
На 01 декември 2017 год., во палатата на Хрватската академија за науки и уметност, во Загреб беше одржан меѓународниот симпозиум „Новитети во офталмологијата“ на кој учествуваа д-р Златко Арнаудовски, д-р Билјана Костовска и д-р Мирјана Саздовска. Домаќин на симпозиумот е нашиот партнер, спец. очна клиника „Свјетлост“ во соработка со Одделот за медицински науки на ХАНУ.
На симпозиумот, учествуваа вкупно 150 офталмолози од 8 европски држави, пред кои беа претставени најновите научни достигнувања во третманот на предниот и задниот сегмент на окото, и третман на очни болести кај дечиња. Во последните 10-тина години, има голем напредок во можностите за лекување на очните болести на конзервативен и хирушки начин.
Големиот напредок се должи на развојот на технологијата со која се прават сите интервенции на очи, како и откривањето на нови лекови кои се користат кај, досега, неизлечиви очни болести. Меѓу позначајните имиња кои беа повикани како предавачи се проф. Јеспер Хјотрдал од Универзитетот во Архус, кој се бави со болестите на предниот сегмент на окото, и ги претстави најновите техники за трансплантација на рожница.
Проф. Томас Фушслугер, Потпретседател на Европската асоцијација за истражување на окото, ја презентираше генската терапија која е иднината на офталмологијата и покажа како може да се постигне корекција на некои заболувања на рожницата или предниот транспарентен дел од окото, преку ин витро со генетска манипулација. Имунологот Каролина Аранчибија од Универзитетот во Оксфорд се осврна на новите лекови кои го спречуваат отфрлањето на трансплантираното ткиво. Проф. Декарис („Свјетлост“) го претстави методот на трансплантација на матични клетки на рожницата, кој од неодамна се применува и во Хрватска.
Проф. д-р Никица Габриќ одржа своевидно предавање за бизнис моделите во здравството и нивната улога во развојот на офталмологијата во регионот. Во вториот дел на симпозиумот, 17 предавачи од Хрватска и регионот ги презентираа своите искуства во третманот на очните болести со имплантација на интраокуларни леќи кај пациенти со катаракта, кај кои истовремено се отстранува диоптријата, како и за третманот на дијабетичка ретинопатија со примена на новите лекови за третман на макуларна дегенерација.