Програмата за ран скрининг кај децата која  пред 5 години беше отпочната од УСАИД и Лајонс фондацијата во соработка со офталмолозите од „Систина Офталмологија“, имплементирана од Универзитетот на Југоисточна Европа, ќе биде превземена од страна на Министерство за здравство на Северна Македонија.

На собирот кој беше оддржан на 25 февруари присуствуваа министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, американскиот амбасадор за Џес Бејли. На стручниот собир присуствуваа и д-р Златко Арнаудовски  и д-р Билјана Костовска, како и проф. д-р Шпетим Љатифи директор на проектот.

Американскиот амбасадор Џес Бејли во својот говор истакна дека ваков вид на здружување ќе придонесе до поголемо влијание и едукација за потребата од ран скрининг кај децата за превенирање на очни состојби и да се зголемат образовните можности за лицата со пречки во видот.

„Пред 5 години, УСАИД и Интернационалната фондација Лајонс ја започна програмата за ран скрининг на која се приклучија и повеќе организации и поединци од што многу граѓани на Северна Македонија имаа корист.“ – вели Бејли.

„Се надевавме и на поддршка од приватниот сектор и охрабрувачки беше што истата ја добивме уште од самиот почеток. Очната болница „Систина Офталмологија“ се вклучи во рамките на проектот при што обезбеди експертиза и бесплатни очни прегледи. Особено ја поздравуваме д-р Билјана Костовска за координацијата и учеството на 15 офталмолози.“ -надополнува Бејли.

Д-р Билјана Костовска заедно со останатите офталмолози во последните 5 години изврши 30.000 скрининзи низ Македонија. На децата на кои им беа откриени очни аномалии, дополнително бесплатно се третираат и следат во „Систина Офталмологија“. Естимација на придонесот на „Систина Офталмологија“ за овој проект во петте години изнесува 50.000 долари.