
Од блиску со д-р Тодорче Јосев
„За да можете да му помогнете на пациентот, најважен е приодот”
- Оваа година започнува со работа дијагностичкиот центар на Систина Офтламологија во Штип каде што и Вие ќе бидете дел од тимот на доктори. Што значи таков ангажман ?
Голем професионален предизвик е да се биде дел од еден ваков тим. Во новиот дијагностички центар ќе имаме различни процедури и начини за детални и комплетни прегледи. Ќе работиме со целата популација, буквално, од најмладите до највозрасните и тоа сите видови на прегледи. Најсовремената апаратура и тим на доктори кои ќе вршиме прегледи очекувам да вроди плод во дијагностирањето и лекувањето на пациентите од овој регион.
Посветеноста и постојаната доедукација се најважни кога се соочувате со професионални предизвици.
- Досега работевте во сферата на јавното здравство. Ќе ви помогне ли тоа искуство во натамошниот тек на кариерата ?
Почнав со работа на ургентниот центар во болницата „8 ми септември“, потоа работев како доктор во брзата помош, следеше специјализација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и четири години работа во Медицинскиот центар во Свети Николе. Искуството со пациентите и со институциите во сферата на јавното здравство има и позитивни и негативни аспекти. Најважна е желбата да им се помогне на пациентите и приодот во таа насока. Позитивните искуства на пациентите за мене беа и остануваат најважни, и тогаш, но и сега , кога продолжувам со кариерата во најуспешната очна болница во Македонија.
- Важите за добар дијагностичар. На основа на што се поставува добра дијагноза ?
На основа на медицинско знаење и на прецизна апаратура за работа. Технологијата и апаратурата со која располага болницата се најдобрата поддршка за секој дијагностичар. Секако, важно е и стекнатите знаења да се надградуваат, да се следат новите светски трендови и искуства.
- Кога е најдобро пациентите да дојдат на преглед и каков?
Најдобро е барем еднаш годишно да се направи детален преглед по можност со ширеење на зеници каде што детално може да се види и предниот и задниот сегмент на окото и детално да се утврди состојбата на окото како и точниот диоптер доколку го има. За разлика од редовните годишни прегледи лица кои имаат одредени системски заболувања (како на припер дијабетесот) многу е значајно да доаѓаат редовно односно на помал временски период на секои 4 до 6 месеци и да ја следат состојбата на своите очи. Со редовните прегледи се важни бидејќи со нив може да се превенира и на време да се откријат промените и соодветно да се реагира.
Секако, секогаш сите оние кои ќе осетат некакви симптоми различни од вообичаеното како на пример промени во видното поле, намалување на видот, искривена слика, сенка и сл., треба да се јавуват на преглед.
- Каков е прегледот на пациент со дијабетес. Какви испитувања треба да се направат ?
Прегледот почнува со одредување на видната острина, мерење на очен притисок, ширење на зениците за да се види леќата и задниот сегмент, екографија, OЦТ , да се утврди дали има макуларен едем или не. Многу е важно да се следи состојбата, затоа што може брзо може да еволуира.
- Каква треба да биде комуникацијата со пациентот пред да му се постави дијагнозата ( за таа да биде успешна )?
Најважно за пациентот е да биде опуштен кога се дијагностицира болеста. Докторот не треба да се постави авторитативно, напротив, пријателски. Важно е на разбирлив начин да му објасни на пациентот, за каква болест се работи и што може да очекува во процесот на лекување. Внимателно треба да се сослуша пациентот, да се разберат симптомите, емоциите и маката што ја има. Ако се почувствува разочараност или депресивност, треба да се надминат тие емоции, со образложение дека лекувањето секако е состојба која води кон подобрувањето на состојбата.
- Како реагираат пациентите кога ќе ја чујат дијагнозата?
Пациентите различно реагираат. Имаат различни емоции и очекувања. Нормално е, секој кој е подложен на болничко испитување, да се плаши од конечниот исход. Но кога ќе го разберат целиот процес, пациентите стекнуваат доверба во докторот, стануваат посмирени и лесно влегуваат во процесот на лекување.
- Што правите во слободно време?
Читам книги, слушам музика, гледам филмови. Многу често одам на прошетки со ќеркичката. Возиме точаци и ролери. Убави ни се заедничките моменти, разговараме и се шегуваме.
- Која книга би ни ја препорачале ?
Делата на Стивен Кинг. Кога специјализирав, си поставив цел, да ги прочитам, сите.
- Каква музика слушате ?
Рок. Rolling Stone, Deep Purple, Led Zeppelin …
- За кој филм можете да кажете дека ви е омилен ?
Форест Гамп и Зелената миља – базирана на новела на Стивен Кинг.