вирусна инфекција на очите

Вирусна инфекција на очите, Конјуктивитис или народски познато како црвено око е најчестото воспаление на надворешниот слој на белката на окото и внатрешната површина на капаците (конјуктивата). Тој може да се појави како резултат на бактерија, алергија или вирус.

Како конјуктивитис со највисок ризик на преносливост се смета вирусниот конјуктивитис кој е предизвикан од аденовирус. Други вируси што можат да предизвикаат конјунктивално воспаление се херпес симплекс вирус (ХСВ), варичела зостер вирус (ВЗВ), пикорнавирус, поксвирус како и вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ).

Вирусниот конјунктивитис е многу заразен, обично 10-12 дена од почетокот на воспалението и лесно се пренесува преку кивање и кашлање, а воедно може да се појави при сипаници, грип или настинка.

Најчести знаци и симптоми на вирусен конјунктивитис се:

  • чешање на очите;
  • солзење;
  • црвенило;
  • секрет од очите и
  • пречувствителност на светлина.

Третман на вирусна инфекција на очите

Генерално, дијагнозата на вирусен конјуктивитис се поставува врз основа на клиничката слика. Лабораториски тестови обично не се потребни, но тие можат да бидат многу корисни во одредени случаеви особено кога постои опасност од епидемија на вакво воспаление.

Вирусниот конјуктивит за разлика од останатите типови на црвени очи не се лекува со антибиотици или капки, туку е самоограничувачки – инфекцијата обично поминува спонтано за 2 до 4 недели. Сепак, за да се намалат симптомите и да ви се олесни секојдневието, ќе ви препишеме: топични вазоконстриктори за да го обелат окото, деконгестиви да го намалат површинскиот оток и антихистаминици за да го намалат повременото чешање на очите. Ако кај вас постојат повеќе ризик фактори кои може да доведат и до бактериска инфекција, тогаш може да се користат и локални антибиотици.

Офталмологот на самиот преглед ќе ви даде терапија која ќе ви помогне да ја редуцирате инфекцијата и/или нејзините симптоми.

Превенцијата од пренос на вирусен конјунктивитис е од голема важност!

Најдобриот начин за превенција од овој тип на конјуктивитс е темелно миење на рацете и колку што е можно да не ги допирате вашите очи, да избегнувате заедничко користење на крпи, постелнини и козметика. Доколку сте заразени не треба да одите на работа и училиште односно треба да седите дома додека не се смири инфекцијата. Оние што носат контактни леќи треба да прекинат да ги користат се додека не исчезнат симптомите и знаците. Откако ќе се смири инфекцијата, се препорачуваат нови контакни леќи бидејќи може повторно да се пренесе конјуктивитот од леќите на очите.