Специјалист офталмолог и хирург
Област од посебен интерес:
- рефрактивна хирургија
- дијагноза и третман на кератоконус;
- дијагностика и третман на болести кај лица со дијабет
- медикаментозен третман на болести на ретината
Од блиску со д-р Фанка Гилевска
„До најдоброто решение доаѓаме со едукација на пациентите“
- Вашата професија е благородна, но и многу комплексна. Што најмногу ве мотивира во работењето?
Секој пациент, со својата офталмолошка приказна, што ќе дојде во мојата амбуланта. Патот до излекувањето е секогаш различен и секогаш одиме заедно.
Друга мотивација ми е истражувачката работа. Таа произлегува од потребата да ги анализирам и моделирам протоколите на работа, но и од мојата систематичност во пристапот кон пациентот. Пред три години се запишав на докторски студии, на Медицинскиот факултет во Загреб. Таму го заокружувам моето истражување во областа на рефрактивната хирургија – кератоконус. Верувам, дека моето истражување ќе најде примена во праксата на секој офталмолог.
- Каква метода е ласерската корекција на видот?
Таа е дел од рефрактивната хирургија, успешна метода со која на брз, безболен, безбеден и траен начин може да се ослободите од помагалата за гледање. Се работи за ласерско ремоделирање на рожницата. Тоа може да се направи во зависност од предоперативните параметри на рожницата и од големината на диоптријата. Кај некои пациенти корекција на диоптријата се изведува со имплантација на интраокуларни леќи. Тоа ни дава за право да кажеме дека има решение за секого.
- Кои се бенефитите од ласерската корекција на диоптријата?
Ласерската корекција на диоптријата е една од најизведуваните рефрактивни процедури во светот. На многу луѓе, помагалата за вид, очилата или леќите, им пречат во изведувањето на секојдневните работи и активности. На пример, кога се спортува, или пак кај професионалните возачи тие се недозволени. Со оваа метода, која трае само петнаесетина минути, пациентот може да функционира како никогаш да немал диоптрија. Резултатот е траен.
- Како пациентите се одлучуваат на ласерска корекција на диоптријата. Им „помагате“ ли во одлуката?
Секој од нашите пациенти е различен, има сопствени причини зошнто сака да се оперира нои сопствени дилеми и стравови. Откако ќе одлучиме кој оперативен зафат е најдобар за пациентот, низ долг разговор ја појаснуваме целата оперативна постапка и очекувањата на пациентот по зафатот. Низ тој разговор често се разјаснуваат митовите во однос на интервенвцијата кои пациентот ги добил читајќи на интернет. Чувството на доверба и безбедност која пациентот ја има на денот на операцијата, се создава токму низ тој разговор во кој пациентот учествува во планирањето на операцијата.
- Што најмногу влијае на однесувањето на пациентите?
Многу од болестите може да се спречат пред да почне да се лекуваат. Затоа најважни се редовни офталмолошки прегледи. Едукацијата на пациентите, преку разговорите со нив, може да го избрише стереотипот дека на доктор се оди само кога си болен. Од друга страна, треба да се има доверба во докторот, дека нема по секоја цена да се наметне лекување или интервенција. Напротив, со пациентите заеднички, доаѓаме до идеалното решение за корекција на видот.
- Вие сте тип на жена на која здравиот начин и е стил на живеење. Како го спроведувате ваквиот концепт?
Секој од нас има здрави и нездрави навики. Го гледам животот како баланс меѓу двете. Имам чувство дека кога имаме повеќе години, имаме и повеќе здрави навики, како да чувствуваме дека организмот може помалку да компенизира. Мене велосипедот ми е превозно средство до работа и назад. Тоа беше така и кога одев во средно училиште, и на факултет, и во Загреб на специјализација. Мојот син почнав да го возам на велосипед, истиот месец кога почна да седи. Здрава навика кон која се повеќе тежнеам е се што може да ми донесе мирни мисли. Многу сакам долги прошетки во природа.
- Се облекувате младешки и лежерно, не им робувате на брендовите и речиси никогаш не носите високи потпетици и неудобни тоалети за да бидете совршено дотерана. Што е за вас жена со стил?
Во недостаток на сопствени вредности луѓето се кријат зад туѓите. Брендовите се само визуелна форма зад која може да се скрие нечија празнина. Стилот е содржина и начин на препознавање на личноста. Јас се чувствувам совршено дотерана во моите патики. Гледам дека се почесто ги носат, изгледа станаа тренд.
- Вашата професија бара голем ангажман. Ви помага ли партнерот во извршувањето на домашните обврски?
Нема такво нешто како женска работа – им вели Биби на Џиновите.
- Дали и колку кај нас, жените се еманципирани?
На таа тема може да зборувам од позиција на привилегија. Без разлика на сопствениот труд, свесна сум колку ми помогнало квалитетното образование, родителите без предрасуди, вистинските пријатели. Тоа ме штити од евентуалната дискриминација, затоа што сум жена. Многу жени ги немаат горе наведените привилегии. Дискриминацијата на жените, кај нас, за жал е реален, присутен и слоевит проблем.