Голем број на офталмолози од Македонија и Косово присуствуваа на стручното предавање „Последните искуства во рефрактивната и витреоретиналната хирургија” “ кој се одржа во саботата (25.03.2017) во амфитеатарот на клиниката „Аџибадем Систина” во Скопје. Овој настан организиран од „Систина Офталмологија” која е дел од групацијата „Свјетлост”, Загреб беше акредитиран од Лекарската Комора на Македонија и прилика специјалистите офталмолози да ги разменат своите искуствата за најновите методи кои се користат во третирањето на очните болести.

Стручното предавање започна со д-р Златко Арнаудовски кој преку примери на пациенти ги претстави новите можности во катарактната хирургија, а доц. д-р Ратимир Лазиќ преку видеа од операции ги образложи современите пристапи на витреоретиналната хирургија. На оваа тема се надоврза д-р Илир Османи со искуства во примената на Анти ВЕГФ терапијата. Д-р Билјана Костовска истакна кои се дилемите и предизвиците, но и големото задоволство на се’ поголемиот број на луѓе на кои ја симнуваат диоптријата во „Систина Офталмологија”. Тоа се пациенти кои благодарение на искуството на докторите од оваа клиника и современата апаратура, засекогаш се ослободуваат од очните помагала. Во своето предавање, Д-р Фанка Гилевска презентираше како се дијагностицира, како се третира кератоконусот, додека пак, Д-р Викторија Филева ги пренесе најновите искуства во дијагностицирањето на страбизмот и неговото лечење. „Систина Oфталмологија” која е дел од групацијата на хрватската очна клиника „Свјетлост”, инвестира финансиски и човечки ресурси во зголемување на свесноста и информираноста за новите можности на превенција и лекување на очните болести и токму затоа организира вакви стручни средби. Оваа клиника вложува и во едукација на амбициозни доктори со тоа што им овозможува специјализација во европските очни центри, кои своето знаење, понатака ќе го пренесат во нашата земја.