Специјалист офталмолог и хирург

Област од посебен интерес:

  • дијагностика на очни болести
  • хирургија на катаракта
  • дијагностика и третман на лица со дијабет
  • витроретинална хирургија

Од блиску со д-р Кристина Шишарица

“Посебен момент од мојата специјализација кој би го издвоила е престојот во најдобрата офталмолошка болница во светот – Dr. Agarwals, каде што имав прилика да се усовршувам од областа на хирургиja во офталмологијата.”
  • Вие ја завршивте вашата специјализација во Хрватска, какво беше вашето искуство?

Уште како студент на Медицински факултет бев на првиот симпозиум кој го организираше Систина Офталмологија и прв пат ја видов програмата за едукација и можноста за специјализација во Хрватска. Тогаш бев воодушевена од идејата дека на младите им се дава шанса за квалитетна едукација и тоа во онаа гранка во која што јас сакав да продолжам понатаму. Од кога дипломирав веднаш аплицирав и многу брзо потоа и ја почнав специјализацијата во клиника Свјетлост во Загреб.

Таму за релативно краток временски период добив големо теоретско и практично искуство и знаење. Многу сум среќна што ја имав и одбрав во вистинско време правата можност за професионално напредување.

Посебен момент од мојата специјализација кој би го издвоила е престојот во најдобрата офталмолошка болница во светот – Dr. Agarwals, каде што имав прилика да се усовршувам од областа на хирургиja во офталмологијата, а истовремено да поминам долго време во операционите сали, гледајќи го еден од најдобрите хирурзи, проф.др. Амар Агарвал, чии совети, нови хируршки техники и методи ги имам како дел од моето бесценето стекнато знаење.

Секако ништо од сето тоа немаше да биде без поддршката од Систина Офталмологија и сум вечно благодарна на мојот ментор др. Златко Арнаудовски, од кого учам не само офталмологија, туку и многу аспекти од секојдневниот живот, а посебно би го истакнала неговиот пристап кон пациентите кој е најдобро препознаен по уникатната смисла за хумор и градење на еден пријателски однос кој е неопходен за градење на обострана доверба меѓу доктор и пациент.

viber_image_2024-04-22_11-06-01-007
viber_image_2024-04-22_11-06-08-565
viber_image_2024-04-22_11-06-07-902
  • Како и кој беше моментот кога се одлучивте да започнете кариера во медицина, поточно офталмологија?

Медицината ме интересирала од секогаш и уште како дете сакав да знам на кој начин фукнкционира организмот, па на моите родители им барав енциклопедии како “Машината човек” – мојата омилена која деноноќно ја разлистував, играв со кукли на кои им правев операции, така што кога дојде моментот за да се запишам на факултет воопшто немав никакви дилеми.

При крајот на мојот факултет имав привилегија да престојувам на пракса во една од најдобрите офталмолошки болници во Америка – Kellogg eye center во Мичиген преку програма од деканатот на медицинскиот факултет во Скопје.

Таму ја видов би рекла вистинската страна на офталмологијата и прв пат присуствував на операција од витроретиналната хирургија, нешто што комплетно ме фасцинираше и посебно ме мотивира да продолжам со специјализација по офталмологија, а да признаам дека тоа е љубов која трае до денес.

  • Имате ли куќни миленици, доколку да, споделете нешто за нив!

Чувам куче кој е рамноправен член на нашата фамилија. Во домот внесува една многу убава и позитивна енергија, бидејќи освен љубов и се разбира храна, не бара ништо повеќе, а љубовта ја враќа најмалку двојно. Би препорачала на секој кој нема, да си чува за да му се разубави животот.

  • Од кога ви се роди љубовта према трчањето и кој е вашиот најголем успех во спортот?

Татко ми ме има научено да го сакам спортот од кога знам за себе, така од најрано детство играв различни спортови, а најмногу се задржав на кошарката, спорт кој што го тренирав на професионално ниво. Најголемиот мој успех во спортот е кога за прв пат од историјата на клубот во кој тренирав Младинец ја освоиме шампионската титула во Македонија. Иако не бевме фаворити, мислам дека тимската работа помеѓу нас и интензивното дружење и надвор од тренинзите беше клучно за таа победа, а чувството на среќа во тие моменти не се опишува.

Во последните години рекративно трчам полу-маратони. Трчањето е спорт каде што се натпреваруваш сам со себе, и во најтешките моменти кога веќе не можеш, мораш да најдеш начин да продолжиш до крајот. Тоа е она што најмногу ми се допаѓа бидејќи има сличности со животот на кои целам – станување на подобра верзија од себе секој ден и дека никогаш нема откажување во тешките моменти.

viber_image_2024-04-22_09-51-35-561
  • Која е вашата најголема подршка и кој е најдобриот совет што сте го добиле и според кој се водите во секојдневниот живот?

Моето семејство кое од секогаш ме поддржувало во секоја моја одлука. Во последните години посебно се истакнува мојот помал брат кој ми дава особено паметни совети кога ми се потребни. Најдобар совет на кој се трудам секојдневно да се сетам е дека треба постојано да сме свесни и истовремено благодарни за сите убави работи кои ни се случуваат и кои ги имаме, а некако ги подзабораваме.

viber_image_2024-04-22_11-06-08-800
  • Како најмногу сакате да го поминувате вашето слободно време?

Слободното време сакам да го поминам некаде подалеку од онаа секојдневна реалност, најмногу ме исполнува поминување на времето со оние кои ги сакам, на некое ново место или град со убава храна и по можност глетка кон море.

  • Која е вашата најдобра метода за справување со стресот или притисокот на работа?

Кога ставам слушалки, пуштам музика која ја сакам и се упатувам кон кејот на трчање. Во тие моменти тотално се исклучувам од се што се случува и со мислите заминувам во друг свет. После 1 час трчање се осеќам недопирливо и што и да се случувало пред тоа го имам заборавено.

  • Кој е вашиот најомилен дел од вашата работа?

Моментите на размена на позитивна енергија со пациентите на кои сум успеала јас или доколку сум дел од тимот од кој сме успеале да им помогнеме. Чувството да се види среќата кај оној на кој му се враќа видот не се опишува со зборови и е непроценливо.

  • Која книга би ни ја препорачале?

Книга која мислам дека сите треба да ја прочитаме не само во детството, туку и неколку пати понатаму е “Малиот принц”. Таму се кријат многу мудри лекции кои за жал како растеме ги подзабораваме. Мојата омилена е: “најубавите работи на светот не се гледаат или допираат, тие се чуваствуваат со срце”.