
Сенилна макуларна дегенерација е тип на дегенерација на ретината во регија на жолтата точка, која се јавува во возраст над 55 години. Болеста е прогресивна, хронична и почнува најчесто без симптоми. На редовен офталмолошки преглед со ширење на зеници се откриваат почетни промени во макулата кои се опишуваат како друзи. Понатаму, тие можат да се зголемат, да се спојат ( конфулентни) и да доведат до атрофија на дел од ретиналните слоеви. Таквата форма на сенилна макуларна дегенерација се вика сува форма и карактеристично завршува со големи зони на географска атрофија (атрофичните промени се опишуваат како географска карта). Голем број студии, истражуваат лек кој би ја сопрел или излекувал сувата форма на сенилна макуларна дегенерација, но до сега, за жал, без успех.
Во обид на организмот да ги залечи промените настанати во ретиналните слоеви, некогаш настанува раст на нови крвни садови, кои по својата форма и местоположба се абнормални, и кои пропуштаат течност во околното ткиво и лесно и често крварат. Тие крвни садови повлекуваат и фиброзно ткиво и предизвикуваат формирање на нефункционална лузна во ретината. Таквата форма на макуларна дегенерација се вика влажна форма. Се лекува со анти-ВЕГФ факторите кои го сопираат растот на абнормалните крвни садови.
Ризик фактори
Причините за настанување на сенилна макуларна дегенерација не се изненадување. Ако е присутна како фамилијарна болест, ризикот да се појави и кај следните генерации е поголем. Дополнителни фактори од околината кои влијаат да се манифестира генот за појавување на болеста се пушењето (двојно го зголемува ризикот), покачениот крвен притисок, покачен холестерол, слаба физичка активност, лоша исхрана. Дополнителен фактор е УВ зрачењето, од каде и препораката за носење на очила со УВ заштита преку целата година, а не само во лето.
Дијагностицирање на макуларна дегенерација
Сенилната макуларна дегенерација најчесто се открива случајно, на редовен офталмолошки преглед со проверка на видната острина и ширење на зеници. Најчесто на почетокот, нема никакви симптоми по видот. Кога се веќе присутни симптоми, значи дека стадиумот е понапреден.
Лекарот кој видел промени во насока на сенилна макуларна дегенерација препорачува да се направи ОЦТ снимање. ОЦТ снимањето е неинвазивна метода, без зрачење која работи на принцип на ултразвучни бранови и дава тродимензионални податоци за сите ретинални слоеви. На тој начин ни дава можност да ги визуелизираме промените на ретината, да ги измериме (големината на друзите) и да ја предвидиме понатамошната прогресија на основа на нивниот изглед. Исто така, со помош на ОЦТ снимањето, можеме да ги мериме ефектите на лекувањето, со цел да создадеме план на апликација на медикаменти, кој е индивидуален и соодветен за тој пациент.
За дома, пациентот добива Амслерова мрежа (Amsler Grid) и упатство за нејзино користење, со цел еднаш неделно да прави проверка и ако забележи влошување на состојбата да се јави навремено на контролен преглед.
Третман на макуларна дегенерација
Анти-ВЕГФ терапијата во форма на инекции кои се ставаат директно во окото, е многу успешен начин за третман на влажната форма на сенилна макуларна дегенерација. Инекциите го сопираат растот на абнормалните крвни садови и го намалуваат пропуштањето на течност во околните ткива. На тој начин се намалува отокот на ретината и видот се подобрува. Апликацијата на инекции се одвива во одреден ритам на 4 до 6 недели зависно од стадиумот на болеста и од типот на инекцијата, се до стабилизирање на состојбата.
Анти-ВЕФГ третманот, за жал, не успева да ги уништи веќе израснатите крвни садови. Од тука, е и важноста да се открие болеста што порано и да се почне лекувањето веднаш по откривањето, за најдобри резултати.
Превенција на макуларна дегенерација
Истражувањата на различни начини на исхрана и диети, ја промовираат медитеранската исхрана како најдобар начин за превенција на сенилната макуларна дегенерација. Редовното четкање на забите и одржување на хигиената во устата го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести и сенилна макуларна дегенерација.
Витаминскиот комплекс кој содржи цинк, бакар, витамин Ц, витамин Е, лутеин, зеаксантин, и витамин А (бета каротен) влијае на сопирање на понатамошната прогресија на сувата форма на сенилна макуларна дегенерација. Овие витамински комплекси се во вид на таблети или капсули за очи и се присутни во аптеките во различни комбинации.
Комбинацијата која е соодветна за вас, треба да ја препише лекар, кој претходно ќе биде информиран и за вашите навики. Пациентите што пушат, не се препорачува да земаат суплементи со витамин А, бидејќи тоа го зголемува ризикот од карцином на белите дробови. Комбинацијата лутеин и зеаксантнин, може да придонесе за влошување на проблемите со простатата кај мажи или стрес инконтиненција кај жени.
Во прилог: Амслерова мрежа (Amsler Grid) за самостојна проверка