите најмногу посакувате. Дали поради тоа имате посебен пристап кон нив?

Со пациентите секогаш се обидувам да остварам позитивна комуникација преку која тие ќе го разберат процесот на лекување. Каков и да е проблемот со видот, тој за пациентот е доволно голем и вреден за целосно внимание. Многу често имам пациенти кои имаат и други системски заболувања кои во голем дел го отежнуваат лекувањето на проблемите со видот, и заради тоа, тие се почувствителни и ранливи. Тогаш многу внимавам на начинот на кој им ги соопштувам можностите за лекување и максималните очекувања во однос на подобрувањето на видот. Многу внимание посветувам на тоа да ја прифатат состојбата, таква каква што е, а со континуирана грижа и третмани, со тек на време, заеднички ќе ја пребродиме.

  • Каков е вашиот стил на живот ?

Сметам дека стилот на живот го диктира професијата. Како помлада секој слободен момент го користев да спортувам. Последниве години се обидувам да ги користам викендите и секогаш кога можам да патувам надвор од Скопје. Сега пак, времето го минувам во природа, најчесто со семејството и со пријателите.Тоа ми дава дополнителна енергија за работа, ме прави по расположена.

  • Што најмногу сакате да правите во слободно време ?

Слободно време, за разлика од порано, последниве години имам повеќе. Тоа е зашто моите синови се веќе возрасни, па немам толку домашни обврски. Сеуште не сум ангажрана да чувам внуци иако би сакала. Сега засега имам една внука, која живее во Германија со своите родители, кои работат таму како лекари специјалисти. Се гледаме и се слушаме секојдневно, двапати годишно одиме со сопругот кај нив, но оваа година, пандемијата ни ги поремети плановите. Внуката, многу ми недостасува. Да се надеваме дека ќе помине овој тежок период за сите и животот ќе ни се врати во нормала.

  • Дали сакате да читате. Каква литература најмногу ви се допаѓа ?

Секако, да. Морам да признаам дека и покрај тоа што повремено читам современа литература, повеќе ја сакам класичната.

  • Влијае ли приодот на докотор кон пациентот на конечниот исход на лекувањето?

Да, влијае и тоа многу. Кога ќе ве разберат и ќе се почувствуваат сигурни во она што им го кажувате, пациентите се подготвен да ве следат, да бидат дисциплинирани со терапијата која им ја препишувате, да доаѓаат на редовни контроли, и да се похрабри во однос на одлуката за хируршка интервенција ако се покаже како неопходна. Тогаш, јас и пациентот, стануваме тим.