
Целокупниот тим на „Систина офталмологија“, предводен од д-р Златко Арнаудовски ќе направи се за да ја оствари најголемата желба на младиот и талентиран пејач, дел од „Златно славејче“, Виктор Тошевски, кој е целосно слеп. Очната клиника ќе се погрижи околу прегледите и доколку постои и најмала шанса, надеж да прогледа, ќе го обезбеди неговото понатамошно лекување. Ова е веројатно најубавиот можен подарок кој младиот Виктор можеше да го посака, а неочекувано го доби на сцената на Новиот театар, каде што во петокот се одржа промоција на новото ДВД издание на фестивалот за деца „Златно славејче 2013“.
Во присуство на сопругата на покровителот на фестивалот, претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова, и министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, кои несебично го поддржаа хуманиот гест за Тошевски, кон кој се приклучија и други добротвори, беше одржана промоцијата на која беше претставено новото ДВД издание, кое е реализирано од страна на ТВ Сител во ноември 2013.
„Многу е лесно да се работи и функционира кога ќе се спомне „Златното славејче“. За него со задоволство се зборува, а тоа го докажа и бројката на посетители кои ја имавме оваа година во Универзална сала“, рече Бобан Јосифовски, извршен директор на фестивалот. „Горди сме што направивме уште еден добар фестивал, 43 по ред и се надеваме дека Златното славејче уште долго ќе лета!“, додаде Јосифовски, кој додели специјални благодарници на сите помагатели, училишта и градинки кои го поддржаа фестивалот. На ДВД изданието на „Златно славејче 2013“ се наоѓаат 21 песна: покрај 15 нови композиции, се сместени и шест препознатливи рефрени како „За сите деца“ и „Песна за Скопје“. (К.Ш.)
Текстот е превземен од Утрински Весник.