Како бременоста влијае на очите?

Промени на очите и видната функција настанува кај 15 % од сите трудници. За време на бременоста, хормонските промени,  промените во метаболизмот, задршката на течности и промените во крвната циркулација можат да ги афектираат очите и видната функција.

Окуларните манифестации на бременоста можат да се групираат во 3 категории:

ФИЗИОЛОШКИ ПРОМЕНИ

Корнеални промени: Физиолошки промени на рожницата (lat.cornea) најчесто настануваат поради задршка на течност и вклучуваат намалена осетливост на рожницата, зголемување на дебелината и закривеноста на рожницата. Ваквите промени најчесто настануваат во третиот триместар и предизвикуваат  привремена промена во диоптријата.

Тоа е и една од причините поради кои ласерска корекција на диоптрија не се прави кај трудници, не се менуваат очилата и не се фитаат нови контактни леќи. Промените се привремени и исчезнуваат во првите неколку месеци по породувањето.

Сувост и иритацијa: Вашите очи може да бидат посуви и иритирани за време на бременоста и за време на доење и може да ви предизвика непријатност доколку сте носач на контактни леќи.

Варијации на ИОП: Особено во втората половина од бременоста ИОП (очен притисок) може да се намали кај здрави очи. Кај пациенти со глауком и окуларна хипертензија намалувањето може да биде и поголемо.

ОЧНИ БОЛЕСТИ СПЕЦИФИЧНИ ЗА БРЕМЕНОСТ

Прееклампсија и еклампсија: Видни симптоми се јавуваат кај 25- 50 % на прееклампсицни пациентки. Симптомите вклучуваат заматен или намален вид, фотопсии, скотоми, диплопии, дефекти во видното поле. Ова настанува поради констрикција или спазам на крвните садови на ретината и намален тек на крвта од артериолит кон вените. Доколку состојбата се влошува може да се јават и крварења по ретината, едем на ретината и ексудати.

Централна серозна хориоретинопатија: Може да се јави кај некои жени кои имаат нормална бременост. Тоа е состојба кога течност се насобира под ретината и во пределот на жолтата дамка. Тогаш слоеви на ретината се одлепуваат и предизвикуваат искривена слика и слепи точки односно скотоми.

Оваа состојба е поврзана со стрес хормоните обично во доцна бременост. Сите симптоми се губат и видот се враќа во нормала неколку месеци после породување.

МОДИФИКАЦИЈА НА ВЕЌЕ ПОСТОЕЧКИ БОЛЕСТИ

Бременоста може да подобри или да влоши веќе постоечки очни болести.

Дијабетична ретинопатија: Доколки имате дијабетес тип 1 или тип 2, ваквата состојба нажалост може да се влоши за време на бременоста. Доколку имате очлни симптоми на заматен вид,намален вид, искривување на сликите веднаш јавете се кај вашиот офталмолог. Мајките со дијабстес треба да посетуваат почесто офталмолог за време на бременоста и да имаат добра контрола на гликемија во крвта.

Глауком: Доколку имате глауком, истиот за време на бременсота може да се подобри, односно поради намалување на ИОП, вашиот офталмолог можеби ќе треба да ја намали дозата на вашата терапија.

Дали треба да му кажам на мојот доктор доколку имам промени во видот?

ДА! Секогаш кога ќе ги почуствувате овие симптоми веднаш да му се јавите на вашиот доктор:

  • Скотоми;
  • Дупли слики;
  • Заматен вид;
  • Привремено губење на видот;
  • Светки или секавици во видното поле.

Понекогаш, дури и најмалите очни промени и симптоми може да бидат знак за појава на животозагрозувачки болести за време на бременоста како висок крвен притисок, прееклампсија и еклампсија, и нивното навремено откривање е значително важно.

Автор: Викторија Филева, спец. офталмолог