Информации за тековно работење во услови на Ковид - 19

Повеќе

Д-Р ЗЛАТКО АРНАУДОВСКИ

Медицински директор

Специјалист офталмолог и хирург

Област од посебен интерес:

  • хирургија на катаракта кај возрасни и деца,
  • рефрактивно – катарактна хирургија
  • третман и хирургија на глауком
  • третман и хирургија на солзни канали

Од блиску со д-р Златко Арнаудовски

„Комуникацијата меѓу пациентот и докторот е комуникација меѓу пријатели”

  • Зошто офталмологија?

Офталмологијата, за мене е најубавата гранка во медицината и е исклучително благородна професија. Специјалноста е интердисциплинарна и е поврзана со сите други специјалности. Користиме најсофистицирана и технолошки напредна апаратура за дијагностика и интервенции. Делот од хирургијата ги содржи најелегантните, најпрецизните и најлогичните операции во медицината, воопшто. Немерливо е чувството да му го вратите видот на пациентот.

  • Зошто кога ќе се спомене катаракта, веднаш следи: барајте го Арнаудовски?

Ова прашање веројатно најдобро ќе го одговорат моите пациенти. Јас пак, можам да кажам дека имам долгогодишно искуство, посветен сум и си ја сакам професијата. Веројатно, сето тоа, им влева доверба на пациентите.

Д-р Златко Арнаудовски, проф. д-р Никица Габриќ и Светозар Јаневски
  • Пациентите доаѓаат на преглед со различни емоции, каков е вашиот приод кон нив ?

Се обидувам на секој пациент да му се посветам целосно, да го сослушам внимателно и да му предложам третман кој одговара на неговите животни потреби, на начин кој е разбирлив за него. Со многу позитивна енергија, во комуникацијата, недоумиците и стравовите на пациентите, пред и по операцијата, се надминуваат. Важно е нивната состојба целосно да се следи и докторот секогаш да им е ставен на располагање.

  • Што треба да направи докторот за да ја има лојалноста и препораката на пациентот ?

Едноставно треба да ја сака својата професија и со љубов да им се посвети на пациентите. Во пациентот, освен пациент, докторот треба да гледа човек. Комуникацијата меѓу нив, треба да биде комуникација меѓу пријатели.

  • Што правите во слободно време ?

Во слободното време уживам со семејството, се дружам со другарите, многу сакам да читам добри книги, да слушам музика, да гледам филмови (во последно време серии). Во овој дел од денот е неизбежниот точак, долгото пешачење и моето хоби фотографијата.

  • Каква музика најчесто слушате ?

Најчесто и најмногу сакам да слушам џез од педесетите и шеесетите години. Мајлс Дејвис ми е мелем за душа…

  • Која книга би ни ја препорачале ?

„Диво месо“ од Горан треба сите да си го препрочитаме. Сите книги од Орхан Памук и од Салман Ружди. „Разговори со Конески“ од Цане Андреевски е одлична книга.

  • Како изгледа вашиот „идеален одмор“ ?

Во Охрид, со кајче на езеро, над Канео на зајдисонце, божествена убавина…

  • Што не знаат, а треба да знаат, пациентите за вас ?

Дека сум многу голем поборник за идејата за озаконување на попладневната дремка, како институција.

  • Што би биле кога не би биле доктор ?

Да бев талентиран секако ќе бев музичар.