[II дел] Како нерегулираниот шеќер ги оштетува очите?

Дијабетесот е хронична болест која го оштетува целиот организам. Во I-от дел беа објаснети очните состојби кои настануваат како последица на дијабетот: суво око, катаракта, пореметување на движењето на очите. Во овој дел, ќе објаснам повеќе за дијабетичката ретинопатија, глаукомот и третманот кај лицата со дијабет.

Дијабетична ретинопатија

Дијабетичната ретинопатија е васкуларна компликација која настанува кај сите типови на дијабетес. Освен, регулацијата на гликемијата во текот на денот, значаен фактор во развојот на дијабетичката ретинопатија има и самото траење на болеста и постоењето на дијабетичка нефропатија (оштетување на бубрезите).
 
Многу важна препорака за сите кои имаат дијабет, како и за медицинските лица кои ги водат овие пациенти, е дека секој новооткриен дијабетичар треба веднаш да оди на офталмолошки преглед. Дијабетичната ретинопатија, во својата рана форма може да не предизвика симптоми, кои пациентот би го натерале да посети офталмолог. Болеста може да остане незабележана сѐ до појавата на опсежно крварење во окото, по што видот е нагло и значајно намален. Рани симптоми кои не треба да се занемарат се: сиви или црни точки и флеки во видното поле, искривување или замаглување на сликата.
 
Офталмолошкиот преглед подразбира преглед на ретината, низ проширена зеница (со претходно ставање на капки), како и евентуално преглед на макулата и очниот нерв со ОЦТ (оптичка кохерентна томографија) како би се откриле најрани промени на крвните садови, крварења, отоци, ексудати, пропуштања на течност која би довела до раслојување на ретината.
 
Раната дијагноза дава можност за навремено лекување кое подразбира ласерфотокоагулација и интравитреална апликација на медикаменти. Целта е да не се дозволи раст на нови крвни садови (неоваскуларизација), кои се пратени од раст на фиброзно ткиво и побрзо и поагресивно ја менуваат нормалната функција на ретината. Со интравитреалната примена на анти-ВЕГФ терапијата, дијабетичката ретинопатија за прв пат се гледа како една ревезибилна состојба, а не како трајно оштетување на ретината.

Глауком

Глаукомот кај пациентите со дијабетес се јавува во напреден стадиум на пролиферативна дијабетичка ретинопатија, кога крвните садови враснуваат и преку предниот дел од окото (шареницата), го затвораат очниот агол како густа мрежа низ која очната вода отежнато истекува. За жал, ваквиот глауком се вика неоваскуларен, тешко се регулира со медикаментозна терапија, многу е болен и во минатото често бил причина за да се отстрани окото. Со појавата на анти-ВЕГФ терапијата, значајно подобра е прогнозата и кај овие пациенти.

Третман

Медикаментозниот третман на болестите на ретината е значајно напреднат изминатите години. Низа научни студии се обидуваат да најдат помалку инвазивен и подолготраен третман. Секојдневно се откриваат нови супстанции кои имаат влијание на развојот на дијабетичката ретинопатија и се прават обиди за нивно блокирање, како не би се развила или би се излекувала дијабетичката ретинопатија.
 
Следното ниво на третман на дијабетичката ретинопатија е оперативното лекување. За жал, во Македонија огромен број на пациенти се за оперативно лекување, односно болеста е многу напредната во моментот кога се открива. На тој начин, прогнозата за квалитетот на видот е значајно полоша отколку кога би се открила рано.
 
Оперативното лекување сепак овозможува механичко чистење на крвта од внатрешноста на окото, фиброзните пролиферации, вишокот акумулирани супстанции кои промовираат раст на нови крвни садови, кои интравитреално аплицираните лекови немаат капацитет да ги блокираат. Витректомијата е микрохируршка метода, каде хирургот и неговото искуство и знаење се еден од најважните фактори за успешна операција.
 
Препорака до сите што имаат дијабет и оние кои имаат некаков контакт и влијание на пациенти со дијабет: окото е прозорец на состојбата на бубрезите и мозокот. Еден поглед на ретината, дава слика колку дијабетот направил штета на телото. Годишен очен преглед е повеќе од задолжителен кај лицата со дијабетес.

Автор: Д-р Фанка Гилевска, спец. офталмолог