Специјалист офталмолог и хирург

Област од посебен интерес:

  • дијагностика на очни болести
  • рефрактивна хирургија
  • дијагноза и третман на кератоконус

Од блиску со д-р Виолета Шијакова

„По ласерска корекција на диоптријата,  често гледаме солзи радосници во очите на пациентите ”

  • Вие сте првиот специјализант кој ја комплетираше специјализацијата по офталмологија, преку Програмата за едукација на Систина Офталмологија.   Какво искуство за вас беше специјализацијата ?

Да,  ја имав таа можност и привилегија да бидам прв специјализант чијашто специјализација беше дел од програмата за едукација на  Систина Офталмологија – Скопје,  во соработка со Клиника Свјетлост – Загреб.  Во текот на образовниот процес,  покрај теоретското стекнав и големо практично искуство. Во Систина Офталмологија, има позитивна работна атмосфера и одлична можност за професионално напредување .  Мислам дека , тимската работа е клучот на успехот на болницата.  Современата технологија и добрата организација на работата,  ни овозможуваат на пациентите да им ја даваме најдобрата медицинска нега.  Се на `се моето искуство како специјализант е многу позитивно,  задоволна сум од сите аспекти кои влијаеа на моето образование,  како и на огромната подршка што ми ја пружи Систина Офталмологија.

  • Од особен интерес ви е дијагностиката . Мислите ли дека комуникацијата со пациентите е важна за да се постави правилна дијагноза , и да се третираат одредени болести ?

Комуникацијата со пациентите е суштинска,  уште пред да се постави дијагнозата ,  за таа да се постави и за процесот на лекување да биде успешен.   За успешно дијагностицирање , најважно е докторот да биде фокусиран на пациентот , односно внимателно да слушне што има тој да каже во однос на симптомите и на болеста.  Сите детали од приказната на пациентот се важни , за комплетна слика на неговата здравствена состојба.   Докторот треба да му поставува прашања ,  за се што е дополнително важно,  од тоа што пациентот го кажува.  Пациентот очекува емпатија од страна на докторот и јасно и разбирливо да му ја објасни болеста.  Каква и да е дијагнозата,  треба искрено да му се каже на пациентот. На начин, на кој нема тој да се плаши , или пак да има други негативни емоции . Пациентите очекуваат да ги третираме како возрасни луѓе . Нивната доверба во огромна мера зависи од нашиот однос кон нив.

За нас,  во Систина Офталмологија е многу важно, тоа што имаме постојана можност за усовршување на комуникациските вештини , кои се најважен предусов за градење на позитивна врска со пациентите.

 

  • Покрај тоа, специјалист сте за рефрактивна хирургија ,  работите ласерска корекција на видот.   Каква е интервенција е тоа, и кои се бенефитите што ги имаат пациентите ?

Ласерската корекција на диоптријата претставува еден револуционерен метод за хируршко отстранување на диоптријата со цел подобар вид без оптички помагала (леќи и очила).   Најголемата предност е тоа што е брза, безбедна и безболна интервенција,  а  пациентите може да си одат дома веднаш.  Нема лежење во болница,  резултатите се видливи веднаш, односно после 24 часа од зафатот.   Пациентите може да им се вратат на секојдневните активности по 3-5 дена.

Пред да ја направиме интервенцијата, правиме детален преглед , кој трае отприлика два часа и се испитува секој сегмент од око.  На основа на тоа се одредува дали е или не кандидат за ласерска корекција на видот , и која метода е соодветна.

Кога се работи за ласерска корекција на видот,  во Систина Офталмологија, често гледаме и солзи радосници на ден по самата интервенција. Пациентите често велат  “Требаше порано да ја направам корекцијата “.   Со речиси сите пациентите градиме врски основани на взаемна почит и доверба , тие ни стануваат лојални и ни ја даваат нивната препорака.

Чувството  на докторите,  е незаменливо кога ја гледаме среќата во очите на пациентите.  Вистински благодет е  да им се овозможи на младите , а и на постарите луѓе ,  да функционираат слободно,  без очни помагала.

  • Потекнувате од семејство на офталмолози .  Дали тоа ви помога во кариерата ?

Да , и татко ми и брат ми се офталмолози.  Независно  еден  од  друг, ја одбравме оваа гранка од медицината ,  како една од најубавите и најблагородните професии.   Кога сме заедно,  знаеме со часови да дебатираме на теми поврзани со офталмологијата ,  да разменуваме идеи и знаења , да се спориме и на крајот да дојдеме  до заеднички заклучок.

Во текот на специјализацијата ,  имав безусловна подршка од сопругот , од родителите  и од брат ми.  Тоа ми беше многу важно,  за да ја исполнам сопствената желба за добра едукација и успешна кариера.

  • Што најмногу сакате да правите во слободно време ?

Во слободно време многу сакам да патувам , на европски дестинации, но и на подалечни и егзотични патувања .  Патувањето ме исполнува , ме прави побогата со знаење, искуства и спомени.  Нема ништо поубаво од проучување на нови места ,  откривање на нови навики,  вредности,  традиции , култури , убавини .   Во слободно време, исто така многу сакам да бидам со семејството и со пријателите , со кои многу често поминувам убави заеднички моменти.

  • Која книга би ни ја препорачале ?

За време на специјализацијата немав многу време да читам белетристика.  Би ги издвоила книгите „ Мисли и збогати се“ од Наполеон Нил , „Тајната“ од Ронда Брн и „ Како да разговарате со секого “ од Лил Лаундерс.