
Операција на катаракта е една од најчестите операции кои што се изведуваат во нашата болница. Катарактата и покрај тоа што може да биде причина за губење на видот, само со еднодневна процедура ќе биде минато. Многумина од вас се прашувате што да очекувате по операцијата и како ќе гледате. Нашата драга пациентка Розалија К.Василевска вели: „По операцијата се чувствувам како од црно бел филм одеднаш почнувам да гледам HD филм во сите бои.“ Розалија го реши проблемот со катаракта со вградување на монофокална интраокуларна леќа и сега ужива во убавините на природата и без проблем ги обавува редовните работни обврски.
За да ги разрешиме сите ваши дилеми, прочитајте го овој краток водич за постоперативното закрепнување и кои се бенефите по целиот процес.
Постоперативна грижа (закрепнување)
За закрепнувањето по операцијата да биде што е можно побрзо, успешно и комфорно, потребно е пациентот да биде дисциплиниран и да ги следи сите упатства добиени од офталмохирургот.
Во текот на првиот месец, важно е да се придржувате до овие насоки:
- Редовно земање на пропишаната терапија, на начинот кој е објаснет од страна на медицинскиот персонал;
- Не го допирајте, триете или притискајте оперираното око;
- За време на миење или бањање, строго внимавајте во окото да не навлезе сапун или шампон. За бришење на лицето користете посебен пешкир за благо впивање на водата од лицето;
- Потешки физички активности се строго забранети – кревање, туркање или влечење на товари потешки од неколку килограми, напрегање, вршење на потешки работи во домаќинството и сл.;
- Забранети се спортски активности, како пливање во езеро, река или базен;
- Избегнувајте престој во валкани, прашливи и задимени простории, гужви во градски превоз;
- Забрането е шминкање (особено користење на маскара);
- Водете грижа окото да не го повредите;
- Должината на боледувањето зависи од вашето занимање, работни обврски, како и брзината на постоперативното закрепнување.
Доколку почувствувате болки, црвено око, нагло губење на видот, појава на одблесоци или сенки пред очите, од голема важност е да се јавите на вашиот офталмохирург и покрај закажаните контроли.
Постоперативни контролни прегледи
Првата контрола е следниот ден по операцијата. На овој преглед се прави контрола на видот и состојбата на окото, се препишуваат соодветните капки како терапија кои штитат да не настане инфекција и спречуваат натамошно воспаление. Кај повеќето пациенти веќе се забележува подобрување на видот, иако нормално е да чувствувате непријатност на оперираното око, како повремено пецкање и гребење. Окото може да биде црвено и да солзи, да имате чувство на маглење, појава на ореол, како и заматен вид и двојни слики. Сите овие симптоми се нормални и постепено ќе исчезнат. За тоа време, исклучително е важно да не го допирате или триете окото, да избегнувате потешки напори, редовно и правилно да ја користите пропишаната терапија и да се грижите за хигиената на очите.
По втората контрола, која се закажува една недела по операција, продолжувате со користењето на капки, но дозата постепено се намалува. Вообичаено е сите симптоми на нелагодност постепено да исчезнуваат овој период. Секој ден ќе забележите дека гледате сѐ подобро до наредната контрола.

На третата контрола, која е еден месец по операцијата се прави проверка на видната острина и ви се препишуваат очила (доколку се потребни – што зависи од имплантираната интраокуларна леќа која сте ја одбрале како што е случајот со монофокална интраокуларна леќа). Во овој период се смета дека окото потполно зараснува и се постигнува добра видна острина.
Брзината на закрепнувањето зависи и од повеќе фактори. Ултразвучната операција на катаракта е операција со мал засек, што овозможува многу побрзо и покомфорно закрепнување за разлика од претходните хируршки методи.
Операција на катаракта и нејзини бенефити

- Го подобрува квалитетот на живот
Бидејќи катарактата се развива полека, можеби ќе ви треба одреден период да забележите потешкотии при читање или возење ноќно време. Постепено ќе престанете да ги правите активностите во кои уживате без да знаете зошто. Присуството на катаракта може дури да доведе до депресија или анксиозност. Кога веќе ќе ја отстраните, ќе можете повторно да ги правите вашите омилени активности. Студиите покажале дека квалитетот на животот на пациентите кои се оперирале се зголемил за 36% по операцијата.
- Го намалува ризикот од паѓање или скршеници
Не ги гледате добро скалите или патот по кој одите, елементите во домот, или постепено го губите видот – се најчестите причини за паѓање, повреди или скршеници. Падот може да биде опасен дури и фатален за повозрасните лица. Студиите покажале дека пациентите над 65 годишна возраст кои направиле операција на катаракта имаат за 25% намален ризик од скршеници на колковите.
- Операцијата може да ви го продолжи животот
Долгогодишните медицицински студии порзани со операцијата на катаракта покажале дека пациентите кои се оперирале имале за 40% намалување на ризикот од смртност во споредба со оние кои не се оперирале. Ова е поврзано со претходните две, затоа што гледате добро, функционирате полесно, се чувствувате сигурни во себе и имате поголема самодоверба.
Во нашата болница ова е една рутинска и кратка процедура, која е сосема безболна и сигурна за пациентот. Нашите офталмолози препорачуваат да се оперира што порано. Па затоа, не одложувајте, направете го предоперативниот преглед за катаракта доколку се сомневате на постоење на истата и со офталмологот ќе ги дискутирате можните решенија. Работиме со најсовремените видови на интраокуларни леќи, кои се дизајнирани за секој пациент посебно и конечно, ќе го добиете видот и животот кој го посакувате!
Насмевнете се и ослободете се од катарактата засекогаш!