Докторите и медицинските сестри на Систина Офталмологија имаа свои предавања на два меѓународни симпозими кои се одржаа од 14 до 17 септември 2017 во Охрид.
IV-от Конгрес на офталмолозите на Македонија со меѓународно учество е прилика на офталмолозите од Македонија да се сретнат со своите колеги од различни земји од регионот со цел размена на искуства и знаења, како и дружење во прекрасниот амбиент на Охридското езеро.

Конгресот започна на 14-ти Септември со Невроофталмолошката сесија каде за прв пат во Македонија настапи проф. д-р Јорди Агура од Шпанија отварајќи го конгресот со предавањето за „Вродени малфомрации на видниот нерв“. На 15-ти Септември конгресот се одвиваше во две паралелни сали. Во едната сала, се одвиваше сесијата на Академијата на Европската Асоцијација за катаракта и рефрактивна хирургија која потоа продолжи во сесија „Корнеа и Рефрактивна хирургија„ која заврши со предавањето на д-р Франциско Гони за глауком. Во другата сала, денот започна со сесија „Орбита и Реконструктивна хирургија“ која потоа продолжи со сесија „Витреоретинална хирургија и прематурна ретинопатија.“

Д-р Златко Арнаудовски со своето предавање за различни типови на интраокуларни леќи ја почна дебатата во сесијата за рефрактивна хирургија, која потоа ја продолжи д-р Фанка Гилевска со предавањето за предности и недостатоци на ласерската корекција на диоптрија. Истовремено во соседната сала, д-р Билјана Костовска преку видеа и табели зборуваше за најчестите компликации на факоемулзификацијата и одличните резултати по навремена витректомија.

На 16-ти септември, започна сесијата за катаракта, каде д-р Златко Арнаудовски повторно имаше свое излагање и тоа на темата „Решавање на вродени катаракти“. Денот продолжи со сесијата за медицинска ретина и до крајот на денот на тркалезна маса офталмолозите разговараа за различните пристапи во третманот на „Дијабетичен макуларен едем.“
Во склоп на конгресот на офталмолозите, се одржа и III-от Меѓународен симпозиум на офталмолошки сестри на Македонија, каде димп. мед. сестра Снежана Ујевиќ, воедно и главната медицинска сестра на Систина Офталмологија, и Виданка Младеновска, дипл. оптометрист имаа своја презентација за нивната улога при „Корекција на рефрактивни аномалии- LASIK и PRK“ и димп. мед. сестра Софија Давкова при „Третман на кератоконус со CROSS LINKING“.

Нашиот тим, уште еднаш потврди дека Македонија не заостанува во ниту еден од офталмолошките трендови на дијагностика и лекување.