
Стравот на децата од бели мантили се развива уште кога се многу малечки. Страв од разделба од родителите, не знаење што им се случува и што ќе им прават, па дури и чувство на вина дека згрешиле нешто чија казна е одење на клиника, се само дел од причините зошто треба да го подготвите детето пред неговата прва средба со очен доктор. Вообичаено, во зависност од годинките на детето, првиот преглед се сведува на запознавање и комуникација на детето со офталмологот за да стекне доверба и да се чувствува пријатно во ординацијата.
И вие, драги родители, имате големо влијание дали очните прегледи ќе бидат позитивни и забавни. Ова се неколку совети кои ќе ве подготват вас и вашето дете за посетите на лекар:
1. Запознајте го со улогата на очите и видот
Цртајте го окото додека му објаснувате или пак, преку игра покажете му што ќе му прават на прегледот. Направете си табла за проверка на видот и затворете го едното око додека се обидува да ги чита бројките. Дури може да земете и светилка и да поминете над неговите очи, за да осознае дека постојат и алатки кои ќе се користат за време на прегледот.
2. Информирајте го за престојниот очен преглед
Секогаш, за секој преглед, треба да го информирате вашето дете бидејќи сознанието за потребата од прегледот ќе го направи искуството помалку стресно. Претставете го офталмологот и медицинскиот тим на позитивен начин и објаснете му дека тие се грижат децата да растат и да се развиваат здраво и дека на прегледот ќе може да праша се што го интересира поврзано со неговите очи.
3. Објаснете го процесот на ширење на зеници
За да направите да му биде попријатно чувството кога медицинско лице ќе стои над него да му капе капки и да не се исплаши, дома од време на време ставајте му вештачки солзи. Предупредете го дека можеби малку ќе го пече окото од капките, но тоа чувство брзо поминува.
4.Понесете ја со вас омилената играчка на вашето дете за да се чувствува комфортно
Додека чекате во чекална да се рашират зениците, детето може да стане нетрпеливо и раздразливо бидејќи дете како дете не го држи место. Во нашите чекални имаме детски играчки и боенки со кои може да си игра, но ако е поанксиозно и не реагира добро на промени, најубаво е да ја понесете со вас и неговата омилена играчка поради која ќе се чувствува посигурно.
5. Препознајте чувство на вина
Дете кое оди на офталмолог поради болест или друга очна состојба може да има неизјаснети чувства на вина поврзани со тоа. Разговарајте со нив за тоа на смирен начин и охрабрувајте го вашето дете дека појавата на болеста не е затоа што нешто не направило како што треба или пак заборавило да направи.
Независно од годините на детето, офталмологот точно знае што да каже, како да реагира и како да го насочи детето да соработува. На крајот од прегледот, офталмологот го “наградува“ детето со позитивни коментари, подарок за успешно обавен прв офталмолошки преглед. Секогаш имајте во предвид дека реакцијата на детето во одредена ситуација е всушност и слика на вашиот однос во таа конкретна ситуација. Ако вие на самиот преглед сте вознемирени и постапувате со доза на недоверба кон офталмологот, вашето дете ќе го забележи тоа. Ако навистина сте многу вознемирени, пред самиот преглед разговарајте со офталмологот за се што ве интересира.