Многу често родителите ги носат своите деца на преглед во првата година од животот поради кривење на очите, најчесто навнатре односно кон носот.

Но, дали секогаш станува збор за вистински страбизам? Одговорот е не.

Страбизам е состојба на пореметување на положбата или подвижноста на очите при што двете очи немаат ист правец на гледање. Окото кое фиксира објект стои право, а другото око може да биде искривено кон носот (езотропија), кон надвор (егзотропија), горе (хипертропија) или кон долу (хипотропија).

Лажен страбизам (псевдострабизам) е состојба кога очите изгледаат дека се искривени, најчесто кон носот, но всушност страбизам не постои.

Псевдострабизмот е чест кај бебињата од раѓање па се до 18 месечна возраст. Тоа е така бидејќи бебињата имаат широка база на носот и понекогаш набор на кожата на горниот капак (епикантус) коj го прекрива внатрешниот дел од белката (склерата) па остава впечаток дека очите се вкрстени/искривени кон носот.

Илузијата дека едното око е искривено може да биде уште поизразена кога бебето гледа на едната или на другата страна.

Псевдострабизам

Нормално е да бидете загрижени дека вашето дете можеби има страбизам. Но, како да видите дали станува збор за лажен страбизам?

Брз и едноставен начин да откриете дали вашето дете има страбизам или не е да погледнете некоја фотографија од вашето дете сликана со блиц.

На фотографијата лицето и очите на детето треба да бидат насочени директно кон камерата. Погледнете каде се рефлектира светлината на очите на вашето дете.

Ако детето има лажен страбизам светлината ќе се рефлектира на истото место на зениците на двете очи, односно светлосниот рефлекс ќе биде централно на зениците.

Ако детето има вистински страбизам, светлината ќе се рефлектира на различно место на секое око, односно централно на зеницата на окото со кое фиксира додека на окото кое се криви светлосниот рефлекс може да се рефлектира на работ на зеницата, на ирисот или пак на склерата.

Ако детето има лажен страбизам светлината ќе се рефлектира на истото место на зениците на двете очи, односно светлосниот рефлекс ќе биде централно на зениците.

Ако детето има вистински страбизам, светлината ќе се рефлектира на различно место на секое око, односно централно на зеницата на окото со кое фиксира додека на окото кое се криви светлосниот рефлекс може да се рефлектира на работ на зеницата, на ирисот или пак на склерата.

На преглед може да се направи истиот тест со поставување на светлосен извор пред детето и пратење на светлосниот рефлекс на зениците. Може да се направи и cover/uncover  тест односно тест на покривање и откривање на очите со што се следи движењето на очните булбуси. Кај псевдострабизмот овој тест е мирен – нема придвижување на булбусите додека кај страбизмот се гледа движење кон внатре/надвор или горе/долу.

Што да направите ако вашето дете има страбизам?

Вистинскиот страбизам има тенденција да се влошува со текот на времето и за него е потребен соодветен третман (носење очила/оперативна корекција). За псевдострабизмот не е потребен третман, тој со текот на времето се подобрува/исчезнува со оформување на коскените структури на лицето и носот како што бебето расте.

Доколку се сомневате дека едното или двете очиња на вашето дете се криват потебно е да се направи детален офталмолошки преглед. Страбизмот се корегира со носење на очила и доколку е потребно оперативен зафат со цел да се овозможи развој на нормален вид и видна острина.

До следно дружење,

д-р Ања Шумејко
доктор