Специјалист офталмолог и хирург

Област од посебен интерес:

  • витреоретинална хирургија;
  • катарактна хирургија и
  • рефрактивна хирургија.

Од блиску со д-р Илир Османи

„На пациентите треба внимателно да им ја објасните состојбата, за да може да ве разберат”

  • Важите за доктор кој е секогаш отворен за нови искуства. Дали тоа значи дека сте застапник на тезата „цел живот учиме“?

Да, ние докторите секогаш треба да сме во тек со новите сознанија, примената на новите технологии и методи во лекувањето. Сето тоа ја олеснува нашата работа и не води понапред во изведбата на интервенции. Едноставно, мора да учиме во текот на целата кариера, да разменуваме знаења и искуства. Така напредуваме како доктори, а на пациентите им даваме одлични искуства во однос на здравствената состојба и квалитетот на живот.

  • За релативно млад доктор, имате богата и успешна кариера. Како се пронајдовте во областа што ја работите?

Додека студирав медицина и се подготвував за испит од офталмологија, многу интересна ми беше анатмоијата, физиологијата и патологијата на окото. Најмногу од сите други, ја засакав оваа област. Новите апарати и достигнувања се уште еден чекор во достигнувањето на највисоки резулати во лекувањето на очните заболувања. Тоа е голем предизвик, за сите нас, кои работиме во оваа област.

Бесјана Касами (Big Mama) и д-р Илир Османи

  • Изведувате сложени интервенции, каков е вашиот приод кон пациентите?

Приодот кон пациенти е секогаш различен. Многу е важно тие да се дефокусираат од она што во моментот им е проблем. Едноставно треба да ги слушате, дури и да разберете што ги мачи, а што ги прави среќни надвор од болницата – од лекувањето. Тогаш тие почнува да ве чувствуваат како пријател, и имаат поголема доверба во вас.

  • На кој начин тие го надминуваат стравот и негативните емоции пред зафатот?

Стравот и негативните емоции, најчесто доаѓаат од несигурноста, од незнаењето што значи болеста, каков е нејзиниот тек и кои се начините на лекување. Кога тоа ќе им се објасни, тогаш може заеднички да ја анализираме состојбата и да донесеме заедничко решение.

  • Како го минувате слободното време?

Сакам да читам. Тоа за мене е квалитетно исполнување на слободното време. Добар роман или интересна стручна литература се начини на кои што се опуштам. Читањето секогаш ме наведува на позитивни промени во животот. Едноставно, покрај сите други бенефити, не прави подобри луѓе.

  • Дали спортувате?

Возење велосипед ми е омилена спортска активност. Ми помага да се отргнам од непријатни мисли и чувства, да се чувствувам добро и да го намалам стресот предизвикан од секојдневните активности. Возењето велосипед ми дава дополнителна енергија и ме исполнува со чувство на задоволство. Исто така сакам да џогирам, се чувствувам физички здраво и среќно.

  • Во Систина Офталмологија работи и вашата сопруга. Дали е предност или недостаток сопружниците да работат во иста институција?

Има и предности и недостатоци. Таа работи во маркетинг и нашите професии всушност се надополнуваат. Така полесно се разбираме и имаме заеднички теми кои се однесуваат на тоа што го работиме. Недостатоците, пак се индивидуални и со текот на времето се менуваат. Она што е важно е што можеме заеднички да правиме баланс меѓу приватниот и професионалниот живот, и да ги планираме обврските и слободното време.