Пластична хирургија

Интервенции за враќање на нормалната функција на очните капаци

Дегенеративните промени на капаците не се само естетски проблем, често може да предизвикаат многу озбилни и трајни промени на предниот сегмент на окото. Нашите хирурзи ги изведуваат сите врсти на зафати на капаците за да може да се воспостави нормална функција на окото. Интервенциите се вршат со локална анестезија, а пациентите истиот ден си одат дома.

За време на процесот на стареење, кожата на капакот станува потенка, помалку еластична, ја губи потпората што доведува до губење на масното ткиво, замор на тетивите на очниот мускул доведува до преголема опуштеност на капакот, блефарохалаза на горните и очните капацци (вишок кожа која виси преку очите и капаците), понатаму птоза (спуштени капаци), ектропион и ентропион (претерана извртеност на капакот спрема окото или надворешната страна). Денес, за корекција на настанатите промени на располагање ни се нехируршки методи и хируршки методи.

Со секојдневна акција на мускулите на лицето (мрштење, чудење, смеење) настануваат брчки на челото, помеѓу веѓите и на надворешниот очен агол.

Со хируршки методи се третираат блефарохалаза на горните и долните капаци и птоза од различно потекло. Засек се прави на природните бразди на капакот, така да лузната потоа не се познава, а вишокот да се отстрани. Во случај, кога треба да се поправи положбата на капакот кој се променил бидејќи ја изгубил мускулната потпора, се прави интервенција која капакот го враќа во неговата природна положба.

Со оглед на се наведеното, имаме доста можности да изгледаме и да се чувствуваме млади уште долго.

Блефаропластика

Најчестата хируршка интервенција на капаците, која им ги враќа свежината и младешкиот изглед, се нарекува блефаропластика. Естетската блефаропластика се изведува во случај на вишок кожа на капаците (дерматохалазис), која најчесто поради стареењето ја изгубила својата еластичност, па виси над рабовите на очниот капак, а може да биде поврзана и со пролапс на масното ткиво од орбитата што предизвикува создавање масни перничиња и подочници. Функционалната блефаропластика се изведува во случаи кога освен вишок кожа, може да бидат ослабени и мускулите и притоа доаѓа до спуштање на капакот со неможност за негово подигнување (птоза). Со оперативен зафат под локална анестезија се отстранува вишокот кожа, масното ткиво и растегнатите мускулни нишки на очните капаци.

Засек се прави во природните набори на капакот или под трепките и се затвора со конци што се отстрануваат за седум дена, со брзо закрепнување и речиси невидлива лузна.

Корекција на птоза (спуштен капак)

Птоза е медицински израз за спуштен капак. Пациент што има птоза не е во можност целосно да го отвори окото, бидејќи горниот капак ја покрива зеницата. Освен што претставува естетски проблем, исто така може да предизвика и функционални попречувања на видот и застој во развојот на видот кај децата, додека, пак, на возрасните им е отежнато функционирањето во секојдневниот живот. Може да биде присутна уште при раѓањето на детето, па затоа се вика вродена и настанува поради грешки во развојот додека детето сè уште е во мајчината утроба. Ако детето се роди со птоза што оневозможува нормално гледање, потребно е да се изврши колку што е можно поитна операција, бидејќи детското око нема да се развива и ќе остане слабовидно целиот живот.

Стекнатата птоза кај возрасните настанува како последица на повреди или дегенеративни старечки промени на мускулите и тетивите на капаците предизвикани со стареењето. Птозата се лекува хируршки, а постојат повеќе видови операции. Изборот на интервенцијата зависи од видот и степенот на птозата. Ако мускулот што го подигнува капакот (levator palpebrae) има сочуван дел од функцијата, операцијата се врши со негово скратување. Ако случајно тој мускул нема доволно сочувана функција, капакот со посебна постапка се врзува со мускулите на челото што ја преземаат функцијата на капакот (т.н. brow suspension). Интервенцијата за корекција на птоза се изведува под локална анестезија, така што пациентот си оди дома истиот ден и следува многу брзо закрепнување. Иако процедурата кај децата е иста, потребно е да се направи под општа анестезија.

Корекција на нарушена положба на капакот (ектропион, ентропион)

Кај повозрасните лица понекогаш доаѓа до извртување на рабовите на капаците поради промените во структурата на рабовите на капаците, кои се предизвикани од промената на мускулите што ги држат капаците, нивните тетиви и кожата одоколу. Често, таквите состојби се јавуваат по оштетување на очите поради лузни или, пак, по мозочен удар или по слични состојби во мозокот, кои доведуваат до повреда на нервите што ги инервираат мускулите што го движат капакот. Околните мускули веќе не се во можност да го држат капакот со трепките во правилна положба, туку доаѓа до извртување на работ на капакот. Работ на капакот може да се изврти нанадвор (ектропија), па окото не може да се затвори, солзите капат преку работ и доаѓа до сушење на рожницата и на предниот сегмент на окото.

