Живееме во едно динамично и брзо темпо, во коешто поголемиот дел од нашето време го минуваме во затворени простории и пред компјутер. Сигурна сум дека сте слушнале многу митови/вистини поврзани со влошувањето на диоптријата. Па еве неколку дилеми да разјасниме:

Работата пред компјутер ја влошува диоптријата

Објавени се неколку студии со нажалост позитивни резлутати во однос на влошувањето на диоптријата и работата пред компјутер.

Кога работиме на близина тоа значи дека нашиот очен мускул (цилијарниот) е во постојан грч овозможувајќи акомодација (гледање на близина).

Секојдневното работење на близина влијае во адаптирањето на фокусот од близина во далечина и обратно, па често имаме чувство дека ни треба малку подолго време за да можеме подобро да го фокусираме нештото. Тоа е акомодативен грч.

Кај млади лица 20-30 години може да влијае и во раст на диоптријата бидејќи во тие години окото е се уште во раст и развој.

Се препорачува супспецијалистички преглед ( детален преглед со ширење на зеници) за да се провери целосната состојбата на видот и окото, и да може да се препорача соодветна заштита.

Пушењето влијае врз диоптријата

Пушењето е штетно за нашето здравје, исто така и за очите. Не ја влошува диоптријата, но влијае на крвните садови и стеснување на нивниот лумен, со што настанува послаб доток на кислoрод низ целата ретина. Пушењето влијае и на центарот за јасен вид (макулата) и развој на макуларна дегенерација.

Макуларната дегенерација придонесува до губење на видот во средишниот дел на видното поле и отежнува и оневозможува читање и препознавање на лица.

Со правење на очни вежби се намалува диоптријата

Очните вежби се препорачуваат кај деца кои имаат слабовидно око со цел јакнење на очните мусклули. Тие мускули ни помагаат да ги движиме очите во сите правци и насоки, но не учествуваат во процесот на гледање. Мрзливото око (амблиопно око) мора да се третира уште од рана возраст за да има подобрување.

Се препорачува првиот офталмолошки преглед кај дечиња да се прави на 3 годишна возраст, но може да се направи и на помала возраст.

Носењето на очила го подобрува видот

Очилата или контактните леќи се оптичко помагало кое ни помага да ние добро гледаме. Тие не се лек и не ја лекуваат диоптријата. Со нивно носење не се намалува диоптријата ниту изчезнува, едноставно тие ни помагаат ние да бидеме функционални и да може добро да ги извршуваме нашите секојдневни активности во коишто ни е потребна добра видна острина.

Единствен начин да се подобри видот е со методи за корекција на диоптрија како ласерска корекција на диоптрија или пак вградување на монофокални или мултифокални леќи.

Носењето на меки контактни леќи ја стабилизира диоптријата

Постојат разни мета анализи направени на разни групи на популации. Во некои од нив е утврдено значајно стабилизирање на диоптријата, особено кај деца во школска возраст (8-15 години). Кај истата популација не е добиена значајна разлика помеѓу носењето на очила и меки контактни леќи.

Неколку совети за дома:

  • Минувајте повеќе време во природа
  • Заштите ги Вашите очи од сонцето (УВ зраците) и носете очила за сонце
  • Кога работите пред компјутер правете кратка пауза на секои 2 часа
  • Хранете се здраво
  • Престанете со пушењето
  • Одете редовно на офталмолошки преглед

До следно дружење,

д-р Виолета Шијакова
спец. офталмолог

Биографија