
Многу често е наследен, но не секогаш. Со возраста ризикот за глауком е поголем, а може да се појави и кај деца па дури да биде и вроден. Вообичаено децата со глауком имаат големи очи (doll eyes), поради тоа што окото е порастегливо во услови на висок очен притисок. Кај возрасните најчесто нема симптоми се додека болеста не е во многу напредна фаза за која е карактеристичен „тунелски вид“. Нетретиран глауком, може да доведе до комплетно оштетување на очниот нерв кое резултира со слепило.
Зошто се појавува глауком?
Механизмот за настанување на глаукомот е различен, па на основа на тоа има и различни поделби на глаукомот, а од таму и различен третман. Заедничко за сите е преголемата количина на очна вода која се задржува во окото, или нарушен проток на истата што доведува до насобирање и висок притисок врз структурите во окото.
Некогаш застојот е резултат на анатомската градба на окото, друг пат како резултат на таложење на различни материи во одводниот систем на окото.Глауком може да настане и како последица на повреда на окото, очна инфекција, блокирани крвни садови во внатрешноста на окото и многу ретко, одредена интервенција која служи за третирање на друг очен проблем може да предизвика глауком.
Симптоми глауком (очен притисок) се појавуваат предоцна
Повеќето лица кои имаат глауком немаат никакви почетни симптоми или болка.
Првиот знак најчесто е губиток на периферниот вид, кој може да се појави дури многу подоцна во животот и поради тоа глаукомот е познат како тивкиот крадец на видот. Поради наглиот висок очен притисок, може да се појават симптоми како главоболка, болка во очите, заматен вид, мачнини, повраќање, црвени очи и од време на време забележување на халоа околу светли елементи.
Во тие случаеви веднаш обратете се на офталмолог за детална проверка!
Деталната дијагноза е клучна за зачувување на видот
Дијагнозата на глаукомот не вклучува само мерење очен притисок. Самиот преглед е детален и се испитува видна острина, дебелина на рожница, преглед на очна позадина со што се проверува и очнот нерв и жолти пеги, испитување со ОЦТ и компјутерско испитување на видно поле.
Ако имате над 40 години и имате фамилијарна историја на болеста, мора да правите детални прегледи кај офталмолог на секои 1 до 2 години. Исто така, за појава на глауком дополнително може да влијаат и други здравствени проблеми како дијабетес, проблеми со тироидната жлезда, терапија со кортикостериоди и сл.
Глаукомот е состојба која не може да се излечи, но може да се олесни животот со одредени третмани. Во зависност од глаукомот, може да се третира со капки, таблетки, ласер зафат и оперативна хирургија. Кој третман е соодветен за вас, се одредува на самиот преглед од страна на офталмолог.