Очите се најважниот орган на човекот, секако после срцето и мозокот. Но, тие чуваат и покажуваат многу тајни, ако решите да одите на очен преглед може да се открие дијабет (шеќерна болест), зголемен крвен притисок, зголемени маснотии во крвта, автоимуни заболувања како СЛЕ (системски лупус), мултипла склероза, па се до прекумерено користење на цигари и неактивен живот.

На пример, имаме проблем со видот, за нас не многу изразен, одиме кај очен доктор и тој ни поставува дијагноза тромбоза на крвен сад во окото. Ние сме изненадени и просто не веруваме. Прашуваме, дали е можно да постои тромбоза во окото бидејќи прв пат слушаме за таа можност. Тромбозата во око е можна како резултат на веќе постоечка тромбоза во организамот која ние не сме ја почуствувале. Тоа може да биде тромбоза на длабоките вени, инфаркт на срцето што сме го прележале на нога или пак емболија на мали крвни садови во белите дробови која поминала како лесно отежано дишење, некогаш вртоглавица и лесно губење на свеста. На сите овие проблеми не сме обратиле внимание.

Тромбозата е многу тешко заболување кое претставува процес на формирање на тромб или чеп во крвните садови, што во најлош случај може да да доведе до нарушување на циркулацијата или комплетно затворање на крвен сад артерија или вена и да предизвика слепило, инфаркт, мозочен удар или ненадејна смрт на пациентот.

Дали ќе ги слушаме советите на докторот или ќе се однесуваме неодговорно кон себе и нашето здравје и ќе се препуштиме на судбината, како што народот често пати знае да каже, зависи од нас.

Порано се сметало дека тромбозата се јавува во постара возраст, но денес со сигурност се знае дека може да се јави и кај помладите. Понекогаш се јавува како прв симптом на очите пред да се докаже системско заболување. Тромбоза на артериите се манифестира со нагло губење на видот, пациентот приметува само слаба светлина, а на вените на очите се манифестира со заматен или намален вид како и појава на црни дамки постепено.

Причини за појава на тромбоза

Причини за појава на тромбоза може да бодат вродени (генетски) или стекнати.

Генетски фактори (наследни) се пренесуваат од родителите и велиме дека пациентот има фамилна предиспозиција. Најчести се генетските мутации на следните фактори –Ф. V Leiden, фактор II протромбин, МТХФР и др.

Стекнати или фактори на околината – склоност на организмот кон зголемено згрутчување на крвта и создавање на тромби, присуство на шекерна болест; зголемени вредности на маснотии во крвта (холестерол и триглицериди-процес на артериосклероза), пушење, стрес, дебелина, бременост, после поголеми операции, заболување од рак.

Ургентна состојба која бара брзо третирање од очен доктор и интернист!

Лекувањето на тромбозата во крвните садови на очите се состои од:

  • Лекови кои го топат тромбот, тн. Фибринолитици;
  • Лекови кои спречуваат понатаму создавање на тромбо, т.н. антикоагулантна терапија-хепарин, Синтром и др.;
  • Анти ВЕГФ инјекции (авастин, ејлеа и луцентис) и ласер третман;
  • Лекови за лекување на евентуално друго постоечко заболување-најчесто лекови притисок, покачен шеќер, зголемени маснотии во крвта.

Затоа, мислете на себе и секогаш грижете се за своето здравје. Препорачливо е да се прават очни контроли барем еднаш годишно, особено ако сте над 50 годишна возраст и редовно и принципиелно да ја примате препорачаната терапија од матичните доктори.