Дали знаете што е амблиопија (мрзливо око)?

Амблиопија, слабовидност или „мрзливо око“ е око каде што не дошло до развој на нормална видна функција во детската возраст. Се среќава од 2-3% во популацијата. Најчесто се јавува на едното око, но може да бидат слабовидни и двете очи.

Кога се јавува и што е причина за појава на амблиопијата ?

 Амблиопијата се јавува во најраната детска возраст и ако не се открие навреме и соодветно не се третира, окото може засекогаш да остане со послаб вид. Постојат неколку причини за појава на амблиопија.
 
Најчеста причина за појава на амблиопија е постоење на страбизам (кривогледство). Окото кое гледа настрана има матна слика, мозокот ја исклучува матната слика која доаѓа од страбичното око заради што се јавува слабовидност.
 
Втора причина е постоење на нееднаква рефракциска грешка помеѓу очите. Тоа може да предизвика амблиопија на окото кое има поголем диоптер. Сликата што се создава во мозокот е заматена, па мозокот ја исклучува, а функцијата ја презема подоброто око или окото со помала рефракциска грешка. Може да се работи за далекувидост, кратковидост или пак постоење на астигматизам.
 
Третата т.н. депривациона амблиопија за среќа е најретка, а се јавува кога постои некаква пречка во оптичките медии, како на пример вродена катаракта.

Како може да се открие (симптоми)?

 Ако родителите или блиските забележат кривење на едното или пак двете очи веднаш треба да се јават кај офталмолог.
Ако родителите забележат замижување на едното око, вртење на главата на страна или пак негодување (плачење) на детето кога случајно сте го покриле подоброто око, веднаш треба да се јавите на офталмолог, без разлика за која возраст на детето се работи (понекогаш и во првите неколку недели од животот).
 

Како се лекува амблиопијата?

 Основно е да се форсира послабото око, што значи со затворање на подоброто око се принудува послабото око да ја превземе функцијата. Ако се работи за страбично око, прво се оперира за да се постигне нормален правец на окото (ортофорија), а потоа со затворање на подоброто око се стимулира функцијата на послабото око. Втор начин на лекување на амблиопијата е со ставање на капки (атропин) во подоброто (доминантно) око со што се предизвикува ширење на зеницата, а со тоа и добивање на поматна слика на истото, па послабото око ќе ја превземе функцијата.
И двата начина бараат упорност и голема соработка од страна на родителите и децата, кои во почетокот тешко го прифаќаат овој начин на лекување. Но правило е колку порано се почне со третман, толку подобро, а резултатите се многу подобри.
 

Што е ново во третманот на амблиопијата?

 American Academy of Оphthalmology во 2015 година на своето годишно собрание презентирала т.н. електронски очила кои можат да го заменат класичниот начин на лекување на амблиопијата. Во последниве 50 години, ова е за прв пат нов метод во лекување на мрзливото око. Електронските очила (абмлиз) или како што се нарекуваат „дигитален оклудер“, истовремено овозможуваат решавање на рефракциската грешка на окото (диоптријата) и прават оклузија (затворање). Изгледаат исто како и обичните очила, само што имаат вградено батерија која секојдневно се полни, не пречат во секојдневните активности на детето, а можат да ги носат деца од 3 до 10 години. Работат на принципи на замаглување на стаклото (ЛЦД) кое го овозможува вградениот микрочип. Тоа замаглување е однапред програмирано, врз основа на степенот на слабовидноста на окото. На пример, стаклото кое го покрива подоброто око се замаглува на секој 30 сек. со што функцијата ја презема послабото око.
 
Правени се испитувања со употреба на класичен оклудер и употребата на електронските очила, резултатите биле идентични. Меѓутоа, комфорноста која ја овозможуваат електронските очила сигурно ќе биде поприфатливо и за децата и за родителите како од функционална, така и од естетска гледна точка. Овие очила се достапни во САД.

Автор: д-р Мирјана Саздовска, спец. офталмолог