• Витректомијата е една од најсложените операции на окото. Зошто?

Витректомијата е една од најсложените микрохируршки операции на окото и често е единствена терапија за многи болести на задниот сегмент на окото. Операцијата се изведува низ четири мали отвори – помали од 1мм,  на белката од окото, низ кои се влегува до стаклестото тело и тоа се отстранува, па се заменува со специјален гас или силиконско масло, а дупчињата на ретината се затвораат со ласер. Аблација на ретината, различни видови повреди на окото се исто така, состојбите кои се лекуваат со  витректомија. Дијабетичарите спаѓаат во ризична група на пациенти кај кои може да се јави потреба од изведување на оваа интервенција. Зафат е сосема безбеден и безболен.

  • Бидејќи е комплексна интервенција, кој е начинот да се утврди дека тоа е вистинското решение?

Најважни се редовните прегледи, особено кај ризичната група на пациенти. Кај сите други потребна е брза реакција, веднаш по моментот на појавување на симптоми. Првите симптоми кај аблација на ретина често се само блесоци, светкања како молњи и црни точки во видното поле. При пукнувањето на ретината може да се појави и мала количина крв во витреалниот простор. Состојбата се влошува со појава на завеса во видното поле. Кога одлепувањето ќе стигне до центарот на видот или макулата, што може да се случи за еден до два дена, видот се намалува и пациентите не можат повеќе да читаат ниту да препознаваат други лица.

При првата средба со докторот, тој ќе одлучи каков преглед ќе му се направи на пациентот согласно неговата состојба. Најчесто во овие случаи се прави детален ретинолошки преглед кој подразбира ширење на зеници за да се види состојбата на окото, одредување видна острина, мерење очен притисок, преглед на очно дно, ехо/биометрија ехографија како и оптичка кохерентна топографија на задниот сегмент, но само во случаи кога дозволува состојбата на окото (во зависност од крварењето).

  • Кои состојби на окото се третираат со оваа интервенција?

Индикации за витректомија се сите опсежни промени настанати во внатрешноста на окото или на мрежницата, ретината како последица на разни болести или повреда на окото. Тука  спаѓаат напредна пролиферативна дијабетична ретинопатија, крварење во окото  (стаклестото тело), одлепување(аблација) и дефекти на мрежницата, увеитиси, ендофталмитис, присуство на абнормални ткива. Исто така, со витректомија се третираат повреди на окото и се отстрануваат леќини маси после компликација во тек на операција на катаракта.

  • Колку трае постоперативниот период и кога пациентот може да им се врати на секојдневните обврски?

Операцијата може да се изведе со  локална, а некогаш и со целосна анестезија. По операцијата окото не е црвено и болно. Закрепнувањето е брзо. Потребно е да се става терапија со капки и маст во текот на две до три недели.   Окото мора да биде затворено еден ден. Контролните прегледи се закажуваат, ден по операцијата, потоа по седум дена и на три недели по интервенцијата. Кај едноставните повреди, пациентот може да се врати на секојдневните активности, десетина дена по операцијата.  Во текот на тие десетина дена потребно е да мирува, односно да лежи во положба која ќе ја препорача лекарот. Работа на компјутер, гледање телевизија и читање, е дозволено со користење на другото око.

  • Има ли некогаш потреба од повторување на зафатот и како тоа може да се превенира?

Зафатот може да се повтори ако дојде до повторно одлепување на рожницата или крварење, секако и кога треба да се извади силиконското масло. Сепак, препораката е  редовно да се оди на контролни прегледи со кои би се откриле различни состојби на окото и би се реагирало со нивно третирање, за да се подобри состојбата, пред  да се премине на витректомија.  На редовни прегледи може да се следи и да се утврди која било промена на окото. Особено е значајно прегледот да опфаќа ширење на зеници, бидејќи на тој начин може да се види задниот сегмент на окото, кој е, всушност, индикатор за постоење на проблем.

  • Дали и на кој начин напредокот на технологијата влијае на модерната медицина, конкретно на офталмологијата?

Напредокот на технологија може да се гледа во две насоки, во контекст на бенефитите кои ги носи за пациентите и во исто време и за докторите, хирурзите. Современата дијагностика како што е Пентакамот или IOL мастерот, даваат детално мапирање на состојбата на окото, или мерење на јачината на леќата на окото редоследно. Тоа во огромна мера помага во дефинирање на следните чекори во третманот на пациентот. Напреднатата технологијата исто така допринесува за намалување на траумите на окото. Кај нас при витректомија се користи витректом кој прави отвори помали од 1 mm.  Тоа придонесува за подобар квалитет на живот на пациентот, по интервенцијата или прегледот.