Развојот на видот почнува веднаш по раѓањето. За симетрично развиен вид на двете очи важна е симетрична стимулација на видот со гледање. Постоење на страбизам или диоптрија само на едното око може да доведе до превземање на доминацијата на гледањето од страна на другото око, а страбичното око или окото со диоптрија да остане амблиопно или мрзливо. Многу е важно кај децата да се открие оваа асиметрија во најраната возраст со цел навремено да се пристапи кон тренинг на мрзливото око и негов развој.

За развој на бинокуларниот вид или стереоскопското гледање важно е видот на двете очи да е симетрично и добро развиен; сликата на двете очи да се формира точно во центарот за вид на ретината; движењата на очите да се слободни и неограничени и мозокот да ги препознае двете слики како една односно да ги спои и со тоа да постигне ефект на длабочина или тродимензионалност. Последниве години сите невролошки студии упатуваат на неуропластичноста или можност да се развива видот и кај возрасната популација, а не само во раното детство. Сепак, и покрај поединечни успешни прикази ниту една студија не докажала дека бинокуларноста може да се добие подоцна во животот иако проценката за длабочина монокуларно (со едно око) се учи.

Бинокуларното гледање е еволутивна придобивка. Животните немаат бинокуларност бидејќи очите им се поставени странично на главата, како би обезбедиле широко видно поле и можност да детектираат и најмало движење далеку зад нив (на пр. зајакот). Од друга страна, грабливците како рисот имаат значајно потесно видно поле, но се способни многу прецизно да ја проценат далечината на пленот, локацијата и опкружувањето.
Поседувањето на совршено развиен бинокуларен вид е услов за избор на одредени професии како: пилот, професионален шофер, астронаут и сл., но и за некои секојдневни активности во кои уживаме како гледање на 3D филм во кино или дома.

Ако не сте воодушевени од тродимензионалноста на сликата, ви се гади и добивате главоболка треба да се консултирате со офталмолог. Деталниот офталмолошки преглед освен одредување на диоптрија, тестови за постоење на манифестен или скриен страбизам, опфаќа и низа тестови за одредување на степенот на бинокуларен вид кој го поседувате и може да ви даде проценка дали вие воопшто можете да гледате 3D филм.

Технолошки развој на 3D очилата

За да се добие тродимензионалност на сликата од рамнински екран, првите 3D очила го користат aнглискиот метод на гледање на слика со различна боја. Најчесто се користат црвената и сината боја, секоја пред едно око при што во мозокот настанува фузија на двете слики и чувство на длабочина. Таквите очила без универзални, често и картонски и се добиваа во списанија.

Развојот на технологијата и појавата на поларизирачките стакла овозможи усовршување на тродимензионалното гледање со помош на филтри кои ја пропуштаат сликата само во една рамнина. Најновите очила за 3D гледање го користат трепкањето на LED позадинското светло на екранот како основа на која со помош на батерија се отвораат и затвораат филтри вградени во самите стакла и пропуштаат различна фаза од сликата. Тие совршено прилегнуваат пред очите и секој производител на екрани прави очила компатибилни за гледање на тој екран, така што не се универзални.

Најново во 3D технологијата се екраните пред кои се поставува посебен филтер кој го дава длабинското гледање, а гледачите не носат очила.