
Пролетни прашања поврзани со: „Ме чешаат очите…како да имам песок во очите…постојано ми се трепка…Во внатрешниот дел на окото имам црвенило и ме пече…тешки ми се капаците, како да не можам да ги отворам очите.“
Најчестиот одоговор е: најверојатно имате алергија на очи.
Што е алергија на очите?
Алергените од природата која цвета се лепат на конјунктивите од очното јаболко и предизвикуваат воспаление, оток, црвенило и рапавост на ткивото. Ако ги протриеме очите, ги втриваме алергените подлабоко во ткивото и алергиската реакција е посилна.
Колку трае алергија на очи?
Алергијата на очите се јавува вообичаено во исто време секоја година, во пролет. Со почеток на летото, се смирува. Пациентите вообичаено знаат кога ќе почне алергијата и со наша помош навреме го спречуваат нејзиното појавување.
Постојат и целогодишни алергии, на пример на домашна прашина, но тие се поретки и уште поретко ги зафаќаат само очите.
Дали треба да се лекува?
Задолжително. Алергијата мора да се лекува затоа што хроничното воспаление и иритација на очите може да предизвика или да предизвика други состојби и болести на очите.
Главното лекување се состои од обилно испирање на очите со вода, за да се отстранaт алергените. Мора да се додадат и соодвeтни капки за смирување на имунолошкиот одговор на окото, како кортикостероиди (кои се ставаат само под контрола на офталмолог и строго контролирано време) и стабилизатори на мастоцититеи (кои спречуваат повторно да се појави алергијата по прекин на терапијата).
Дали треба да се прави алерго тест?
Ако алергијата не ги зафаќа респираторните органи (дишењето), не е потребен алерго тест. Алерго тестот може да ни даде одговор дали сме алергични на најчестите алергени во природата, но многу од нив не се опфатени со тестот. Исто така, сознанието на кој алерген имаме алергија , ни помага само да знаеме во кој период тоа растение цвета и кога да ја очекуваме алергијата (како на пример алергија на полен). Практично е многу тешко да го избегнуваме алергенот.
Дали треба да се земаат таблети, спрејови и сл.?
За алергија на очите, најчесто не е потребна системска терапија (таблети, инхалатори). Ако алергиската реакција комбинирано и силно ги зафаќа и носот и дишењето, треба да се консултира алерголог и да се додаде соодветна терапија.
Дали алергијата на очите остава последници?
Ако не ги триеме очите, а ја лекуваме, не.
НО! Последните студии покажуваат голема поврзаност меѓу хроничната алергија на очи и појавата на кератоконус. Кератоконус е болест на рожницата на окото која се карактеризира со нејзино ослабнување и конусно испакнување нанапред. Тоа доведува до појава на астигматизам (цилиндер) расејување на светлата и отежнато фокусирање особено навечер. Кератоконусот се јавува кај млади луѓе (под 20 години) и многу е важно навремено да се дијагностицира и лекува.
Дали постои општа превенција на алергија на очите?
Најчест фактор на предиспозиција е сувоста на очите. Сувите очи се лепливи и осетливни на алергените, на прашината и на сите честици од природата кои се лепат на конјунктивите и предизвикуваат нивно воспаление.
За дома: Почесто мијте ги очите со вода, особено по престој во природа. Ставајте ја терапијата која ја напишавме. Симптомите може да се враќаат до втората половина на јуни, потоа ќе исчезнат. Следната година дојдете да ве видиме пред да започнат симптомите, околу почетокот на март, или уште во февруари, за да спречиме да се развие алергијата. Не е страшно и не остава последици но мора да се лекува. Не смеете да ги триете очите. Триењето може да предизвика оштетувања на рожницата и конјунктивите. Ако навечер тешко фокусирате или имате расејување на светлината околу светлосен извор, закажете Пентакам.