
Очите најчесто солзат од две причини:
- блокирани се солзните канали или
- постои зголемена продукција на солзите.
Што значи зголеменото солзење?
Зголемената продукција на солзи е еден од трите знаци на заболување на окото (epiphora, blepharospasmus и fotofobia ). Може да е резултат на банални иритации на окото, но исто така и резултат на сериозни очни заболувања. Како иританси може да се спомнат домашната прашина, сув воздух, дим од цигари, аеросоли. Една од најчестите причини за појачано солзење е резултат за алергична реакција на окото. Постојат голем број на супстанции кои предизвикуваат алергиска реакција. На пример, во пролет најчеста е алергијата на поленов прав, на разни цвеќиња, трева итн. Алергии можат да предзивикаат разни козметички производи, контактни леќи. Луѓе што чуваат домашни миленичиња честопати се жалат на појачано солзење на очите, што може да е резултат на алергија на влакната од тие животни.
Дали треба да се јавам на лекар при секое солзење на окото?
Ако солзењето е проследено со интензивно црвенило, со гребење и болка во окото или пак со замаглување на видот, итно е потребен очен преглед. Офталмологот ќе утврди дали се работи за воспаление на капаците (blefaritis), на коњуктивата (konjunktivitis) или пак, заболување на корнеата (кератит, туѓо тело на корнеата, површни ерозии и друго) и ќе препорача адекватна терапија.
Она што е интересно е дека зголеменото солзење имаме и кај синдромот на суво око. Звучи парадоксално, но објаснувањето е всушност дека заради сувоста на површни слоеви, окото е постојано иритирано (чувство на туѓо тело) и заради тоа, солзната жлезда е стимулирана да произведува повеќе солзи. Терапија се вештачките солзи.
Што треба да се направи за да се намали солзењето?
- да се консултира очен лекар;
- да се открие причината за појачаното солзење;
- да се избегнуваат иритансите кои довеле до таа состојба;
- да се употребуваат капки за навлажнување на окото; антиалергични или пак антибиотски капки и
- да се носат заштитни очила.