Специјалист офталмолог

Област од посебен интерес:

  • рефрактивна хиругија
  • дијагностика на очни болести;
  • дијагностика и третман на состојби кај лица со дијабет

Од блиску со д-р Александра Гочева Јерчиќ

„Во комуникацијата со пациентот секогаш треба да преовладуваат позитивните емоции“

  • Кој дел од офталмологијата е ваша специјалност?

Специјализацијата по офталмологија ја завршив во Софија, каде имав можност да учам од најдобрите ретинолози и ретинални хирурзи во регионот. Тогаш, болестите на ретината ми станаа омилен дел од офталмологијата. Мислам дека прегледот на ретината може многу да открие, не само во однос на болестите на окото, туку и за здравјето на целото тело. Во окото имаме уникатна, единствена можност во живо да је следиме циркулацијата на ретината и со тоа да ги видиме крвните садови, кои се претставници на крвните садови во мозокот.

  • Вие го водите дијагностичкиот центар на Систина Офталмологија во Битола. Што значи таков професионален ангажман?

Мојот ангажман, заедно со останатите колеги во Систина Офталмологија е болницата во Битола да биде регионален дијагностички и тераписки центар за лекување на болести на ретината. Го одиме тој пат и речиси е извесна целта.

  • Какви се вашите искуства со ласерската корекција на диоптријата?

Во Систина Офталмологија многу успешно ја правиме оваа интервенција уште од 2015 година. Ние сме единствен центар во Македонија, кој е специјализиран за изведување на сите методи за корекција на диоптрија со ласер. Пациентите кои прават ваква операција всушност се млади и здрави луѓе кои сакаат да се ослободат од очилата или од контактните леќи. Тоа е вистинско освежување за офталмолозите, зашто по преглед од два часа, со ласерска корекција која трае петнаесетина минути, пациентите засекогаш се ослободени од помагалата за гледање и заминуваат среќни.

  • Што е макуларна дегенерација?

Тоа е болест која води до прогресивно намалување на централниот вид. Ја напаѓа макулата, средишниот дел од ретината, која поседува милиони фоторецепторни клетки кои ги фаќаат светлосните импулси, односно сликата која ја гледаме. Со тек на време, тие клетки ја губат својата функција и умираат, главно затоа што окото старее. Болеста има две форми: сува и влажна. Кај сувата има таложење на остатоци од метаболизмот на ретината низ годините кои водат до споро намалување на видот. Кај влажната форма доаѓа до растење на нови абнормални крвни садови во просторот под ретината и тие ја нарушуваат нејзината градба, прогресираат и предизвикуваат отоци и крварења. Од оваа болест страдаат луѓето постари од шееесет години, почесто женската популација.

  • Кои се нејзините симптоми, а кои се ризичните фактори?

Првите симптоми се чувствуваат кога пациентите ги гледаат предметите, буквите, лицата со искривување или замаглување во фокусот, се губи способноста за разликување на фини детали, следува појава на сива дамка во центарот која постепено се шири и станува темна, непровидна. Периферниот вид не е засегнат, така што за среќа оваа болест ретко доведува до потполно слепило. Како болеста напредува почнуваат потешкотии во справување со обични секојдневни работи како читање, возење, препознавање лица и луѓето стануваат се позависни од своите блиски. Болеста е тесно поврзана со возраста, оттаму доаѓа и нејзиното име – age related macular degeneration. Докажан ризичен фактори се генетска предиспозиција -изолиран е ген кој е одговорен за оваа болест и обично се активира по шеесетата година од животот. Останати ризични фактори се: пушењето, дебелината, покачениот крвен притисок.

  • Како се дијагностицира и лекува макуларната дегенерација?

Дијагнозата се поставува со офталмолошки преглед кој опфаќа одредување на видна острина, темелен преглед на очно дно, томографија на ретина. Многу често останува недијагностицирана во својата рана фаза, затоа што не секаде е пракса да се шират зениците и да се гледа очното дно кај пациентите кои не се жалат на искривување на сликата односно потешкотии во читањето. Лекувањето на влажната форма во послердните петнаесетина години доживеа вистинска револуција со воведувањето на лекови што се аплицираат интравитреално, односно се ставаат инекции во окото. Инекциите се безболни, користиме локална анестезија во форма на капки.

  • Дали може да се превенира?

Не можеме да влијаеме на генетската природа на болеста. Главна превенција е промена на навиките, многу зеленчук и овошје во исхраната, физичка активност и контрола на крвниот притисок, гликемијата и на маснотиите во крвта. Со рано откривање и адекватна терапија може значајно да се продолжи квалитетниот живот на луѓето кои страдаат од оваа болест.

  • Дали од болеста страдаат двете очи истовремено?

Најчесто страдаат двете очи, но во различен стадиум на болеста. Кај нас за жал пациентите доаѓаат кога едното око е во многу напредна фаза.

  • Како реагираат пациентите кога ќе ја чујат дијагнозата?

Пациентите доаѓаат со сомнеж за старачко перде или за промена на диоптрија и многу од нив прв пат се среќаваат со дијагнозата макуларна дегенерација. Потребно е детално да им се објасни за да тие сфатат колку е сериозна, и кои се последиците доколку не се третира.

  • Каков е вашиот приод кон нив?

Приодот кон пациентите е во зависност од тоа какви емоции имаат. Најважно е да се надмине стравот и да се решат дилемите што тие ги имаат. Тоа може да се постигне само со отворен разговор во кој ќе преовладаат позитивните емоции.

  • Битола е град домаќин на познатиот интернационален филмски фестивал „Браќа Манаки“. Сакате ли да гледате филмови, ја следите ли неговата програма?

Голем љубител сум на филмови и до пред неколку години следев сė што се случуваше во филмската индустрија, гледав многу нови и интересни филмови. Во последно време често знам да “заглавам” во некоја серија. Секако, поради професијата на сопругот речиси секоја година го посетуваме фестивалот „Браќа Манаки“ и проследуваме голем дел од програмата.

  • Битолскиот театар е еден од најдобрите во нашата земја. Одите ли на театарски претстави?

Мислам дека Битолскиот е најдобриот театар во нашата земја. Се радувам на секоја нова продукција. За жал, во ова време на пандемија ни е скратено задоволството да гледаме театар и едвај чекам повторно да уживаме во театарската магија.

  • Вашата сестра е познатата пејачка Каролина Гочева. Имате ли и вие афинитети поврзани со музиката и каква музика слушате?

Музички афинитет, како професионален ангажман, никогаш не сум имала, но се разбира дека сакам музика. Последниве години децата ни го диктираат музичкиот избор. Во кола освен „тета“ сакат да ги слушаат Фолтин, како и моментално светски актуелните Били Aјлиш и Дуа Липа .

  • Како го дефинирате стилот на една жена?

Насмевка, смисла за хумор и убав муабет да може со неа да се направи.