Програмата за ран скрининг кај децата што пред 5 години беше започната од УСАИД и од Лајонс фондацијата во соработка со офталмолозите од „Систина Офталмологија“, имплементирана од Универзитетот на Југоисточна Европа, ќе биде преземена од страна на Министерство за здравство на Северна Македонија.

На тркалезната маса што се одржа на 25 февруари присуствуваа министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и американскиот амбасадор Џес Бејли. На стручниот собир присуствуваа и д-р Златко Арнаудовски и д-р Билјана Костовска, како и проф. д-р Шпетим Љатифи, координатор на проектот од УСАИД.

Американскиот амбасадор Џес Бејли во својот говор истакна дека ваков вид здружување ќе придонесе за поголемо влијание и едукација за потребата од ран скрининг кај децата за превенирање очни состојби и ќе придонесе да се зголемат образовните можности за лицата со пречки во видот.

„Пред 5 години, УСАИД и „Лајонс Дистрикт 132 Македонија“ ја започнаа програмата за ран скрининг, на која се приклучија и повеќе организации и поединци, а од која имаа корист голем број граѓани на Северна Македонија“, вели Бејли.

„Се надевавме и на поддршка од приватниот сектор и охрабрувачки беше што таа поддршка ја добивме уште од самиот почеток. Очната болница ’Систина Офталмологија‘ се вклучи во рамките на проектот, при што обезбеди експертиза и бесплатни очни прегледи. Особено ја поздравуваме д-р Билјана Костовска за координацијата и за учеството на 15 офталмолози“, надополнува Бејли.

Д-р Билјана Костовска заедно со другите офталмолози во последните 5 години изврши 30.000 скрининзи низ Македонија. Децата на кои им беа откриени очни аномалии дополнително бесплатно се третираат и се следат во „Систина Офталмологија“. Процената на придонесот на „Систина Офталмологија“ за овој проект во петте години изнесува 50.000 долари.

Резултатите од овој проект ја истакнаа и потврдија потребата за воведување на Закон за задолжителен очен преглед кај деца од 3 годишна возраст во Република Северна Македонија со што ќе се постигне превенција на слепило. Ваков закон веќе е изгласан и се применува во неколку европски држави.