Од 2 до 4ти декември 2016 година специјалистите офталмолози Др Виолета Бучкоска и Др Мирјана Саздовска oд Систина Офталмологија присуствуваа на Симпозиумот „Новости во офталмологијата” во градот Правец, Бугарија на кој ги обновија веќе постоечките и воспоставија нови контакти со колегите. Една од темите на предавањата беше и детската офталмологија, поточно новите методи за откривање на дизморфични очни симпотоми, анализа на корнеата, како и конзервативното и хируршкото лекување на одредени болести на окото.

Од областа на рефрактивната хирургија, се дискутираше за употребата на ЛАСИК методата, третманот на кератоконус, како и за користењето на амнионска мембрана во лекување на одредени болести на окото. На овој Симпозиум се зборуваше и за новитетите кои се применуваат во лекувањето на болестите на ретината, за методите на лекување на макуларниот оток, хируршкиот третман на макуларните дупки, за примената на ангио- ОЦТ во офталмологијата која се повеќе наоѓа место во дијагностиката на болестите на макулата, како и за примената на анти ВЕГФ ( Елеја, Озурдекс ). Посебно внимание привлече излагањето на Проф Стефан Турај од Универзитетска очна болница во Минхен, каде детално беа објаснети новите дијагностички и терапевски методи при лекување на увеитите, а се дискутирало и за операциите на катаракта, односно за примената на најновите ИОЛ леќи, употребата на фемто ласер во катарактната хирургија. Систина Офталмологија активно учествува на стручните средби од ваков тип, каде што се дискутира, се разменуваат искуства, се усвојуваат нови методи во офталмологијата, со што се придонесува за уште поуспешно лекување на пациентите. Oваа клиника со својот тим и понатаму ке ги следи стручните состаноци во регионот и пошироко.