Информации за тековно работење и мерки за заштита во услови на Ковид-19

Препораки за носење контактни леќи и очила за време на пандемија Kовид-19

Со оглед на тоа дека не постојат научни информации за присуството на вирусот на хидрофилните материјали (контактни леќи), како и дека не постои евиденција дека луѓето можат да бидат заразени преку контактни леќи, сепак препорачуваме одредени мерки на претпазливост кои што треба да ги спроведува секој кој што ги носи контактните леќи во периодот на пандемијата. 

Постојат три причини зашто луѓето што носат контактни леќи се поризични за инфекција:

  • При допир со рацете може вирусот да се пренесе на очите;
  • Кашлањето или кивањето на заболен на близина (помала од 1,5 метри) може да го донесе вирусот на контактните леќи преку капките во воздухот;
  • Конјунктивата е една од влезните врати за пренос на инфекцијата во телото.

Секако дека ризикот е многу поголем доколку сме во близина на позитивни хоспитализирани пациенти.

Препораки за пациентите кои носат контактни леќи

  • Внимателно измијте ги рацете со сапун или средство врз база на алкохол пред и после ставањето на контактните леќи;
  • Внимателно измијте ги рацете пред и после вадењето на контактните леќи;
  • Избегнувајте го допирањето на носот, устата и лицето додека ги ставате или   вадите леќите;
  • Изведете ја постапката на ставање и вадење на леќите на чиста површина;
  • Секогаш проверете го датумот на траење на контактните леќи;
  • Почесто менувајте ги контејнерите за контактни леќи;
  • Еднаш неделно дезинфицирајте ги леќите со раствор на хидроген (водород пероксид) или со ензимски таблети за таа намена;
  • Веднаш извадете ги контактните леќи во случај да ви се јави црвенило на очите или пак имате симптоми на болеста;
  • Немојте да ги допирате контактните леќи со уста или пак да користите плунка за да ги исчистите.

Препораки за пациентите кои носат очила

Вирусот може да се задржи на површината на стаклата од очилата особено ако престојуваме во заразена средина, затоа треба да внимаваме да не ги допираме очилата, а рацете често да ги миеме.

Очилата можете да ги миете со течен сапун внимавајќи да не ги изгребете стаклата. Кутиите и футролите за очила менувајте ги почесто.

Препораки за докторите и медицинскиот персонал кој е во контакт со заболени од КОВИД-19

Пациентите заболени од КОВИД 19 не смеат да носат контактни леќи. Препорачливо е носење на очила во текот на лекувањето.

За медицинскиот персонал во заразена средина се препорачува носење на очила, а оние кои носат контактни леќи задолжително да користат заштитни очила или штитови.

Секако, задолжително е носењето на заштитни маски и ракивици за сите нас, без разлика на нашата здравствена состојба.