
Рутинските офталмолошки прегледи се препорачува да се прават еднаш во годината, дури и кај пациенти кои воопшто немаат никакви проблеми, бидејќи само на овој начин може навремено да се открие дали постои некакво заболување кое во почетокот може воопшто да не се манифестира со никакви симптоми.
Доцнењето и од неколку години може да направи разлика помеѓу нормален вид и слепило, додека одредени состојби можат да бидат многу очигледни, некои други можат да се појават прикрадно и незабележително.
Во секојдневната работа имам видено многу различни примери, каде што поради задоцнет преглед за жал не се успева да се започне за навремен третман и поради тоа настанува губење на видот. Исто така има и многу примери каде со навремено откривање на болеста на крај се успева да се постигне и сочува максимална видна острина.
Како пример ќе наведам еден пациент кој за прв пат дојде на преглед на инсистирање на неговата ќерка. Тој подолго време се жалел дека има блага болка во пределот на окото, но никако не се решил да посети доктор. На преглед беше откриен многу висок очен притисок и хроничен глауком со напредно оштетување на очниот нерв. Со дадената терапија успеавме да го нормализираме очниот притисок, но за жал се уште не постои никаква терапија која ќе успее да ги врати промените на нервот, поради што пациентот на крај имаше вид од околу 10%.
Иако ова е застрашувачки пример, покажува колку е неопходно да се направи редовен и рутински офталмолошки преглед.
Друг пример е девојче на возраст од 4 години кои родителите ја донесоа на рутински преглед, без никакви симптоми. На прегледот беше откриено дека девојчето на едното око има диоптрија и поради тоа слабовидност, односно неразвиен вид, а бидејќи другото око немаше никаква диоптрија, родителите воопшто не забележале дека не гледа. И беше препишана соодветна диоптрија, како и вежби со целосно покривање на здравото око и на тој начин се форсираше гледањето само со послабото око и развивање на видот. Кај неа со редовно следење успеа да се постигне максимална видна острина на двете очи. Доколку оваа состојба не се откриеше на време, слабовидноста на тоа око можеше да биде доживотна, бидејќи за жал после 10-та година од животот овие вежби немаат никаков односно многу мал ефект.
Поради тоа многу е важно уште од рана возраст да се започне со редовни очни прегледи, бидејќи нетретираните промени може да бидат неповратни и да влијаат на целиот квалитет на животот понатаму.
Што се случува на офталмолошки преглед?
За време на прегледот, со помош на биомикроскоп се прегледуваат структурите на предниот дел на окото и очните капаци, а со дополнителна леќа се гледа зголемен приказ на мрежницата и на другите структури во задниот дел на окото.
Зеницата е единствениот прозорец во телото, што ни овозможува да ги видиме крвните садови на мрежницата и рано да откриеме дури и системски заболувања, како што е дијабетесот, висок крвен притисок, покачен холестерол и други крвни и реуматолошки заболувања.
Рефракцијата е постапка за одредување на диптријата која постои, а во случај да се открие промена во рецептот за очила тоа може да укажува на постоење и на други состојби, вклучувајќи катаракта, кератоконус, проблеми со тироидната жлезда и сл.
Редовна проверка на очниот притисок – тонометрија е важно за навремено откривање на глауком кој е водечка причина за слепило. Глаукомот нема симптоми додека не стане во понапредната фаза и кога веќе настанало неповратно губење на видот. Доколку глаукомот се открие навремено тој може да се третира ефикасно, најчесто само со локална терапија – капки. Уште еден начин за следење на оваа болест е тестирање на видното поле, а овој тест исто така го користиме и при различни невролошки и мозочни заболувања.
Со текот на возраста се случуваат физиолошки промени кои се нормални, а сепак можат да имаат големо влијание во секојдневните активности – таков е примерот со појавата на катаракта, која претставува заматување на природната леќа. Катарактата доведува до намалување и заматување на видот, односно гледање како низ магла. Операцијата на катаракта е една од најчестите хируршки процедури што се изведуваат, а со навремен преглед може да се одбере најдоброто време за операција кога таа може да се изведе во најбезбедната фаза и значително да се подобри видот кај пациентот.
Синдромот на суво око е уште еден многу чест проблем, а на преглед може да се откријат раните фази на суви очи и да се започне со третман, кој ќе овозможи поудобно функционирање и добивање на појасен вид.
Редовните офталмолошки прегледи се кратки и безболни, ќе ви одземат максимум еден час од вашиот ден, а прават суштинска разлика за сочувување на јасен вид и здрави очи до крајот на животот. Иако немате симптоми, закажете го вашиот редовен очен преглед бидејќи најтешките очни болести најчесто се без симптоми.
Ве поздравувам,
д-р Кристина Шишарица
доктор