Птеригиумот е бениген израсток (хипертофија) на конјунктивата и рожницата која што личи на крилце и започнува од белката и се шири кон рожницата. Птеригиумот е познат и како и надворешно перде. Основната разлика меѓу катаракта и надворешно перде е тоа што катарактата се појавува на природната леќа, внатре во окото, додека птеригиумот се појавува на површината на рожницата.

Појава и симптоми на птеригиум

Птеригиумот е резултат на намножување или зголемување на клетките од конјуктивата кои преоѓаат преку рожницата. Почесто се јавува од внатрешната страна на окото и може да ги зафати едното, но и двете очи. Во почетниот стадиум не предизвикува симптоми, но со растењето започнува да се јавува боцкање, печење и црвенило (чувство на туѓо тело), особено по доготрајна изложеност на сонце без заштитни наочари.

Обично се развива некаде по 30-та година, лица со светол тен и очи се од повисок ризик. Оваа состојба се јавува кај лица кои се долготрајно изложени на сонце како земјоделци, рибари, сурфери, морнари и сл. Тука се исто така влезени во висок ризик и скијачите и сите оние кои што се почесто изложени на снег и сонце. Покрај ултравиолетовото зрачење, влијание имаат и ветерот и прашината, а многу е честа и кај пациенти со суво око.

Третман на птеригиум

Птеригиумот бавно се развива и поради тоа се следи состојбата на пациентот и се одредува негово третирање. Сепак, како што се шири перигиумот кон рожницата почнува да предизвикува пречки во видот, заматување и неправилна искривеност на сликата односно неправилен астигматизам. Лекувањето зависи од неговата форма и големина. Кога е помал даваме вештачки солзи и лубриканти, а понекогаш и благи стеродни капки за да го намалиме црвенилото и печењето. Во потешките случаи птеригиумот се лекува хируршки. Со оглед дека е можна појава на рецидив (повторно јавување по операцијата), кај нас интраоперативно користиме лекови кои што ќе ја спречат повторната појава.

Препораки

За да се избегне појава на птеригиумот, потребно е да се носи наочари за сонце со 100% УВ заштита. Исто така, може да помогне и шешир или капа со широк раб, така што дополнително ќе се заштитите од ветер и прашина.