Блог

Страно тело во око? Еве што (не) треба да направите

strano-telo--povreda-oko-sistina-oftalmologija

При секојдневните работни и животни активности окото е изложено на влијанија од средината и во него можат да влезат разни страни тела како прашина, песок, мушички и крилца од инсекти, па се до ситни метални делови. Кога има страно тело, тоа може да се залепи на рожницата, конјунктивата или да се “скрие” под горниот капак.
 
Симптомите се чувство на страно тело, црвенило, солзење, заматен вид, чувствителност на светлина, боцкање и болка која при секое движење на окото се зголемува.
 
Доколку не сте во можност веднаш да се јавите кај вашиот офталмолог, кој со соодветна апаратура безбедно ќе го отстрани страното тело, следните препораки ќе ви се најдат во неизбежна ситуација.
 

Што треба да направите:
  • Измијте ги рацете со сапун и вода;
  • Пробајте да го измиете окото со млаз топла чиста вода, со мала чиста чашка која ќе ја поставите на вашето лице, така што со врвот ќе ви биде поставена на коската околу окото;
  • Ако носите контакни леќи, најдобро е да ги отстраните пред или за време на чистењето со вода. Некогаш страното тело може да заврши и под површината на контакната леќа.
Што не треба да направите:
  • Не се обидувајте да остраните страно тело што е залепено на рожницата;
  • Не се обидувајте да отстраните тело кое е навлезено подлабоко во окото;
  • Иако ќе ве предизвикува да го чешате, во ниеден случај не смеете да го чешате бидејќи може да ја изгребете површината на окото.

Повеќето повреди се лесни и поминуваат без компликации кога правилно се третираат. Компликација која најчесто може да настане е инфекција, ако страното тело не се отстрани или гребнатини (ерозија) на рожницата. Металните предмети реагираат со појава на ‘рѓа околу металот. Повеќето повреди од овој тип, кога правилно се лекуваат, заздравуваат во рамките на 48 часа. Доколку гребнатините на рожницата не се лекуваат може да се формира подлабок дефект, лузна, која трајно ќе го намали видот.
 
Освен површинските повреди и страни тела, перфоративните страни тела односно страните тела кои го пробиваат очното јаболко и влегуваат во внатрешноста на окото се многу посериозни и парадоксално се многу помалку болни. Бараат многу посеризно лекување, најчесто оперативно. Тоа се предмети кои се движат со голема брзина и се од метал.
 
Најдобриот начин да се спречи влегување на страно тело во окото е со носење на заштитни очила при работа во прашливи и ветровити региони, особено при работа со дрвени или метални струготини. Заштитните очила треба да се целосно прилепени и со странични штитови. Нормалните сончеви или диоптриски очила не се доволна заштита.
 
Д-р Александра Гочева Јерчиќ, спец. офталмолог

Scroll to Top