Работ на капакот може да се изврти и навнатре (ентропија), па трепките може константно да го гребат предниот дел на окото, правејќи рани на рожницата, а пациентот со болки, се разбира, доаѓа во ординацијата на лекарот. Со оперативниот зафат под локална анестезија се зајакнува работ на капакот и се мести во положбата што одговара или се формираат нови прикачувања на мускулот за да може да се вратат вистинските облик и функција. Конците се отстрануваат на првата контрола, една седмица по операцијата, а толку време е потребно и за да се повлечат модринките на местото каде што е извршен зафатот.

Хирургија на солзните канали

За да има окото правилна функција, неопходен е добро распореден и квалитетен солзен филм. Во солзниот апарат важна е добрата функција на сите негови делови: солзни жлезди, капаци и солзни каналчиња. Окото и носот се поврзани со назалното каналче што служи за да истечат вишокот на солзи во носот. Во некои случаи, поради чести воспаленија, поради повреди или, пак, вродено стеснување, доаѓа до затнување на тој канал. Таа состојба се манифестира со зголемено солзење (епифора) и придружни инфекции поради застојот на солзи во солзното ќесе што се наоѓа на почетокот од каналчето.

Во случај кога воспалението не може да се реши со антибиотска терапија, ниту да се воспостави повторна проодност на каналот, се прави операција што се нарекува дакриоцисториностoмија (DCR). Тоа е оперативен зафат со кој повторно се воспоставува континуитет на каналите и со тоа се овозможува истекување на вишокот солзи од окото преку солзната вреќа и солзните патишта кон носната шуплина. За време на интервенцијата се вградува силиконска вреќичка што во окото останува околу шест месеци. Интервенцијата се врши под општа анестезија, а првата контрола е за седум дена, по што лицето може да се врати на работа.

Кај децата, во некои случаи, е присутна тенденција на вродено стеснување на солзните канали. Доколку солзниот канал не се отвори спонтано со помош на масажа и хигиена, во текот на втората година од животот се изведува сондирање под општа анестезија. Ако каналчето не се отвори ни тогаш, сондирањето се повторува со вградување силиконска вреќичка.

Отстранување тумор на подрачјето околу окото

Туморите на капаците, како и на секое друго место на телото, мора да бидат сфатени сериозно. Најчести промени што се случуваат се бенигни (цисти, брадавици, воспалителни промени) и може да се излекуваат со лекови или со едноставни хируршки интервенции. За жал, во некои случаи, промените може да имаат малициозен карактер. Освен фактот што некои видови тумор може да се шират на околни и оддалечени места, во случај кога се наоѓаат на нежни и осетливи подрачја, како што се капаците или подрачјето околу окото, потребно е нивното отстранување да се направи внимателно и многу нежно преку реконструкција на околните делови на кожата и другите структури, со цел да може да се зачуваат правилната функција на капакот и естетскиот изглед на пациентите.

Меѓу најчестите малигни тумори што бараат оперативен зафат се: карцином на базалните клетки, сквамозен карцином или, поретко, меланом. Отстранувањето тумор се врши под локална анестезија, а првата контрола е по седум дена, кога се препорачува и враќање на секојдневните обврски.

Дистироидна (ендокрина) орбитопатија

Во некои случаи, пациентите со нарушена работа на тироидната жлезда имаат проблем со очите (црвенило, чувствителност, чувство на притисок, „испакнат“ поглед, диплопија). Овие промени се должат на прибирањето антитела во структурата на окото, првенствено во мускулите и масното ткиво во задниот дел, што доведува до туркање на окото нанадвор. Промените во мускулите доведуваат до нарушување на движењето на окото, што предизвикува создавање дупла слика (дупликат, диплопија). Освен субјективните пречки што ги предизвикува болеста, последователно предизвикува и промени на очите. Најтипична промена е „испакнати“ очи, која освен што влијае врз естетскиот изглед на пациентот, може да остави и трајни последици на површината на самото око, бидејќи окото се суши поради неможноста за нормално трепкање и затворање.

Исто така, пациентот може да има проблем со двојна (дупла) слика поради промени во мускулите што го движат едното око, па окото не е во состојба да го следи другото при гледањето. Со задолжително интернистичко лекување на тироидната жлезда, често е потребно и дополнително офталмолошко лекување. Кога не е можно да се подобри состојбата со лекови и со ботокс, се врши операција на капакот и на очните мускули. Ваквите интервенции се вршат под локална анестезија. За време на интервенцијата на капакот, неговите структури се продолжуваат за да се коригираат скратувањето и собирањето на ткивото што се предизвикани поради нарушување на тироидните хормони. За време на интервенцијата на очните мускули се коригира страбизмот и се подобрува подвижноста на окото, кои се последица од губењето на еластичноста на мускулите. По операцијата на мускулите, се препорачува три недели воздржување од физички активности, избегнување задимени простории и терапија со капки.