Информации за тековно работење и мерки за заштита во услови на Ковид-19

Kaко ја решаваме високата диоптрија?

Со отвoрањето на Одделот за рефрактивна хирургија забележавме дека голем дел од пациентите имаат проблеми со диоптријата. Таа може да биде плус или минус и може да биде многу висока.
 
Високата диоптрија најчесто е наследна. Се наследува од родителите и затоа многу е важно да се одреди во детството, затоа што доколку детето има на пример +6 диоптер, тоа ќе има поспор развој, поспори моторни способности. Овие деца имаат имаат проблем со читањето кога одат во училиште, со извршување на домашните задачи и најчесто родителите мислат дека тоа се хиперактивни или збунети деца, а со очниот преглед ќе се утврди дека тие всушност имаат очен проблем и откако ќе им се дадат очила за вид, активностите кои ги имаат ги извршуваат многу побрзо и нормално.
 
Високата диоптрија влијае и врз целокупното психолошко однесување кај некои луѓе. Ние имаме пациенти со -10, -20 диоптер кои доаѓаат во нашата клиника да се обратат за помош. Носат дебели стакла кои тежат и тоа создава нервоза во секојдневните активности.
 
Токму затоа, разговорот со пациентот е многу важен, јас и моите колеги офталмолози се договараме со нашите пациенти како ќе го решиме нивниот очниот проблем.

Кои лица се кандидати за вградување на факични леќи?
  • Лица кои имаат висока диоптрија ( над -10 и +6, како на пример -15 диоптрии, -20 диоптрии и сл.) Лица кои не се кандидати за ласерска корекција на диоптрија, а се на возраст од 20 до 40 години;
  • Лица кои имаат тенка рожница;
  • Лица кои имаат здраво око и немаат дополнителна очна состојба како катаракта (перде), глауком, хронични инфекции на очите и сл.

Проверка дали сте кандидат се прави на прегледот за ласерска корекција на диоптрија. Овој преглед трае скоро час до час и половина. Пожелно е да мирувате од контактни леќи минимум 7 дена пред прегледот, независно дали се меки, полутврди или тврди. Во меѓувреме може да носите очила.

Како се одвива интервенцијата со вградување на факични леќи?

Доколку се работи за луѓе од 20-40 години, високата диоптрија се третира со имплантација на факични леќи. Со имплантација на овие леќи не постои ризик од компликации, таа е безболна, брзо се изведува, се прави мал рез од 2 мм и веќе следниот ден пациентот гледа одлично. Постоперативно се ставаат капки цел месец, значи ништо не е комплицирано. Ова е едноставна техника, после која пациентот е презадоволен бидејќи јасно гледа.
 
За оние пациенти над 40 години кои имаат висока диоптрија, постои голема веројатност да се појави и катаракта. Овој проблем во „Систина Офталмологија“ го решаваме така што природната леќа им ја заменуваме со интраокуларна леќа. Тоа значи дека истовремено со катарактата ( пердето ) го решаваме и диоптерот, односно пациентот повеќе нема потреба од очила за вид бидејќи јасно ќе гледа и блиску и далеку.
 
Омилените ваши активности како читање книги, употреба на дигитални апарати, работа на компјутер и слично, ќе можете да ги правите без очила за вид. Овие методи го симнуваат високиот диоптер до нула, односно пациентот веќе нема да има диоптрија.
 
За еден доктор и за целиот медицински персонал во нашата клиника не постои поголема среќа од онаа кога пациентот по интервенцијата е презадоволен бидејќи нема повеќе да носи очила. Сосем непотребно е да живеете со висока диоптрија кога во денешно време постојат едноставни методи за симнувањето на диоптријата.
 

Автор: Д-р Билјана Костовска, офталмохирург