Систина Офталмологија и тимот на универзитетската клиника Свјетлост, Загреб присуствуваа на 34-тиот Конгрес на Европското друштво на катарактни и рефрактивни хирурзи (ESCRS) во Бела Центар во Копенхаген. Овој конгрес е еден од најважните офталмолошки настани кој ги соединува на едно место и овозможува размена на знаење и искуства меѓу очните експерти. Од 10 до 14 септември 2016, земаа учество повеќе од 10.000 офталмолози и офталмохирурзи од Велика Британија, Шпанија, Индија, Јапонија, Колумбија, Франција, и др. меѓу кои реномирани имиња како проф. д-р Фајфер и проф. д-р Клаус.

Стручниот директор на Систина Офталмологија и шеф на Одделот за катаракна хирургија, д-р Златко Арнаудовски ја претстави важноста и техниките за одредување на соодветна интраокуларна леќа при операција на катаракта: „Phacoemulsifitacion, how to choose the right intraocular lens and why?”. Истражувањата за ласерската корекција на диоптрија и досегашните резултати добиени од 700 оперирани очи во период од 10 месеци, беа преточени во предавањето ,,Lasik, first expirience survey” на д-р Билјана Костовска, шеф на Одделот на рефрактивна хирургија.

Нашиот тим, воедно, ги претстави и резултатите од направени истражувања за можните компликации кои може да настанат при операција на катаракта и нивно санирање со витректомија: ,,Vitrectomy and secondary lens implantation after phacoemulsification complication: results and visual outcome.”

Европското друштво на катаракни и рефрактивни хирурзи основано е во 1991 година. Тимот на доктори од Систина Офталмологија и Свјетлост се дел од ова здружение кое со повеќе од 5.000 членови од речиси 100 држави ширум светот, претставува водечка организација која е во првите редови на развојот на хирургијата на предниот сегмент на окото.