Специјалист офталмолог

Област од посебен интерес:

  • дијагностика на очни болести
  • катаракта и рефрактивна дијагностика
  • витреоретинална дијагностика

Од блиску со д-р Ирина Николоска Петроска

„Емпатијата и разбирањето  се најважни,  за градење на позитивни искуства на пациентите ”

  • Систина Офталмологија е единствена приватна очна болница,  која има  Дијагностички центри во повеќе градови во државата.  Вие го водите Дијагностичкиот центар во Тетово.   Што значи ваквиот ангажман?

Раководењето со Дијагностичкиот центар во Тетово,  за мене е голем професионален предизвик,  пред сé затоа што работам со извонреден медицински тим,  во кој секој придонесува за успехот на болницата.  Работењето на Дијагностичкиот центар во Тетово, како и на останатите центри,  е во согласност со нашата филозофија, според која пациентите ни се секогаш на прво место.  На ваков начин медицинската грижа која ја пружаме е  блиску до домот на пациентот ,  му овозможуваме полесна достапност до медицинските  услуги и поголем комфор при лекувањето.

  • Какви видови на прегледи се вршат во Дијагностичкиот центар во Тетово?

Вршиме различни видови на офталмолошки прегледи на возрасни и на деца.  Опремени сме со современа апаратура,  која ни овозможува успешно дијагностицирање на болестите на очите и конзервативен третман на истите.   Располагаме со  Оптичка кохерентна томографија (ОЦТ) , технологија со која се визуелизира задниот дел на окото, очниот нерв и макулата.   На тој начин добиваме invivo приказ на состојбата на овие структури,   како и можност за перманентно следење на промените во овој дел на окото.   Ова е важно,  зашто современите тераписки пристапи,    даваат можност за лекување на болести и состојби,  кои што не се лекуваа до неодамна.   Посложените дијагностички процедури и оперативните зафати,   се изведуваат во Систина  Офталмологија во Скопје.    Во Дијагностичкиот центар во Тетово,  вршиме планирање и подготовка за евентуална операција,  како и за постоперативно следење.  Предуслов за успешно лекување е секојдневната комуникација меѓу колегите.   Целта ни е заедничка: задоволни пациенти и повеќе позитивни искуства .

  • Речиси две децении работите во медицината,   од кои дел во примарно,   дел во јавното секундарно здравство.  Ви помага ли тоа искуство во натамошниот тек на кариерата и во градењето на позитивни искуства на пациентите?

Понекогаш треба да излеземе од својата комфорна зона и да прифатиме промени. Тоа е начин  да напредуваме и да се реализираме целосно.     Сега ,  имам можност  да го работам тоа што го сакам на најдобар можен начин.

Сите искуства со пациентите,  за мене се драгоцени.  Без разлика во која сфера на здравството се работи,  важна е посветеноста на докторот и желбата да му се помогне на пациентот.  Од друга страна,  кога знаете како функционираат различните сегменти од здравствениот систем,  полесно може  да ја  организирате работата и да ги процените очекувањата на пациентите.   Условите за работа и услугите,   може да се различни,  но разбирањето на потребите на пациентите и емпатијата се  најважниот предуслов за позитивни искуства со пациентите.

  • Како им пристапувате на Вашите пациенти кога треба да поставите дијагноза?

Холистичкиот пристап во медицинската грижа мислам дека е најдобар.  На пациентот треба да му се пристапи,  како на посебна индивидуа и да се посвети внимание на физичката , психичката и духовната дименизија на неговата болест.  Треба целосно да се земат в предвид , неговите потреби и очекувања.   За да го постигне тоа ,  докторот мора да покаже емпатија и разбирање за состојбата на пациентот .  Најважно ми е ,  со пациентите  да  изградам однос на доверба.   Тогаш,  тие полесно ја прифаќаат болеста,   заеднички го планираме третманот и може да бидеме сигурни дека пациентот ќе се придржува до него.

Врската меѓу пациентот и докторот се зајакнува,  преку подршката што докторот му ја дава во текот на лекувањето,  начинот на кој му ги објаснува дилемите со кои се соочува , и можноста пациентот да се чувствува безбедно и сигурно.

  • Што  правите во слободно време?

Своето слободно време најчесто,  го минувам со семејството.  Секако,   наоѓам време и за кафе со другарките,  за некоја добра серија,  театарска претстава или рок концерт ,  секогаш кога има можност за тоа.    Многу сакам да читам,  и читам,  секојдневно.   Едноставно,  најефикасен одмор ми е да се нурнам во некоја добра,  инспиративна книга.   Морам да признам,   дека иако ја обожувам технологијата,  книгите ги сакам во нивната изворна ,  хартиена форма … кога можам да  го почувствувам нивниот мирис.

  • Можете ли да ни препорачате некоја книга ?

Во последно време го читам  Харуки Мураками.  Особено ми легна  неговата книга  – “За што зборувам кога зборувам за трчањето“ –  како своевидна метафора на животот.   Во неа можете да научите за истрајноста и за тоа како да го воспоставите својот внатрешен мир, наспроти динамичното секојдневие.

  • На кој начин се грижите за вашата ментална и физичка благосостојба ?

Освен статичниот велосипед,  за кој знам да најдам време во денот,  не сум некој спортски тип.  Со оглед  на тоа  што  живеам во мал град,  се трудам да пешачам наместо да користам автомобил.  Многу внимавам да се хранам избалансирано и со домашно приготвена храна , во што  сопругот  ми е главен ментор.  Среќна сум,   што тие здрави навики во исхраната,  ги прифатија и моите деца.  Не мислам дека круто следење на протоколи и диети е многу ефикасно.   Повеќе ми се допаѓа,  да ги слушам потребите на телото и на тој начин си воспоставувам сопствен баланс.

Мислам дека е многу важна благостојбата на умот,  а ја одржувам со мојот позитивен став кон животот.